Разговор со финансинспекторот за поезијата – Мајаковски

0
368

Граѓанине финансинспекторе!
Простете што ве беспокојам.
Благодарам… не тревожете се… јас ќе постојам…
Доаѓам кај вас со проблем деликатен:
местото на поетот меѓу работниот народ.
со сопствениците на дуќани и имоти
за неплатен данок и јас сум на ред.
Од мене барате петстотини за периодот шестмесечен
и дваесет и пет што не ги пријавив однапред.
Мојот труд со секој труд е во сродство.
Погледнете – колку јас сум дал,
колкави се трошоците во моето производство
и колку се троши на материјал.
Вие, секако знаете што е тоа „рима“.
На пример, стихот завршува со „татко“.
Тогаш преку еден стих мора на крајот да има
во истиот ритам некакво: паткоатко – матко.
Зборувајќи по ваше, римите се – меници.
Отчет во секој втор стих – тоа законот го бележи.
И бараш ситнеж на суфикси и флексии
во празната каса од конјугации и падежи.
Почнуваш некој збор во стих да ставаш.
Атој не влегува – го стегнуваш – ќе се распарчи.
Граѓанине финансинспекторе, чесен збор ви давам
поетот зборовите бесплатно ги арчи.
По наше, римата е буре.
Буре со барут. Стихот е фитил што гори.
Стихот дочури и строфата
градот во воздух го крена, го разгори.
Кај ќе најдеш, по која тарифа има
рими кои вчас убиваат ко стрела?
Можеби печес непознати рими
останале само во Венецуела.
И паѓам де в студ, де в потишта сет.
Се препелкам, потонат во аванси и заеми.
Граѓанине, пресметајте го и патниот билет.
Поезијата е – сета – пат во незнаено.
Поезијата е – како добивање радиум.
За еден грам – со години се трудат.
Ваѓаш поради еден збор
илјади тони словесна руда.
Но каков им е на тие зборови искривениот кремен
покрај тлеењето на зборовите-суровини.
Тие зборови ќе кренат
милиони срца илјади години.
Поети има од секаков вид.
Понекој има рака лесна!
И од својата уста и од другите усти
ко маѓесник ваѓа песна.
А што да речеш за скопениците лирски?!
Со стихови туѓи се китат со наслада.
Тоа се обични проневери арамиски
во оваа земја од проневери што страда.
Овие денешни стихови и оди
со аплаузи и врева што минат
историјата ко печатарски расходи ќе ги води
на она што сторивме ние – неколкумина.
Треба, што се вели, да изедеш една ока сол
и стотина цигари да исчадиш
за да можеш од длабината на човечкиот бол
еден скапоцен камен да извадиш.
Симнете ја веднаш сумата на парите.
Скратете го налогот со десет!
Рубља и деведесет за цигарите,
за солта рубља и шеесет.
Вашата анкета графи – цело море:
Сте патувале? Не сте патувале?
А што ако јас десет пегази сотрев
во петнаесетте години што изминале?
Вие погледнете и со мои очи
на служењето на имотот на се’ друго.
А што ако јас сум народен водач
и едновремено – народен слуга?
Класата се гласи со зборот наш.
Ние сме, пролетерите, подвижници на перото.
Машината на душата со години ја расипуваш.
Велат: – Се исцрпил, в архива му е местото! –
Љубовта папсува, смелостите намалија
и челото мое времињата в лет го рушат.
Доаѓа најстрашната амортизација –
амортизирани – срце и душа.
И кога сонцето ко крмак дебел
над иднината среќна ќе засвети,
јас веќе ќе згнијам ко пес погребен
заедно со десетина другари поети.
Направете ја мојата посмртна сметка!
Ви тврдам и – знам не мамам:
Меѓу сегашните махери што плеткаат
само јас! нераздолжен ќе останам.
Наш долг е – да ревеме ко бакарногрла сирена
во мракот малограѓански кон бурата в пена.
Поетот е секогаш должник на вселената,
нему му е каматата на болот наплатена.
Јас им должам на бродвејските лампиони
и вам, багдадски небеса вишни,
на Црвената армија, на вишните на Јапонија
на се’ за кое не успеав да пишувам.
А што ќе и’ е воопшто таа шапка на Сена?
Да се лекува со рими, од ритми да се вжари?
Зборот на поетот е ваше воскресение,
ваша бесмртност, граѓанине, од канцеларии.
По векови, во хартија врамен,
најди стих времето да го повтори!
Со реа на мастило, со чудесен пламен
ќе дојде тој ден за сите финансинспектори.
Вие, на денешницата убеден жител,
извадете билет за бесмртноста своја,
пресметајте го дејството на стихот и разложете ја
на триста години заработката моја!
Но силата на поетот не е само тоа
што зарад вас некој во иднината ќе икне.
Не! и сега е римата по троа
и нежност и парола и камшик и штик е.
Граѓанине финансинспекторе, ќе платам пет,
сите нули од бројката се трици!
Јас барам со право да бидам на ред
со најбедните селани и работници.
А ако ви се стори дека било –
кај мене и туѓ збор да се скрие,
тогаш еве ви го моето перо
па пишувајте самиот вие!

1926, Мајаковски