Нема решение за брзо закрепнување од топењето на сантите мраз на Антартикот

Мразот од морето на Антарктикот оваа година падна на рекордно ниско ниво поради високите температури и нема брз лек за да се отстранат штетите, велат научниците во студијата за влијанието на климатските промени на континентот.

Минималната ледена покривка на континентот минатата година падна под 2 милиони квадратни метри за прв пат од почетокот на мерењата на сателитите во 1978 година, а овој февруари падна на уште пониски нивоа, се вели во студијата објавена во списанието „Фронтиерс ин Енвајормент Сајенс“.

„Ќе бидат потребни децении, ако не и векови, за овие работи да закрепнат. Не постои брз лек за замена на овој мраз“, вели Ана Хог, професорка на Универзитетот во Лидс и еден од коавторите на студијата. „Тоа сигурно ќе трае долго, ако воопшто е можно“, им нагласи таа на новинарите.

Овогодинешниот минимум на мраз е за 20 отсто помал од просекот во последниве 40 години, што е еквивалентно на загубата на мраз речиси 10 пати поголема од големината на Нов Зеланд, рече Тим Наиш, директор на Истражувачкиот центар за Антарктикот на Универзитетот Викторија во Велингтон во Нов Зеланд.

„Во некои случаи, се приближуваме до точките од кои нема враќање, кои штом еднаш ќе се поминат, ќе доведат до неповратни промени со незапирливи последици за идните генерации“, предупреди Наиш.

Глобалното затоплување поттикнато од согорувањето на фосилните горива го направи Антарктикот поранлив на екстремни настани и тоа влијание е „речиси сигурно“ дека ќе се влоши, се вели во студијата.

Климатските промени „ќе доведат до зголемување на големината и фреквенцијата“ на топлотните бранови, колапсот на ледената покривка и намалувањето на мразот, се додава, врз основа на неодамнешните докази од научните студии за океанот на Антарктикот, атмосферата, криосферата и биосферата.

Точното влијание на климатските промени врз Антарктикот и околниот океан е неизвесно, а научниците се мачеа да измерат колку глобалното затоплување влијае на дебелината на мразот на Антарктикот.

Но, „научно разумно“ е да се претпостави од феномени како што е забрзаното намалување на морскиот мраз дека екстремните настани ќе се интензивираат со зголемувањето на температурите, рече Мартин Зигерт, глациолог од Универзитетот во Ексетер, друг автор на студијата.

Минатата година „атмосферска река“ од Австралија донела суптропска топлина и влага на континентот, предизвикувајќи температури и до 38,5 степени над нормалата, што е најголемото отстапување досега.

Превземено од: slobodenpecat.mk

Последно