Жените кои учествуваа во Големата Октомвриска Револуција – кои беа тие? Изолирани поединци? Не, ги имаше многу; десетици, стотици илјади безимени хероини кои, чекорејќи рамо до рамо со работниците и селаните позади Црвеното знаме и паролите за советите, поминувајќи преку урнатините на поповско-царистичкото минато во новата иднина…
Погледнуваш во минатото и ги гледаш, овие маси безимени хероини кои Октомвриските дни ги најде како живеат во изгладнетите градови, во осиромашените села, опљачкани од војната… Шамии на главите (сè уште ретко црвени марами), износени блузи, закрпени зимски палта… Млади и стари, жени работнички и војнички сопруги, селанки и домаќинки од градската сиромаштија. Поретко, многу поретко во тие денови, службенички, образовани и културни жени. Но имаше и жени од интелигенцијата помеѓу оние што го понесоа Црвеното знаме до Октомвриската победа – учителки, службенички, млади студентки и гимназијалки, лекарки. Чекореа бодро, несебично, одлучно. Каде ќе ги испратеа – таму одеа. На фронтот? Капата на глава и стануваа борци на Црвената армија. Штом ставеа црвена марама на раката – брзаа до станиците за прва помош да го помогнат црвениот фронт против Керенски кај Гатчина [близу Петроград]. Работеа во службите за врска. Работеа посветено, радосно, полни со верба дека нешто важно се случува и дека ние сме мали делчиња од општата класа на револуцијата.
Во селата, селанките, останати без мажи (кои ги пратија на фронтот), ја одзедоа земјата од земјопоседниците и ја избркаа аристократијата од гнездата во кои беа вгнездени со векови…
Си спомнуваш на Октомвриските дни и не гледаш одделни лица, туку маси. Безбројни, како бранови од луѓе. Но каде и да погледнеш – насекаде жени: на митинзите, собирите, демонстрациите…
Сè уште сосема не им е јасно што сакаат, кон што целат. Но едно добро знаат: повеќе нема да ја трпат војната. Нема да ги трпат и земјопоседниците, да се богатат на нивна сметка… Разбранувано, загрижено големо човечко море во Седумнаесеттата година, а во тоа човечко море многу, многу женски глави…
Еден ден некој историчар ќе пишува што направија сите тие безимени хероини на револуцијата кои гинеа на фронтот, кои беа убивани од белите и ги преживуваа безбројните лишувања во првите години по револуцијата и сепак не го испуштаа од раце Црвеното знаме на советската власт и комунизмот.
Ним, на тие безимени хероини, кои загинаа за новиот живот на работниците во деновите на Големиот Октомври, им се поклонува младиот [Советски] Сојуз, каде сега радосно и бодро младината ја гради базата на социјализмот.
Сепак, од тоа море од женски глави во шамии и износени капи испливуваат ликовите на оние кому историчарот ќе им посвети посебно внимание кога, многу години од сега, ќе пишува за Големиот Октомври и неговиот инспиратор Ленин.
На прво место стои ликот на верниот сопатник на Ленин – Надежда Константиновна Крупскаја. Облечена во нејзиниот скромен сив фустан и постојано стремејќи се да биде во позадина; таа ќе се провлечеше незабележана на состаноците, потпирајќи се на некој столб. Но таа сè гледаше, слушаше, набљудуваше, за што потоа ќе му дадеше целосен опис на Владимир Илич, додавајќи ги своите соодветни коментари во врска со разумните, добри и нужни идеи.
Во тие денови Надежда Константиновна не говореше на бројните бурни собири, каде народот решаваше околу големото прашање: дали ќе има власт на советите? Но таа работеше неуморно како десна рака на Владимир Илич, кажувајќи од време на време на партиските состаноци кратки но вредни говори. Во моментите на најголеми тешкотии и опасност, кога многу силни другари паѓаа со духот и потпаѓаа во сомнежи, Надежда Константиновна секогаш остануваше иста, целосно убедена во правилноста на каузата и во сигурноста на нејзината победа. Од неа зрачеше непоколеблива верба и таа цврстина на духот, затскриена позади ретката скромност, секогаш делуваше бодро врз сите кои доаѓаа во допир со соборецот на големиот творец на Октомври.
Друг лик се појавува – оној на долгогодишниот соборец на Владимир Илич, на неговиот верен оруженосец за време на тешките години на илегалната работа, посветениот спроведувач на партиските одлуки, секретарот на Централниот комитет на партијата, Елена Дмитриевна Стасова. Висока, јасна глава, ретка прецизност во работата, ретка способност за работа и ретка умешност да се „воочат“ вистинските луѓе за некоја работа. Ја гледаш нејзината висока, стамена фигура во Таврическата палата, во Советот, потоа во домот на Кшесинскаја и на крајот во Смолни. Во своите раце држи нотес, а околу неа се вртат, застануваат, добиваат брз и јасен одговор другарите од фронтот, работниците, црвеногардејците, членовите на партијата и на советите…
Многу одговорна улога има Стасова, но кога некој другар ќе се соочеше со некоја потреба и во тие бурни денови – секогаш одговараше, кратко, наизглед суво, а самата – што е можно ќе направеше. Работеше – како да има повеќе раце и секогаш беше на своето место. Секогаш беше на своето место, но во првите редови, во видното поле – не се туркаше. Не сакаше да биде во центарот на вниманието, не се грижеше за себе, туку за каузата.
За големата, сакана кауза на комунизмот, за која Елена Стасова живееше во прогонство и накалеми болест во царските затвори… За каузата – таа беше како камен цврста, челична. Но за страдањето на другарите – таа покажуваше сензитивност и подготвеност, онака како што тоа го може жена со благородно срце.
Клавдија Николаева – работничка со многу скромно потекло. Уште во 1908 година, во годините на реакцијата, им се придружи на болшевиците. Прогонувана, затворана… Во Седумнаесеттата година се врати во Ленинград [Петроград] и стана срцето на првото списание на работничките „Комунистка“. Уште млада, целата со жар и нестрпливост. Но го држеше знамето цврсто. И смело говореше: работничките, жените на војниците, селанките да се вклучат во партијата. На работа, жени! На заштита на советите и комунизмот!
Таа зборуваше на собирите, самата сè уште нервозна и несигурна во себе, но привлекувајќи ги другите. Таа беше една од оние што на своите рамена ги носеа сите тешкотии на подготовките на патот за широкото, масовно вклучување на жените во револуцијата, каде ќе се борат на два фронта: за совети и комунизам и, истовремено, за еманципација на жените. Клавдија Николаева и Конкордија Самоилова, која загина на своето револуционерно место во 1921 година (од колера), тоа се две имиња со кои нераздвојно се поврзани првите и најтешките чекори на движењето на работничките, особено во Ленинград. Конкордија Самоилова беше неповторливо самопожртвуван партиски работник, многу успешен оратор, кој умееше кон себе да ги привлече срцата на работничките. Оние кои работеа крај неа долго ќе ја паметат Конкордија Самоилова. Едноставна во комуникацијата, едноставна во својата облека, посветена на исполнувањето на донесените одлуки, но затоа строга и кон себе и кон другите.
Особено упадлив е нежниот и привлечен лик на Инеса Арманд, која вршеше одговорна партиска работа за време на подготовките за Октомври, а по Октомври внесе многу креативни идеи во работата помеѓу жените. Со сета своја женственост и благост во односите со луѓето, Инеса Арманд беше непоколебливо цврста во своите убедувања и умееше достојно да го брани она за што сметаше дека е правилно, дури и кога имаше работа со доста силни противници. По Октомвриските дни, Инеса Арманд ги вложи своите сили во создавањето широко движење на работните жени. Делегатските собранија – тоа се нејзино дете.
Огромни заслуги во тешките и одлучни денови на Октомври во Москва има Варвара Николаевна Јаковлева. Во огинот на битките на барикадите, таа покажа цврстина достојна за раководителите на штабот на партијата. Многу другари тогаш кажуваа дека нејзината цврстина и непоколеблива храброст им даваше сила на колебливите и ги вдахнуваше оние што паднале со духот. „Одиме напред“ – до победа.
Спомнувајќи си за женските ликови на Големиот Октомври, волшебно оживуваат во сеќавањето сè повеќе имиња и лица. Можеме ли денес да не ѝ оддадеме почит на Вера Слуцкаја – самопожртвуваната работничка за време на подготовките за Октомври, убиена од козачки куршум на првиот црвен фронт близу Петроград?
Можеме ли да ја заборавиме Евгенија Бош – нејзиниот жив темперамент, секогаш подготвена за борба? И таа загина на своето револуционерно место.
Можеме ли сега да не спомнеме две имиња, тесно поврзани со животот и делувањето на В. И. Ленин – неговите две сестри – соборки: Ана Илинична Елизарова и Марија Илинична Улјанова?
… А живата, секогаш во брзање, другарка Варја од железничарските работилници во Москва? А работничката-текстилка Федорова со нејзината пријатно, насмеано лице и со бестрашноста кога требаше да се стои на барикадите под куршумите?
Можат сите да се излистаат? А колку се „безимени“? Цела женска армија хероини на Октомври. Нивните имиња може да се заборават, но нивната самопожртвуваност живее во самата победа на Октомври, во сите достигнувања и постигнувања, кои ги уживаат работните жени во Советскиот Сојуз.
Јасно е и неспорно дека Октомври без учеството на жените нема да можеше да го донесе Црвеното знаме до победата. Слава на работните жени кои чекореа под тоа Црвено знаме во Октомври. Слава на Октомври, еманципаторот на жените!
Превземено од: https://www.marxists.org/makedonski/kolontaj/1927/zeni-oktomvriska-revolucija.htm