Извршниот комитет на Советот на работничките претставници вчера, 23 ноември, одлучи да ја одбие апликацијата на анархистите за претставништво во Извршниот комитет и во Советот на работничките претставници. Самиот Извршен комитет ги даде следниве причини за оваа одлука: „(1) Во целоста на меѓународна практика, конгресите и социјалистичките конференции никогаш немаше вклучено претставници на анархистите, бидејќи тие не ја признаваат политичката борба како средство за постигнувањето на своите идеали; (2) претставени можат да бидат само партии, а анархистите не се партија“.
Сметаме дека одлуката на Извршниот комитет е во најголема мера правилен потег и од енормна важност од гледна точка на принципиелната и практичната политика. Ако го сметаме Советот на работничките претставници како работнички парламент или како орган на самоуправување на пролетаријатот, тогаш секако дека би било погрешно да се одбие апликацијата на анархистите. Колку и да е незначително (за среќа) влијанието на анархистите меѓу нашите работници, сепак одреден број работници несомнено ги поддржуваат. Прашањето дали анархистите претставуваат партија, организација, група или доброволен сојуз на истомисленици, е формално прашање кое нема големо принципиелно значење. Конечно, ако анархистите, додека ја одбиваат политичката борба, аплицираат за претставништво во институција во која се спроведува таква борба, оваа плачлива недоследност само покажува уште еднаш колку крајно нестабилни се филозофијата и тактиката на анархистите. Но, се разбира, нестабилноста не е причина да се исклучи било кој од „парламент“ или „орган на самоуправување“.
Ние ја сметаме одлуката на Извршниот комитет како сосема правилна и во никој случај не е во контрадикција на функциите, карактерот и составот на ова тело. Советот на работничките претставници не е работнички парламент и не е орган на пролетерско самоуправување, ниту орган на самоуправување воопшто, туку борбена организација за постигнување на одредени цели.
Оваа борбена организација вклучува, на основа на привремен, непишан борбен договор, претставници на Руската социјалдемократска работничка партија (партијата на пролетерскиот социјализам), на партијата на „социјалистите-револуционери“ (претставници на ситнобуржоаскиот социјализам, на крајното лево крило на револуционерните буржоаски демократи), и конечно многу „непартиски“ работници. Последните, сепак, не се непартиски генерално, туку се непартиски револуционери, нивните симпатии се целосно на страната на револуцијата, за победата за која се борат се неограничен ентузијазам, енергија и самопожртвување. Поради таа причина би било сосема природно во Извршниот комитет да се вклучат претставници на револуционерното селанство.
За сите практични цели, Советот на работничките претставници е неформален, широк борбен сојуз на социјалисти и револуционерни демократи, терминот „непартиски револуционер“, се разбира, претставува серија на транзициски фази помеѓу последните и претходните. Таков сојуз очигледно е потребен за спроведувањето политички штрајкови и за други, поактивни форми на борба, за итните демократски барања кои се прифатени и одобрени од страна на огромното мнозинство на населението. Анархистите во таков сојуз не би биле плус, туку минус; тие само ќе донесат дезорганизација и на таков начин ќе ја ослабнат силата на заедничкиот напад; за нив сè уште е „дискутабилно“ дали политичката реформа е итна и важна. Исклучувањето на анархистите од борбениот сојуз кој ја спроведува, како што се кажува, нашата демократска револуција, е сосема потребно од гледна точка на оваа револуција и е во нејзиниот интерес. Во борбениот сојуз има место само за оние кои се борат за целите на тој сојуз. Ако, на пример, „кадетите“ или „Партијата на законот и поредокот“ би имале човек кој би регрутирал неколку стотина работници во нивните петроградски организации, Извршниот комитет на Советот на работничките претставници тешко дека ќе ги отвореше своите врати за претставниците на тие организации.
Во објаснувањето на оваа одлука, Извршниот комитет посочува на практиката на меѓународните социјалистички конгреси. Ние топло ја пречекуваме оваа изјава, ова признавање на идејното водство на меѓународната социјалдемократија од страна на извршното тело на петроградскиот Совет на работничките претставници. Непријателите на револуцијата во Русија веќе заговараат со Вилхелм II и со секакви реакционери, тирани, милитаристи и експлоататори во Европа против слободна Русија. Не треба и ние да заборавиме дека целосната победа на нашата револуција има потреба од сојуз на револуционерниот пролетеријат на Русија со социјалистичките работници од сите земји.
Не без причина меѓународните социјалистички конгреси ја усвоија одлуката да не ги признаат анархистите. Помеѓу социјализмот од анархизмот лежи широк јаз, и залудно агентите-провокатори на тајната полиција и весникарските полтрончиња на реакционерните влади се преправаат дека ваков јаз не постои. Филозофијата на анархистите е буржоаска филозофија превртена наопаку. Нивните индивидуалистички теории и нивниот индивидуалистички идеал се наоѓаат во директна спротивност на социјализмот. Нивните ставови ја изразуваат, не иднината на буржоаско општество, кое се стреми со незадржлива сила кон поопштествување на трудот, туку сегашноста па дури и минатото на таквото општество, доминацијата на слепиот случај над распрсканиот, изолиран, мал произведувач. Нивните тактики, кои се сведуваат на отфрлање на политичката борба, ги разединуваат пролетерите и ги претвораат на дело во пасивни учесници на оваа или онаа буржоаска политика, бидејќи е невозможно и непожелно за работниците да се одвојат од политиката.
Во сегашната Руска револуција, сплотувањето на силите на пролетаријатот, неговото организирање, политичкото образование и воспитување на работничката класа, има исклучително значење. Колку поскандалозно е однесувањето на црно-стотинечката влада, колку поревносно нејзините агенти-провокатори настојуваат да ги разбрануваат страстите меѓу неписмените маси и колку повеќе очајните бранители на автократијата, која жива скапува, ја зграпчуваат секоја можност за дискредитирање на револуцијата со организирање на грабежи, погроми и убиства, како и со замајување на лумпен-пролетерите со пијачка – толку поважна е таа задача на организирање, која првенствено е во рацете на партијата на социјалистичкиот пролетаријат. Поради тоа, ние ќе ги употребиме сите средства на идеолошката борба за влијанието на анархистите врз руските работници да остане занемарливо, какво што беше и досега.
Преземено од: https://www.marxists.org/makedonski/lenin/1905/anarhizam.htm