Шпанска граѓанска војна (17 јули 1936 – 1 април 1939), позната и како Шпанска револуција — војна помеѓу шпанската републиканска влада и нејзините левичарски поддржувачи, од една страна, и бунтовниците, војската и фашистите, на чело со Франциско Франко од друга.
Во тек на Шпанската граѓанска војна учествувале стотина комунисти од Македонија од страната на шпанската републиканска влада.
Во прилог македонските учесници со непознато место на раѓање
1. Ангелушев Димитров Живко – роден 15 јануари 1897 во Маглиж, регионот на Стара Загора, Бугарија, во семејство со потекло од с. Плевна, Драмско. Во младоста емигрирал во Германија, каде што работел во универзитетската болница во Берлин. Специјализирал оториноларингологија и неврохирургија. Бил член на КП Германија. По доаѓањето на Хитлер на власт, бил затворен. Потоа пребегнал во Франција, а од таму во САД. Во Шпанија дошол од САД во октомври 1936 година. Бил директор на универзитетската болница во Мурсија. По војната прво бил во Франција, а во 1940 година се вратил во САД. Напишал книга за Шпанија, “Ein Artz erlebt Spanien” (Detroit, 1939). Бил еден од основачите и потпретседател на Друштвото на пријателите на Нова Југославија во Њујорк. На иселеничката конференција во Кливленд во февруари 1946 година бил избран за претседател на Иницијативниот одбор за изградбата и екипирањето на болницата во Скопје. Ја посетил Македонија во 1957 година, а по Скопскиот земјотрес во 1963 година учествувал во испраќањето помош од САД. Починал во Њујорк, на 17 јули 1979 година. Негов брат е бугарскиот уметник Борис Ангелушев.
2. Аристов Глигор [или Грегор] – роден 1903 година.
3. Белов Мајк — роден во 1888 година. Живеел во Толедо, САД и работел како работник на фарма. Бил член на Фармерско-работничката партија. Во Шпанија пристигнал на 23 март 1937 година. Бил во 15-та бригада – баталјон „Абрахам Линколн“ и во 129-та бригада. Бил кувар. Бил ранет во битките. Во САД се вратил на 4 февруари 1939 година.
4. Бузев Димитар — од Њујорк, САД.
5. Василевски [или Василев] Наум — роден 1912 година.
6. Влканов Никола — дошол од Париз, Франција. Стрелан во концентрациониот логор Дахау, Германија.
7. Димков Георгиев Димо – роден 1910 година, работник. Дошол од Франција.
8. Димов Тошо (Кондураџијата) — во Шпанија дошол од Белгија.
9. Исценски Тодор — роден 1900 или 1909 година. Загинал на 2 мај 1938 година.
10. Јанков Петар — дошол од Белгија 1936 година.
11. Јанков Тодор (или Јанковиќ) — роден 1901 година. Рудар. Дошол од Франција на 30 јуни 1937 година.
12. Комитов Јанко — артилерец во тешката артилерија.
13. Комитов Марко — загинал на 23 мај 1938 година.
14. Кочмаровски Александар — шумски работник. Во Шпанија дошол во 1937 година. Бил во баталјонот „Ѓуро Ѓаковиќ“. Загинал на 14 јули 1938 година на фронтот кај Пена сан Марко [Пањамарко] на Арагонскиот фронт.
15. Ладовски Михаил — работник. Во Шпанија дошол во ноември 1936 година од Франција. Бил во 13-та интернационална бригада, баталјон „Чапаев“. Загинал на Теруелскиот фронт на 31 декември 1936 год.
16. Наумчевски Волче — загинал.
17. Недев Георги — евидентиран како борец во Шпанските републикански единици.
18. Николов Петар — роден 1910 година. Во Шпанија дошол од Франција. Загинал.
19. Павковски Владимир — бил во баталјонот „Домбровски“. Загинал на 20 ноември 1936 година кај Каса де Кампо, Мадрид.
20. Павлов Стојан (Џорџ) — роден 1893 или 1899 година. Железничарски работник. Член на Комунистичката партија на САД од 1927 година. На 6 февруари 1937 година од САД заминал за Шпанија, каде што пристигнал на 17 февруари 1937 година. Бил во 15-та бригада – баталјон „Абрахам Линколн“. Бил кувар. Прво бил во Албасете, а потоа во Алманса. Загинал [или се вратил во САД во јануари 1938 година?].
21. Паунов [или Паунков] Ганчо — работник, загинал на 17 ноември 1936 година во одбраната на Мадрид.
22. Пол Џорџ — од Милвоки, САД.
23. Рајчев Васил — артилерец. Загинал во Шпанија.
24. Рачев Желеско — роден на 3 мај 1897 година [во село Емен, Велико Трново?]. Работел како кројач. Член на Комунистичката партија на САД од 1927 година. Живеел во Кливленд, САД. Во Шпанија пристигнал од САД на 5 мај 1937 година. Бил во 15-та бригада, баталјон Мекензи-Папино. Се вратил во САД на 5 ноември 1938 година.
25. Рели Џим (Јован) — роден 1913 година. Бил член на КП Канада од 1936 година. Дошол од Канада на 30 мај 1937 година. Евидентиран е како Македонец. Бил во 15-та бригада. Се вратил во Канада во февруари 1939 година.
26. Ристо (Христо) „Шивачот“ — во Шпанија дошол од Белгија.
27. Силов Ерих (Енрике) — во Шпанија дошол од Аргентина кон крајот на 1936 година.
28. Симеонов Борис — роден 1894 година. Бил член на КП Канада од 1936 година. Во Шпанија дошол од Канада во мај 1937 година. Бил во 129-та бригада. Се вратил во Канада во февруари 1939 година.
29. Симеонов Глигор — бил во тешката артилерија во словенската група. Загинал во 1936 година во Мадрид.
30. Симов Александар — роден 1900 година. Во Шпанија дошол од Франција. Бил во баталјонот „Димитров“. Загинал 1938 година [или 1937 кај Брунете].
31. Симон Милош — роден 1892 година. Дошол од Белгија.
32. Скопјанец Ангел — дошол во јануари 1937 година. Загинал. [Видете горе: Димов(ски) Стојанов Ангел]
33. Софронов — во јануари 1938 година бил во баталјонот „Димитров“.
34. Спасовски Трифунов Стефан — роден 1913 година. Борец во баталјонот „Димитров”. Загинал во 1938 година.
35. Стојков Емил (Братко) [Емилијан] — роден во Бесарабија. Работник. Дошол од Франција во октомври 1936 година. Бил борец во 11-та интернационална бригада, во баталјонот „Домбровски“. Загинал во април 1937 година на Гвадалахара.
36. Тамсон Џан — од Чикаго, САД. Бил член на КП САД. Во Шпанија дошол од САД во февруари 1937 година. Бил во баталјоните „Димитров“ и „Ѓаковиќ“. Се вратил во САД во март 1939 година. Починал во Илиноис, САД во 1953 година.
37. Трифунов Стефан (Стојан) — роден 1911 година. Борец во баталјонот „Димитров”. Загинал 1938 година на Арагонскиот фронт.
38. Чучков Симо — роден 1907 година. Во Шпанија дошол од Франција во 1937 година. Борец во II-та чета на баталјонот „Дивизионарио”. Стрелан во концентрациониот логор Дахау, Германија, во 1942 година.
Превземено од: https://www.marxists.org/makedonski/istorija/spanija/makedonski_spanci.htm