Теураџи Ропа (нејзиното име во превод значи „Пролеана крв“), герилка и секретар за женски прашања на ЗАНУ:
„Заедничко на сите наши жени е желбата да ја ослободат нашата земја, бидејќи знаат дека само преку ослободување може да се подобрат условите за живот на жените во Зимбабве. Сега сме во неповолна положба како и сите во Зимбабве, кои сме експлоатирани од режим поддржан од странскиот империјализам. Тоа значи недостиг на земја, ниски плати, лоши работни услови, лоши животни услови, глад, недостаток на здравје, образование итн. Но жените страдаат и од тоа што мажите ги третираат како стока, што е проблем на жените во сите капиталистички општества. Потоа има феудално угнетување… и ние се бориме против сето тоа преку нашата борба за ослободување на Зимбабве.
Женските движења на Запад се различни од нашето движење. На Запад, овие движења се поврзуваат со образованите жени од средната класа, а не со масите. Во Зимбабве, нашата борба се потпира на работничките и селанките. Оваа разлика во класната основа нужно произведува разлики во идеолошката ориентација. Според тоа, нашата борба е поврзана со соборувањето на капиталистичкиот систем на експлоатација. Женските движења на Запад имаат повеќе публикации и се пошироко познати. Нашите жени се жени на акција, а имаат помалку време за презентации во странство. Можно е тоа да е грешка, бидејќи малку се знае за нашата борба.
Жените одиграа клучна улога во мобилизирањето на масите во Зимбабве. На почетокот, нашата партија имаше проблеми да ги убеди масите во можноста за победа над доселениците и нивната нацистичка војска и полиција, но штом ја добивме довербата од жените, стана полесно да ги убедиме другите. Мажите се срамеле што заостанале зад жените во борбата против нацистите. Така, мобилизацијата на жените на позициите на лидери, борци, медицински и социјални работници во голема мера ја зголеми нашата борба.
Бидејќи доаѓаме од капиталистичко општество каде што експлоатацијата е начин на живот, би било изненадувачки да не сме заразени со менталната и емоционалната состојба на умот што ја создава експлоатацијата. Експлоатацијата во сите нејзини форми не е само експлоатација на трудот на масите што создава вишок вредност и збогатува неколку капиталисти, туку вклучува и манипулација на масите во корист на малкумина; што вклучува сексуална експлоатација, каде што жените се манипулирани и користени како сопственост. Борбата за нашето ментално и емоционално ослободување е дел од борбата за ослободување на Зимбабве.
Можеме да кажеме дека основата на нашата борба е вооружената борба, очекуваме да ја ослободиме земјата пред се со оружје, бидејќи знаеме дека без вооружена борба никогаш нема да постигнеме слобода. Покрај тоа, имаме и економска и идеолошка борба, кои се незаменливи кога станува збор за ослободување. Прашањето за ослободување на жените го гледаме како дел од вооружената борба и како дел од економската и идеолошката борба. Учеството во вооружената борба ќе доведе до укинување на формата на експлоатација, учеството во борбата против економската експлоатација ќе доведе до економско ослободување, а учеството во борбата против идеолошката експлоатација ќе ги опреми жените со начини да ја разберат сопствената ситуација и да ја подобрат.