Во борбата со балистите на 27 април 1943 година во Ново Село, Гостиварско, биле заробени десет македонски партизани. Тие набрзо биле префрлени во затворот во Тирана каде што на 16-17 мај 1943 година италијанските фашисти обесиле шестмина од нив: Илија Антевски – Смок, Душко Поповиќ, Христо Оџаклиевски, Раде Угриновски, Драги Тодоровски и Трифко Андоновски. Истиот ден, Околискиот комитет на Комунистичката партија на Албанија за Тирана организирал масовни демонстрации на кои излегле илјадници жители на Тирана.
На 17 мај фашистите обесија во Тиранскиот затвор 6 македонски патриоти. Во Тирана се раздели летокот, кој го печатиме тука подолу. Учениците од училиштата, во знак на жалост, спроведоа штрајк. Да се живи! Петтата колона со некои свои агенти, божем 100% патриоти, а учениците биле само 90%, се побунија затоа што тие, пак, божем направиле злосторство против албанскиот народ! Кога би тие направиле злосторство против албанскиот народ сигурно би биле капетани во квестурата или во полицијата во Софија, во Белград или во Тирана и не ќе се бараа со свеќа од фашистичката полиција по целиот Балкан. Тие се бореа против еден непријател кој е и наш непријател, затоа тие беа наши пријатели и со своите сеќавања ни се блиски. Не може да се трпи кога го бесат твојот пријател пред вратата од куќата! Нека замолчат интригантите по кафеаните и шпекулантите со патриотизмот.
Народе на Тирана, шест Македонци, борци за слобода, ги бесат денес фашистичките колачи на тиранската земја.
Народе на Тирана, на својата земја си ги видел обесени од фашистичките џелати твоите почитувани синови: Шукри Ишма, Амид Шијак, Ферит Џајо и Никола Тупе; на својата земја си видел како се убиени како лавови војувајќи за слободата на Татковината: Ќемал Стафа, Војо Куши, Садек Ставелци, Џорџ Мартини, Мисто Мане, Михал Дури и други; на твојата земја сега гледаш обесени, исто така од крвавите раце на фашистичките колачи, шест деца од македонски мајки, кои војуваа, исто така како твоите синови, со иста душа на самопрегор и жртви против фашистичкиот окупатор и против предавниците, а за слобода на својата Татковина. Тероризмот извршен над тие шестмина македонски херои на албанска земја, поради истата идеја – за ослободување од фашистичкото ропство, нè прават уште повеќе да бидеме солидарни, со соседните народи нè сврзуваат со заеднички пролеаната крв. Борбата на тие херои е и наша борба, тоа е народноослободителната борба на потиснатите народи против поробувачкиот фашизам и против неговите квислинзи.
Протестираме сите заедно против ова срамно злосторство, против владата Либокова – Кол Биба, против балканските квислинзи, кои се десна рака на фашизмот на Балканот и заколнати непријатели на народите, против криминалната алијанса на предавниците Либокова – Кол, Биба – Мер, Лика – Борис – Антоанеску – Павелиќ – Недиќ, против заедницата на балканските терористи со фашистичкиот окупатор.
Долу фашистичките окупатори и нивните квислинзи!
Да живее единството на потиснатите народи во борбата за слобода!
Смрт на фашизмот – Слобода на народот!