Држи ги зафатени, за да не почнат да мислат!

…Би сакал да го изнесам своето мислење за животот на парискиот садомијач (plongeur) колку и да тоа малку би вредело. Кога човек ќе размисли, чудно е како илјадници луѓе во големите модерни градови го поминуваат своето будно време триејќи ги со крпа садовите во премногу врелите подземни јами. Прашањето кое се поставува е зошто продолжува овој живот – на која смисла тој служи, кој сака тоа да продолжи и зошто?…Садомијачот е еден од робовите на модерниот свет. Тие паднале во замката на рутината која оневозможува размислување. Ако садомијачите би мислеле, веќе одамна би основале синдикат и би почнале да штрајкуваат за подобри работни услови. Но, тие не мислат, бидејќи за тоа и немаат слободно време; нивниот живот е претворен во ропство.

Прашањето е: зошто ропството и натаму трае? Луѓето на доста сигурен начин го земаат здраво за готово тоа дека сите работи имаaт разумна цел. Кога ќе видат дека некој работи некаква неугодна работа, мислат дека се` решаваат со тоа што таа работа ќе ја прогласат за неопходна. Така е и со садоперачката работа. Одредени луѓе мора да јадат во ресторани, па затоа други луѓе мораат да перат садови осумдесет часа неделно. Тоа е дело на цивилизацијата, затоа и не треба да се доведува под прашање. За ова вреди да се размисли.

Дали е работата на садомијачот навистина неопходна за цивилизацијата? Имаме чувство дека тоа мора да биде „чесна“ професија, затоа што е тешка и неугодна, а мануелната работа сме ја издигнале на ниво на фетиш. Гледаме човек како сече дрво, и веднаш сме уверени дека тој исполнува општествено корисна работа само затоа што тој ги употребува своите мускули; ни на крај памет не ни доаѓа дека тој можеби сече убаво дрво како би се ослободил простор за некаков си споменик. Мислам дека истото е и со садомијачот. Тој заработува леб потејќи се, но тоа не значи дека работи нешто корисно, освен што овозможува нечиј луксуз или привид на луксуз…

Уверен сум дека на дното на овој нагон за вршење бескорисна работа се крие целосен страв од толпа, од стадо. Стадото е збир од ниски животни кои би можеле да станат опасни ако имаат слободно време; посигурно е ако се премногу работно зафатени за да би мислеле. Прашајте било кој богаташ, кој случајно е и интелектуално чесен, што мисли за подобрувањето на условите на работникот, тој би рекол:

– Знаеме дека бедата е неугодна; иако, за нас е толку далечна, сепак добро е бар што се ужаснуваме во мисла за тоа колку е неугодна. Но, не очекувајте од нас да преземеме нешто. Вас, ниската класа, ја жалиме исто како што би жалеле шугава мачка, но со сите сили ќе се бориме против секое подобрување на вашите услови за живот. Нам ни изгледа дека вака е посигурно. Сегашнатa состојба ни одговара и нема да ризикуваме да ве ослободиме, па ни да ви дадеме еден час вишок на слободно време. Затоа, драги браќа, имајќи предвид дека мора да се препотувате за да ги платите нашите патувања, потете се и бидете проклети!

Накратко: садомијачот е роб, и тоа бескорисен роб кој работи глупава и воглавно непотребна работа. Во крајна линија на работното место го држат поради чувството дека може да стане опасен за поредокот доколку има слободно време.

Извадок од „Никој и ништо во Париз и Лондон“, Џорџ Орвел

Превод од хрватски: Климент Арнаудов

Последно