Кога во 1917 година избувна Октомвриската револуција во Русија живееја околу 200000 Кинези. Многумина од нив ги вршеа тешките работи во индустријата и земјоделството и со задоволство се придружија на борбата против угнетувањето од земјопоседниците и капиталистите.

Во Црвената армија Кинезите важеа за најдисциплинирани и најистрајни борци. Тие не можеа да дезертираат ниту да се изгубат меѓу непознатото население во туѓа земја, така што нивната лојалност не беше доведувана во прашање.

„Кинезот е непоколеблив, од ништо не се плаши. Ако сопствениот брат му умре во битка, тој нема ни да трепне… Ако сфати дека на другата страна има непријател, тогаш тешко на тој непријател. Кинезите ќе се борат до последен здив“, напиша советскиот војсководец Јона Јакир во „Сеќавањата на стариот црвеноармеец“.

Затоа не е чудно што кинеските војници беа ангажирани на најважните воени боишта и за заштита на највисоките државни функционери, вклучувајќи го и Ленин. Советскиот лидер високо ја ценеше нивната служба. По загинувањето на Жен Фучен, командант на 225-от кинески меѓународен полк на Урал, Ленин лично ги посетуваше неговата вдовица и децата.

Кинезите беа познати по преданоста и беспоговорната послушност, па болшевиците често ги ангажираа во егзекуции и казнени акции. Онаму каде што на Русите можеби ќе им затрепереше раката, Кинезите дејствуваа строго по наредба и без никакви емоции.

Преземено од: https://mk.rbth.com/istorija/90256-lenin-go-chuvaa-kinezi