На околу 100 км источнo од Севиља во Шпанија се наоѓа мал град со 2 700 жители, наречен Мариналеда. Тој е еден од многуте земјоделски градови во провинцијата Севиља, опколен од километри рамни обработливи површини. Она со кое се разликува Мариналеда од сите други места во Шпанија, а можеби и во Европа, е тоа што во последните триесет години таа е центар на постојана работничка борба, место каде што постои, функционира и се развива реален социјализам. Имав среќа да го посетам овој град минатата недела, во време на длабока економска криза и политички цинизам, и бев крајно изненаден од неговите уникатни социјалистички достигнувања.
Во 70-тите и 80-тите години на минатиот век, со борбата за работни места и за поправеден земјоделски систем, работниците во Мариналеда многукратно окупирале и преземале обработлива земја од локалните земјопоседници и нивните раскошни имоти типични за регионот. Окупациите на земјиштата биле предводени од младиот, харизматичен, радикален социјалист и синдикалец Хуан Мануел Санчез Гордиљо од Sindicato de Obreros del Campo (Синдикатот на земјоделски работници, SOC). Во 1979 г. активисти на синдикатот основаат Colectivo de Unidad de los Trabajadores – Bloque Andaluz de Izquierdas (Колектив за единство на работниците – Андалуски лев блок, CUT), со цел да учествуваат во локалните избори во 1979 г. претставувајќи радикална социјалистичка платформа за земјоделски реформи. Партијата на колективот победила на локалните избори и Санчез Гордиљо станува градоначалник. Оттогаш до ден денес партијата го освојува мнозинстовото на сите локални избори. Во 1986 г. колективот станува дел од Izquierda Unida (Обединета левица, IU), главната политичка коалиција на социјалистички/ комунистички/зелени партии во Шпанија. Во градскиот совет на Мариналеда во моментот има седум советници од Обединетата левица и четири од реформистичката Partido Socialista Obrero Español (Шпанска социалистичка работничка партија). Санчез, кој обично носи палестински keffiyeh (шал), кој го добил како подарок кога бил во посета на Палестина, е учител по историја во градот и, освен што е градоначалник, пратеник е на Обединетата левица во андалузискиот парламент, портпарол на Колективот за единство на работниците и секретар на станбениот фонд (фонд за домување) на Федералниот извршен комитет на Обединетата левица.
Мариналеда го привлече вниманието на медиумите кога работниците од градот успешно презедоа 3000 акри (околу 1215 хектари) земјиште од Војводата од Инфантадо во 1991 година. El Humoso, како што се вика имотот, беше предаден на локалното население и сега се состои од осум земјоделски кооперативи, во кои работат повеќето луѓе. Дејноста на кооперативите е претежно трудово-интензивно производство на земјоделски култури како артичок, пиперки, грав, како и пченица и маслинки. Платата на сите работници е еднаква и изнесува 47 евра за шест и пол работни часа на ден. За споредба, во областа околу Мариналеда голем дел од земјоделското производство на сончоглед, пченица и други култури бара високо учество на капитал, односно скапи машини за производство. Според официјалните статистики, во градот од 2 700 жители има само 130 регистрирани невработени, што во време на длабока економска криза и невработеност во Шпанија е можеби најниска во целата земја. Практично, сите имаат работа.
Освен радикалната земјоделска реформа, Мариналеда исто така има развиено и уникатна форма на вистинска социјалистичка распределба на живеалиштата. За разлика од типичните финансиски шпекулации кои го уништија шпанскиот пазар на недвижнини, голем дел од квалитетните живеалишта во Мариналеда се изградени на општинско земјиште од страна на самото локално население, кое потоа станува сопственик на живеалиштата откупувајќи ги за само 15 евра месечно и притоа учествуваат во нивната изградба со однапред договорени работни часови во месецот. Изградбата на живеалиштата е помогната со материјали овозможени од локалните и регионални власти. Постои јасен договор дека граѓаните не можат да ги продаваат своите живеалишта било кога во иднина. Така, сопствениците немаат хипотеки и не постои можност за финансиски шпекулации. Работата што луѓето ја изведуваат при градењето на куќите се компензира со надоместок кој се одбива од трошоците за изградба. Советот спроведува серии на обуки и работилници по ѕидарство, електротехника, водоинсталатерство, столарија и еколошко земјоделие, знаења кои се во корист на програмата за социјално домување.
Пример за социјалистичката идеологија на Мариналеда и верувањето дека власта треба да биде во рацете на локалното население, се општите собранија организирани од локалниот совет, кадешто меѓу 400 и 600 луѓе од месното население се сретнуваат од 25 до 30 пати во годината за да ги искажат евентуалните проблеми и да гласаат по различни прашања. Локални собранија исто така се одржуваат на помали места – одредени улици или населби во градот кога ќе се појави потреба. Дополнително, се формираат работни групи за посебни прашања како на пример програма за култура, фестивали, градско планирање, спорт, екологија и мир.
Друг пример за оваа форма на локална демократија на советот е воведувањето на „буџети на учество“ (партиципативни буџети) – секоја година предложените инвестиции и трошоци од страна на советот се проследуваат на месните заедници на преглед и дискусија. За време на „Црвените недели“ локалното население се вклучува во доброволни работни акции за подобрување на улиците, градините, куќите и други корисни работи, со што не само што ја подобруваат својата околина, но и ја подигаат колективната свест на луѓето од регионот.
Трет пример за радикалната социјалистичка политика на градот е решението да нема локални полициски сили, што значи дека градот заштедува голем дел финансиски средства (околу 260 000 евра годишно), кои можат да се искористат за друго многу покорисни социјални услуги. Ова веројатно е уникатен политички став во Шпанија, ако не и во цела Европа, и по сè изгледа е успешна.
При мојата навистина кратка посета на Мариналеда, она што ми остави посебен впечаток беа социјалните услуги и образованието. Во градот има модерни училишта, целосно опремен здравствен дом, така што луѓето нема потреба да патуваат за да добијат стандардна терапија, активно ayuntamiento (зграда на Советот/општината), модерен и добро опремен спортски центар, домашни услуги за стари лица, пензионерски дом, голем културен центар, базен, фудбалски стадион и беспрекорно негуван парк на природата и зелени градини. Можеби највпечатлива е детската градинка која работи од 7 до 16 часот и кошта само 12 евра по дете месечно, со вклучен доручек и ручек за децата. Широчината на социјалните услуги во голем дел ги надминува очекувањата за град со население од само 2 700 жители.
Градот исто така си има сопствена радиостаница и телевизиски канал, задоволувајќи ја потребата за противтежа на конзервативните мејнстрим медиуми. Заедно со понудата на најразлична музика, разговори, вести и културни програми, Радио/ТВ Мариналеда промовира алтернативна идеологија базирана на солидарност, великодушност и колективен дух. Радиото и телевизијата се важни аспекти од политиката на советот во однос на распространувањето на алтернативни политички филозофии, базирани на радикална социјалистичка мисла и разни солидарни акции,особено за поддршка на борбата во Палестина, Западна Сахара и делови од Латинска Америка.
Во градот има улици наречени „Че Гевара“ и „Салвадор Аљенде“, како и „Солидарност“, „Братство“ и „Надеж“. Заедно со многу политички натписи и графити, сето ова игра улога во подигање на политичката свест и промовирање на вредности различни од оние на капитализмот. На официјалниот грб на градот пишува: “Marinaleda – Una Utopia Hacia La Paz” (Мариналеда – Утопија за мир).
За да се нагласи републиканската природа на градот, на грбот нема круна и е обоен во зелено, црвено и бело. Зелената боја сиболизира колективна утопија, белата – мирот, а црвената – активната и континуирана социјална борба. На грбот има исто така и гулаб, цртеж на градот потенцирајќи ја колективната природа и сонцето и полињата како приоритети на животната средина.
Еден фасцинантен аспект на градот беше речиси целосно отсуство на реклами по улиците. Малите локални продавници немаат истакнати реклами пред нив или на прозорците, дури и во баровите речиси и да нема реклами за пиво. Не знам дали тоа е намерна политика, но многу веројатно дека е, со оглед на доминацијата на рекламите кој го осакатува остатокот од Шпанија. Ако е така, навистина е многу освежувачки да видиш град лишен од репресивниот комерцијализам.
Во ерата на глобален процут на неолиберализмот и економска криза, Мариналеда и радикалната политичка патека по која тргнала, е чудесен пример што може да се направи кога луѓето заеднички се обидуваат да применат навистина радикални социјалистички политики.
Жителите на Мариналеда заслужуваат најголема пофалба и поддршка за она што го постигнале во последните 30 години. Во време кога цинизмот е длабоко навлезен во политиката, Мариналеда нуди освежувачки пример на тоа што сè уште може да се направи.
Поинаков, подобар свет е возможен!
Даглас Хамилтон (Douglas Hamilton) има работено како економист во голем број на истражувачки тела. Докторирал на тема Економска и политичка географија и има напишано опширно за голем број политички прашања. Тој има долга историја на политички активизам, особено на прашања поврзани со Куба и Латинска Америка. Моментално живее во Кадис, Шпанија.
Превод: ДСП – ЛЕНКА
Извори:
http://lifeaftercapitalism.info/around-the-world/197-a-town-called-marinaleda
http://www.spectrezine.org/marinaleda-where-better-world-exists
http://www.greens.org/s-r/54/54-07.html