Кој ги уби овие луѓе!?

Во очи на 11 Октомври, кога кај нас се слави победата над странскиот окупатор и фашизмот, во Турција се случи трагедија, бомбашки напад кој укажува на државен фашизам. Имено, на 10ти Октомври, работници, невработени, обесправени работници, административци, селани, архитекти, инженери, доктори, медицински сестри, студенти, просветители, медиумски работници, синдикати, политички организации, социјалисти, уметници и уште многу други обесправени луѓе кои живеат на територијата на Турција се собраа заедно во Анкара против САРАЈОТ на Ердоган, за правата на работникот, мирот и демократијата. Овој собир, кој го носеше името „собир за мир“ ги соедини проблемите на работникот со оние на курдите, и со оние на студентите, и на селаните, и на рударите, и на сите обесправени класно раслоени луѓе во државата. Тие излегоа заедно да му кажат „не“ на исламофашистичкото лудило на Ердоган, кој од ден на ден ја сели војната од Сирија на домашен терен. Овој собир одеднаш се претвори во крвава сцена. Две бомби една по друга експлодираа меѓу масата народ кој беше собран пред железничката станица во Анкара во саботата на 10ти Октомври.

Се претпоставува дека било самоубиствен бомбашки напад, кој е точно исцениран и со добро однапред испланирана цел од страна на власта. Пред да се случи нападот немаше полиција на настанот, но по експлодирањето на бомбите турската полиција одеднаш се појави и нападна со солзавец и водени топови врз веќе загинатите, ранетите и оние кои преживеале во толпата. Низ медиумите почнаа да кружат информации и видеа од крвавиот настан. Се разбира, партијата на Ердоган се обиде да ја земе за мета, односно да ја обвини Народната Демократка Партија (HDP) за ова, партија која отворено се бори за социјална правда, правата на работникот и демократија и која освои 80 пратенички места во парламентот на последните избори. Но, ова сценарио не му успеа на Ердоган. Ова само го покажува неговиот страв од сплотеноста на обесправената класа, од организирањето и застанувањето рамо до рамо на еден работник со угнетуван курд, со сиромашен селанец, со незадоволен студент, со борбен синдикалец и со секој од системот обесправен. Луѓето од собирот почнаа да скандираат: „Ердоган е убиец“, „Државата е убиец“…

Ова не е првпат во историјата на владеењето на АКП (Партија за правда и развој) да се случи напад од ваков тип во кој гинат невини луѓе. За време на владеењето на исламофашистичката партија на Ердоган ова е шести по ред напад, колеж, геноцид, убиство, како сакате наречете го, досега загинаа вкупно 546 невини луѓе, борци за правда, работници, сиромашни, социјалисти… И секој пат елитата на власт забрани да се чуе за нив, и да се праша: „Кој ги уби овие луѓе“!

Накратко вака:

28ми Декември 2011, во Улудере (градче на границата со Ирак), 34 сиромашни селани загинаа во воздушен напад од страна на воздушните турски сили, никој од политичарите на власт не даде оставка, беше донесена забрана за емитување на вести.

(Подоцна се дозна дека овие 34 жртви пренесувале гориво и цигари од Ирак, за да заработат за живот во сиромашното село, а за оваа цел го користиле патот кој бил користен од припадници на ПКК – Курдската Работничка Партија)

11ти Мај 2013 во Рејханли (Хатај, близу границата со Сирија), 54 невини луѓе загинаа , никој од политичарите на власт не даде оставка, беше донесена забрана за емитување на вести.

(Пред скоро еден месец од нападот, Националната разузнавачка служба на Турција (MIT), објави дека имало бомбашки напади во Сирија во близина на границата и дека сторителите имале планови истото да го направат и во Турција. Ова е показател дека штом Ердоган науми војна – ја има.)

13ти Мај 2014, во рудник во Сома, близу градчето Маниса, загинаа 301 рудар, никој од политичарите на власт не даде оставка, беше донесена забрана за емитување на вести.

(Официјалната причина за овој настан беше дека настанало пожар во инсталацијата поради човечки фактор и се случило несреќен случај на работно место. Неофицијалната и единствена причина е дека ова не е несреќа, туку убиство, затоа што условите за безбедност и заштита при работа, посебно кај рударите во Турција се на многу ниско ниво и често се случува да гинат рудари. Подоцна се дозна дека високи функционери на АКП се во близок однос со „Сома Холдинг“)

5ти Јуни 2015 во Дијарбакир, загинаа 4 активисти на ХДП (Народната Демократска Партија) вкупно 400 луѓе беа повредени за време на митинг на партијата, 2 дена пред изборите, никој од политичарите на власт не даде оставка, беше донесена забрана за емитување на вести.

(Ова помина како „несреќен случај“, експлозија во трафостаница)

20ти Јули 2015 во Суруч, 33 револуционери, припадници на Федерацијата на Социјалистички Младински Организации загинаа во бомбашки напад, никој од политичарите на власт не даде оставка, беше донесена забрана за емитување на вести.

(Младите активисти беа собрани пред културниот центар „Амара“ во Суруч, градче во Шанлиурфа. Тие имаа за цел да направат кампања за Кобане повторно да биде изграден, и да отидат до таму, да засадат 1000 фидани во чест на загинатите во борбата против И.Д и борбата за социјализам. За време на нивниот прес пред културниот центар  експлодираа 2 бомби. За овој напад се обвини „Исламска Држава“)

10ти Октомври 2015 во Анкара на непочнатиот собир за мир, сочинуван од работници, партии, синдикати, активисти и борци за мир и социјална правда, експлодираа 2 бомби, 120 луѓе загинаа и стотици се повредени. Се’ уште никој од високите функционери на АКП не си даде оставка, и овојпат се забрани емитување вести! Кој е овде убиецот!?

Овој чин само повеќе ќе ги сплоти обесправените против фашизмот на Ердоган врз народот. Нема да му успее целта да го уплаши народот, за да не се бори за поинакво општество. Токму стравот кој го има Ердоган во последно време од сплотувањето на обесправените и солидарноста меѓу нив за заедничка борба, ќе го уништи него самиот, како што кажал големиот поет и комунист Назим Хикмет: „Најголемиот страв го имаат оние, кои го продадоа народот свој“.

НЕМА ПРАВДА, НЕМА МИР!

БОРБАТА Е НАСЕКАДЕ, И ТАА ПРОДОЛЖУВА!

Автор: Сенада Ибраимова, член на ДСП „Ленка“

Последно