Македонското прашање и комунистите [Панделис Пулиопулос – 1940 година] (последен дел)

Пристап до првиот дел: https://lenka.mk/history_macedonia/makedonskoto-prashaњe-i-komunistite-pandelis-puliopulos-1940-godina-prv-del/

Панделис Пулиопулос – автор на текстот

За македонското прашање другарите Л., Т. и Кр. прилично добро дадоа разни погледи за историското и националното прашање . Непосредните барања на крајот на препораките на другарите Л. и Т. посебно ги заокружува точно нашите погледи. Нивните завршни општи пароли се само апстрактни и затоа немаат супстанцијална карактеристика на комунистички слогани, специфична форма и непосреден допир до широките маси.

1) „Самоопределување на македонската нација до отцепување“ (од државата во која е). 2) „Балканска Федерација на Социјалистички Советски Републики“. Ова треба да бидат нашите општи пароли; сепак не е точно дека ставовите на Архиомарксистите и ККЕ се „бундистички“ или „австромарксистички“. Овие две партии (Архио отсекогаш, а ККЕ од 1932 понатаму) никогаш не се бореа ниту за едно (1) непосредно барање на МакедонцитеТие го игнорираат нивното постоење јасно и гласно и велат дека грчката буржоазија ги расчисти прашањата со двојно подјармувачкото етничко чистење во Македонија, т.е. грчко-бугарската „доброволна“ размена и грчко-турска размена на население. Тие се буквално партиски агенти на грчкиот национализам. Кога се случило сталинистички парламентарец да проговори барем за едно, макар и неважно прашање од непосреден интерес за Македонците во Парламентот? А помеѓу останатите трагедии на таканаречена „Тврдина Акронафплија“ (во која Пулиопулос беше затворен во тоа време), најтрагична е таа на Македонците кои се затворени тука како сталинисти. Слушнавме дека има и Архиомарксист од овој најтрагичен вид.

Во критика на другарите Л. и Т. на стариот слоган на ККЕ (1924-1926) потребно е да направиме појаснување и додадеме за да ги избегнеме грешките кои немаат само историски значај: точно е дека слоганот „Обединета и Независна Македонија – Обединета и Независна Тракија“ на 7-та Балканска Конференција и на Посебната Конференција на ККЕ во 1924 не беше подржан. (Пулиопулос тогаш беше генерален секретар на ККЕ)

1) Не постои такво нешто како тракиска нација. Мешањето на Турците и Грците (Бугарите секогаш тука биле мало малцинство) не го поставува националното прашање таму во таа форма („тракиска нација“ како во времето на доријскиот упад – ова е очигледно.

2) Според тоа овој слоган го признава македонското прашање како територијално, а не како национално што и е. Македонија е територија која ги доведува до забуна бугарските националистички „автономисти“ и тие кои бараат слобода за македонскиот народ. Овој народ е конкретен само во дел од географскиот ентитет кој е наречен „Македонија“. Се разбира (а тука препораките од другарите Л и Т се најзадоволителни) револуционерната политика не ја разгледува целата проблематика статистичко-територијално, како што прават етнолозите и „социјалистичките“ лакеи на балканската буржоазија, туку динамички- револуционерно, и го остава дефинирањето на националните територии на вистински слободна волја на заинтересираните страни во братски односи. Но забуната што лошата формулација на нашите пароли ги погодува масите на угнетените и угнетувачките нации, може да ја попречи наместо да ја помогне целта на нашата интернационалистичка политика. И навистина ним им помогна: без поголема тешкотија грчкиот пролетаријат ја прифати супершовинистичката политика на ККЕ која ја наследи таа погрешна парола! Каков стравичен хаос се создаде во главите на сите борци и како тоа го попречува и ќе го попречува интернационалистичкото образование на нашата Партија!

Но грешката на тие слогани не е Тракија (која беше толку неважна, та недостасуваше од документите на ККЕ сè до 1 декември 1924 – таква беше стварноста!) ниту „неоснованата“ стварност на формулирањето на македонски слоган. Тие пароли се вистински опортунизам од најсилен авантуристички вид. За тие кои не се запознаени со анализата на првата лева опозициона група на ККЕ (се однесува на групата „Нов почеток“ на Пулиопулос сеуште членови на ККЕ во 1927) и подоцна тие на „Спартакос“ (теориски орган на Пулиопулос по исфрлањето на неговата група од ККЕ) во врска со ова најважно прашање, ќе појасниме тука.

По првиот (1923) и вториот (1924) бугарски пораз и по големиот германски пораз од 1923 (есента) сталинистичката бирократија почна да се стабилизира и сериозна ја поткопа Интернационалата (авантуристичкиот период на Зиновјев-Сталин (1924-1926)) и се центрираше на европската политика околу националните револуции (Радиќ, Словенците, Чесите, Украинците, Македонците итн.). Говорникот Мануилски на 5-от конгрес (1924) рече: „Бомбата што ја ставаме за успех на европската револуција сега се националните револуции“. Централно прашање кои ги засени сите други на 5от конгрес беше националното. Тогаш ККЕ се задолжи да го стави македонското прашање во центар на својата политика затоа што – како што изјавија Димитров и Коларов во Москва – „само така ќе ги победиме комитите, во сојуз со нас за освојување на власта во Бугарија. ККЕ мора да се подготви да даде некаква жртва за бугарската револуција, односно, балканската револуција“. Откако опортунистичките водачи на Бугарската КП го разјадоа движењето, тие паднаа во авантуристичка самоизмама кога поверуваа дека, поради тоа што работниците и селаните не може да ја освојат власта, тие ќе го направат тоа со договор за политички сојуз потпишан во Виена во мај 1924 со Александров и Протогеров. Само за 6 месеци, мрачниот сојуз колабираше со разоткривање на величината на слепилото на бугарската партија – според состав сталинистичка, под водство на Коларов и Димитров. Александров го убија, потоа и Протогеров, а комитите Македонци уште еднаш ја одиграа крвавата улога против комунистичките работници и селани на Бугарија (колежите по пучот на Велигден во април 1925), и падна жртви на „вечното пријателство“ на српската и бугарската буржоазија. Македонското движење како одвоена револуционерна организација беше забранета и во Бугарија, исто така.

Согласно логиката на политичкиот опортунизам спрема македонскиот Комитет, нашата парола не би требало да ги изразува нашите ставови и принципи за националното македонско прашање, ама требало да бара независна Македонија (и Тракија). Затоа и сталинистичката бирократија, која по екстремистичката фаза на зиновјевизам премина во опортунистичката, бухаринистичката, го прати Батулеску како претставник на Интернационалата во Грција. Тој одненадеж предложи да „се повлече паролата“ токму во моментот кога ЦК на Партијата требаше јавно да ги брани на суд (Пулиопулос, меѓу другите како генерален секретар на Партијата) пролетерскиот интернационализам и честа на Партијата. И ЦК со своите ставови ја зачува честа на борбениот пролетаријат и на ККЕ, со тоа што го испрати поѓаволите смешниот апаратчик на Сталин, но „бомбата“ на Мануилски се покажа дека не е бомба во основите на европскиот капитализам, туку во европскиот комунизам. Навистина, за една година, целата жестока литература на 1924 за националното прашање се префрли во тажните архиви на сталинизираната Интернационала.

На 3от Конгрес на ККЕ (март 1927) сталинистичкиот претставник на КИ Ремел (по победата над троцкизмот и првата лева опозициона група на ККЕ со клевети, заврши во концентрационите логори во Туркменистан и конечно пред стрелачкиот вод) ја повлече паролата. Типично, се разбира, тој ја насочи против нашата опозиција заради внатрешен престиж на бирократијата, искористувајќи ја општата доверба во Партијата на Лениновата Интернационала и партиската незапознаеност со лево опозиционерското движење, кое што што туку ги напушташе руските граници.

1. Koj го побива постоењето на до ден денес нерешеното, национално македонско прашање во грчка, бугарска и српска Македонија, е без сомнеж лакеј на буржоазијата.

2. Кој го побива историското ослободително движење на Македонците, е или неук и мора да ја научи историјата на тоа движење и нејзините национални херои, или е повторно лакеј на една од трите угнетувачки буржоазии.

3. Ова движење до сега е задушувано во крв и предавство, или претрпе штетна, со оглед на интересите на македонските работници и селани, експлоатација од страна на балканската буржоазија (посебно бугарската).

4. Ова движење може повторно да се развие под нови поволни историски услови – социјални, економски (безмилосната експлоатација на македонските маси од освојувачките национални буржоазии, аграрното прашање итн.) политички (внатрешна криза на балканските држави, војна) и културни услови.

5. Кој ја побива оваа можност е слеп или се прави слеп, ако не е лакеј на националистичките подјармувачи на многу-страдалниот македонски народ.

6. Комунистите, соочени со скршените и предадените национално-ослободителни движења или со етничкото чистење и подјармување на нивните национални буржоазии не ги затвораат очите и не стануваат обожувачи на „свршен чин“. Тие нема да ја одрекуваат стварност на национално угнетување на нацијата и нејзиниот копнеж (во срцето и душата на секој македонски работник) и да се урне националниот синџир еден ден. Комунистите овие ослободителни копнежи на македонскиот народ ги прават свои и гласно го изјавуваат од сега неговото право за самоопределување, до отцепување ако така посакаат. Тие секојдневно ги бранат непосредните национални барања, економски, политички, културни и така ја подготвуваат идниот револуционерен сојуз на социјалното револуционерно движење на пролетаријатот со националното револуционерно движење на Македонците против заедничкиот непријател: балканската буржоазија.

Превземено од: https://www.marxists.org/makedonski/pouliopoulos/1940/makkom.htm

Последно