По повод акцијата на балканскиот пролетаријат на 14 март 1910 година, Скопската социјалдемократска организација ја донесе следната
Резолуција
Собранието смета:
1. Дека европските капиталистички сили со пласирањето на своите капитали во вид на заеми и индустриски потфати успеаја да го вовлечат Балканот во своите „сфери и влијанија“ и разделувајќи го со чести и неприродни граници и поттикнувајќи го антагонизмот и амбициите на балканските династии и владејачки класи, им ја одземаат на балканските народи можноста за културен и економски развој и напредок. А во однос на мешањето на европските сили во внатрешните балкански работи прво место заземаат апсолутистичка Австрија и деспотска Русија, чии што надворешни политики повеќе од 200 години се насочени кон освојување и поделба на Балканот.
2. Дека балканските династии и владејачки класи со својата антинародна и милитаристичка политика на заеми самите ја отвораат вратата на мешањето на капиталистичките сили во внатрешните работи на балканските земји и, насочувајќи ја надворешната политика на државите согласно продадените интереси на династиите или по желба на оваа или онаа голема сила, водат директно кон предавство на балканските народи и кон формално освојување и поделба на Балканот. Посетите на балканските владетели на шефот на црностотинците се најголем доказ дека влијанието на Русија на Балканот расте, а тоа е многу лош симптом, зашто историски е докажано дека секое мешање на Русија на Балканот имаше лоши последици за балканските народи и особено кога тоа се прави во договор со Австрија.
3. Стоејќи на гледиштето на резолуцијата на Првата балканска социјалдемократска конференција, собранието смета: дека династиите и владејачките класи на Балканот со својата предавничка, антинародна и милитаристичка политика не се во состојба да донесат вистинско зближување на балканските народи и нивно групирање во една федерација, а најмалку под патронат на рускиот царизам, кој со продадените успеси на својата надворешна политика сака да го оправда својот крвав режим во Русија.
4. Дека младотурската партија со својата реакционерна и панисламска внатрешна политика и со својата надворешна политика на продавање на своите народи даде премногу докази дека е неспособна за едно демократско владеење, а уште помалку за остварувањето на балканската конфедерација.
5. Дека само социјалната демократија со својата класна борба на пролетаријатот ги зближува балканските народи и како цврста отпорна сила против освојувачката политика на европскиот капитализам, ги води балканските народи кон балканската федерација.
6. Собранието протестира против освојувачката политика на Русија и Австрија на Балканот и особено против спроведувачите на таа политика – династиите и владејачките класи на балканските држави.
Да живее балканската федеративна република!
Превземено од: https://www.marxists.org/makedonski/istorija/makedonija/skopje1910.htm