МАРТ – МЕСЕЦ НА РОДОВА РАМНОПРАВНОСТ

За едно ново раѓање на старите сништа…Ох, силно светнал ден!

Со цел да укажеме на неопходноста од феминизмот и тоа во неговата социјалистичка форма, како и на неговиот паралелен развој со дискурсот на бројните левичарски движења, Движењето за социјална правда – ЛЕНКА го прогласува овој месец март за МЕСЕЦ НА РОДОВАТА РАМНОПРАВНОСТ.

Зашто еднаш рекоа: „Без жените нема револуцијаˮ! „Без жените нема половина од човечкиот родˮ!

ДСП ЛЕНКА годинава го избра март – НЕ како месец на жената, што во најлошо искористената форма на исказот, најчесто би алудирало на вечната борба на жените и мажите за доминација, превласт, докажување на едните над другите, на една сексистичка битка која разединува, наместо да обединува, туку напротив – како месец во кој ќе се обидеме да ги доближиме подзаборавените (или искористените) идеали на феминизмот како социјално движење со еден сон за ЕДЕН „човечки род“, СОН за ЕГАЛИТАРНО општество!

Имаме намера да потсетиме на вистинското значење на 8-ми март; на успесите и на соништата на револуционерките од XIX и XX век; на фактот дека жената има право да биде ценета, почитувана, слободна, исто како и мажот – но ни помалку ни повеќе од него. Дека двата рода треба да се насочат во борба против оковите на партијархалното општество, доминацијата, насилството и искористувањето, во борба против системот кој произведува патријархални вредности и создава поделба и дискриминација по родова основа.

И по кој знае кој пат да го изразиме ставот против обидите на конзервативните сили кои преку промовирање на „семејни вредности“, кампањи за зголемување на наталитетот и рестриктивни закони за абортус (кој инаку треба да е основно право на жената) – ја третираат истата како машина за раѓање, ценејки ја како жена АКО и САМО АКО е мајка, притоа потценувајќи ја нејзината способност, слобода и право сама да одлучува за своето тело.

Ќе се обидеме, преку филмски проекции, отворени дискусии, трибини, изложби на уметнички дела и фотографии, со музика, преку преводи на значајни дела, авторски текстови, да дадеме зародиш на нешто што треба да го гаиме и растеме во иднина сите ние, со заеднички сили. Зашто искуството покажа дека не е доволно само законско регулирање на темелните слободи и праваако од друга страна свеста на народот стагнира и им отстапува место на стереотипните гледишта и ставови.

Сакаме да направиме јасна разлика и дистанцирање од либералните и идентитетски борби, кои свесно или несвесно го поддржуваат и на тој начин му овозможуваат опстојување на капиталистичкиот систем, а, патем се немоќни да донесат суштински промени во општеството и на жената да ѝ го овозможат местото кое го заслужува – рамо до рамо со мажот. Различна, а рамноправна – но не само законски, не само навидум преку насочување на битките кон градење на индивидуи од двата рода со компетитивен, кариеристички и конзумеристички настроен дух (што е одлика на моменталниот систем), туку личности кои ќе се изградат на основите на солидарност, соработка, емпатија и разбирање.

Па, ајде да ја започнеме борбата преку подигање на свеста и целосна еманципација, за потоа истата да ја насочиме кон Системот како заеднички непријател!

Alea acta est!

Велат пред да раздени – најтемно е,
Со трепет и копнеж во очекување на белите мугри!

Движење за социјална правда – ЛЕНКА

Последно