Анархизмот и прашањето на полот – Ема Голдман

Работникот, чија физичка сила и градба се за восхит, но сепак, чиј труд едвај му носи доволно колку да го избрка гладот од куќата, се жени само за да има жена–домаќинка, жена која ќе робува од утро до ноќ и која ќе мора да вложува максимални напори да ги намалува трошоците во домот. Нејзините нерви ослабнуваат од континуираниот напор да успее бедната плата на својот сопруг да ја прилагоди за некаков живот, па станува се’понервозна и не е повеќе успешна во прикривањето на потребата од љубов од нејзиниот “господар” и “бог”, коj за жал наскоро доаѓа до заклучок дека неговите надежи и планови се уништиле, и така практично почнува да верува дека бракот е неуспех.

Синџирите стануваат потешки и потешки

Како што трошоците наместо да се намалат стануваат се’ поголеми, сопруга, која ја губи и таа мала сила во нејзиниот брак, исто така се чувствува и предадена, а постојаната закана од глад ја уништува нејзината убавина за кратко време по бракот. Таа станува малодушна, ги занемарува своите домашни обврски и повеќе не постојат врски на љубов и сочувство меѓу неа и нејзиниот сопруг за да им дадат сила да се соочат со бедата и сиромаштијата од својот живот.Наместо да се држат до еден со друг, тие стануваат се’ поотуѓени и нетрпеливи кон неуспесите на својот партнер.

Тој маж не може (како што може милионерот) да се релаксира во својот клуб; но тој оди во барови каде се обидува да ја удави својата мизерија во пиво или виски. Жената, несреќниот партнер на неговата мизерија, која е премногу искрена за да бара заборав во рацете на некој љубовник и која е премногу сиромашна за да си овозможи некаква рекреација или забава, останува во условите на бедниот, полусочуван дом и горко го жали животот што ја направил жена на сиромашен маж.  

Сепак, не постои начин за да се одвојат еден од друг.

Тие мора да се носат со тоа

Синџирот што е ставен околу нивните вратови од страна на законот и црквата не може да биде пресечен освен ако и двете страни одлучат брачната врска да биде прекината.

Законот треба да биде доволно милостив за да им даде слобода, а секој детаљ од нивниот приватен живот мора да биде јавно изнесен. Жената е осудена од јавното мислење и целиот нејзин живот е срушен. Стравот од овој срам често предизвикува таа да се скрши од тежината на брачниот живот без се осмели да излезе со протест против безобразниот систем кој ја уништува неа и толку многу од нејзините сестри.

Богатите успеваат да го избегнат скандалот што ги погодува сиромашните заштитувајќи ги нивните деца од стравот од јавното мислење. Нивните животи се еден долг континуитет на лицемерие и измама.

Жената која се продава себе си ја има слободата да го напушти човекот кој ја купува, додека почитуваната жена не може да се ослободи од заедницата кој е против неа.

Сите неприродни заедници кои не се темелат на љубов се еднакви на проституција, без разлика дали се одобрени од страна на црквата и општеството или не. Таквите заедници можат да имаат само понижувачко влијание врз моралот и здравјето на општеството.

Системот е виновен

Системот кој ги принудува жените да ја продадат својата женственост и независност на највисокиот понудувач е гранка на истиот зол систем кој им дава право на неколкумина да живеат од богатството произведено од страна на 99 проценти од народот – луѓе кои мора да се трудат и робуваат за едвај да ги задржат душата и телото заедно, а плодовите на нивниот труд се апсорбираат од страна на тие неколку неактивни вампири кои се опкружени со секој луксуз што може да се купи.

Погледнете ги за момент двете слики од овој општествен систем на деветнаесеттиот век.

Погледнете во домовите на богатите, тие величествени палати чиј скап мебел ќе прибере илјадници мажи и жени во удобност. Погледнете ги вечерните забави на овие синови и ќерки на богатство, една вечера која ќе нахрани стотици гладни на кои и оброк од леб и вода им е луксуз. Погледнете ги овие следбеници на модата како ги трошат своите денови во осмислување нови средства за себични уживања – театри, балови, концерти, пловење, брзаат од еден дел на земјината топка до друг во нивната потрага по задоволство. И потоа одвоете еден момент и погледне ги оние кои го произведуваат богатството со кое се плаќа за овие прекумерни, неприродни возбудувања.

Другата слика

Погледнете ги собрани заедно во темни, влажни визби, каде што никогаш немаат свеж воздух, облечени во партали, го носат товарот на својата мизерија од лулка до гроб, нивните деца трчаат наоколу на улица, голи, гладни, без никој да им даде нежен збор или грижа, растат во незнаење и суеверие, колнејќиго денот на нивното раѓање.

Погледнете ги овие две изненадувачки контрасти, можете ли вие, моралисти и филантропи, да ми кажете кој е виновен за тоа!? Оние кои се принудени на проституција, без разлика дали е законска или на друг начин, или оние кои ги водат своите жртви кон деморализација?

Причината не лежи во вршењето проституција, ами во самото општество; во системот на нееднаквост на приватната сопственост и во државата и црквата. Во системот на легализирана кражба, убиства и повреда на невини жени и беспомошни деца.

Лекот за сето зло

Додека не се уништи ова чудовиште ние нема да се ослободиме од болеста која постои во Сенатот и сите јавни служби, во куќите на богатите, како и во мизерните бараки на сиромашните.

Човештвото мора да стане свесно за својата сила и способности, мора да биде слободно за да започне нов, подобар и поблагороден живот.

Проституцијата никогаш нема да биде потисната од страна на свештеникот д-р Паркурст и други реформатори. Таа ќе постои се’ додека постои систем кој ја храни.

Кога сите овие реформатори ќе ги обединат силите со оние кои се стремат да го уништат системот кој раѓа криминал и го изградат оној систем кој се базира на совршена еднаквост – систем кој гарантира дека секој член: маж, жена или дете, ќе ги ужива плодовите на својот труд и ќе има совршено еднакви права со другите да ужива во даровите на природата, како и еднакво право на образование – жената ќе биде независна. Нејзиното здравје веќе нема да биде нарушено од бескрајната мака и таа веќе нема да  е во ропство на мажот, а мажот нема да биде во посед на нездрави, неприродни страсти и пороци.

Анархистички сон

Секој ќе стапува во брак со физичка спремност и морална доверба еденкон друг. Секој ќе го сака и почитува другиот и ќе му помага не само за негово добро, туку на тој начин ќе придонесе воопшто за среќата на човештвото. Потомците на таквите заедници ќе бидат силни и здрави во умот и телото и ќе ги почитуваат нивните родители, не затоа што тоа е нивна должност, туку затоа што родителите го заслужуваат тоа. Тие ќе бидат згрижени од страна на целата заедница и ќе биде слободни да ги следат сопствените инклинации. Нивната цел во животот нема да биде да се добие власт над своите браќа, но да се добие почит и уважување за секој член на заедницата.

Анархистички развод

Доколку заедницата помеѓу мажот и жената се покаже како неуспешна за нив, тие ќе се разделат на тивок, пријателски начин, без да ги посрамотат високите односи во бракот и без да мораат да ја продолжат за нив неприродната заедница.

Ако, наместо да ги прогонуваат жртвите, реформистите денес ги обединат своите напори за да се искорени вистинската причина, проституција веќе нема да е срам за човештвото.

Да се потисне една класа за да се заштити друга е полошо од глупост. Тоа е кривично дело. Не ги вртете главите, вие морални мажи и жени.

Не дозволувајте вашите предрасуди да ви влијаат: погледнете на прашањето од непристрасна гледна точка.

Наместо да ја вожувате својата сила бескорисно, подадете раце за да си помогнеме да се укине овој корумпиран, заболен систем.

Ако брачниот живот не ви ја уништил честа и самопочитта, ако имате љубов за оние коиги нарекувате вашидеца, мора, поради самите себе, како и нив, да барате еманципација и воспоставување слобода. Дури тогаш ќе прекине злото на брачната заедница.

Последно