Пишува: Проф. д-р Билјана Ванковска, претседателски кандидат на политичката партија Левица
Моментот на транзиција од социјализам кон либерална демократија, познатиот хрватски интелектуалец Борис Буден своевремено го опиша совршено точно: како инфантилизација. Напуштајќи еден светоглед, фундаменталните вредности од економската, политичката и идеолошката сфера, сите граѓани од т.н. источни земји станаа „деца“ – особено во очите на нивните западни ментори. Така беа третирани, а така и самите себе (и меѓу себе) се третираа(т): како одново родени, tabula rasa, луѓе без знаење, без вредносен систем и кои немаат ништо вредно да понудат, па треба да се превоспитаат пред да бидат прифатени во новиот клуб. Првобитната акумулација на капиталот (услов за капиталистичко општество) се случи прекуноќ, главно на криминален начин, се создадоа класата на нови богаташи и огромна маса осиромашени „граѓани“. Работничката класа се укина (за подоцна да се открие во прекаријат – класа на привремено вработени и заменливи луѓе, кои си се конкуренција самите на себе и затоа не се опасност за поредокот). За возврат се создаде друштво на „дами и господа“ со право да избира (горе-долу регуларно) „вождови“ (како излезени од романите на Радоје Домановиќ), кој од кој понеспособен и покорумпиран, ама верен на западната мантра. Ги изгубија социоекономските права, но добија демократија – и нов „празник“ (изборниот ден). Им ги приватизираа сите јавни служби, а наскоро ќе плаќаат и за воздухот што го дишат и за водата што ја пијат (земјата по која чекорат веќе е и онака распродадена, што за шопинг-молови, што за рудници, што за паркинзи итн.). Така некако изгледа пустината на постсоцијализмот, и тоа ни е добро познато, освен кога сме заблудени (благодарение на политичката пропаганда и медиумите) дека излезот од пустината се вика НАТО и ЕУ.
Ова не е само македонска приказна – ние сме само дел од мозаикот. Во „новите“ општества, „политичките деца“ (инфантилни ама способни за адаптација) ги прифатија сите догми на капитализмот, кој (о)стана безгрешен и неподложен на критика. Но мораа да се покаат за сите гревови, кои, ете, довеле до крвопролевања и војни, но и неуспешните либерални реформи, па првата мерка на трансформација беше мразењето не само на социјалистичкото минато туку и на сопствениот (наводен) „национализам“. Ова особено важи за елитната каста, која сака да остане во привилегираната интелектуална и/или академска зона, да биде добредојдена на воркшопи, конференции, проекти, медиуми, патувања низ светот… Тие беа предвесници и поука за другите: можеш да ја сакаш својата земја, ама само во европска верзија; ако таа случајно не е баш таква (а како и ќе биде кога е создавана на крстосница на цивилизации и култури од незападен тип, плус минала низ војни и тектонски промени), тогаш „милом или силом“ треба да ѝ го промениш изгледот. И не само неа, туку и населението, кое низ европската призма беше видено како крволочно, назадно, неспособно.
Европеизацијата, меѓу другите реформи и „бенчмаркови“, подразбира инстинктивна омраза кон сѐ што личи на (озлогласениот) национализам (што е замена на тези за милитантниот етношовинизам). Тука спаѓаат традициите и народните приказни, изреки, литература, обичаи (тие особено), националните митови за предците. Историјата стана предмет на презир, освен ако не се откопаат докази и врзувки за (наводната) одбрана на западните вредности (antemurale christianitatis). Нашите баби и дедовци станаа примитивни и заостанати (во споредба со нивните), нешто од што треба да се срамиме или барем да не го истакнуваме, додека наметнуваме облеки, патики и очила со западни марки. Народни јадења (уште) може, додека ЕУ не ги прогласи за нездрави или нивни (како ајварот). Трансформацијата на балканската „гасеница“ и нејзиното претворање во западна „пеперутка“ е не само длабока и болна туку и континуирана, речиси без шанси да запре, бидејќи додека ти се менуваш и тие измислиле нови културни вредности по кои можат да те гледаат од височина. Ќе ти признаат дека си стигнал барем до некое прифатливо ниво на „цивилизираност“ кога ќе манифестираш искрен самомразечки мазохизам или автошовинизам. Нашиот народ би рекол: да се посипеш со пепел и кога не си виновен. „Кастрацијата“ од националните чувства е слична операција, иако не и сосема идентична со нужното губење верба во себе, порастот на дефетизмот, чувството на поразеност и неспособност (ова второто е присутно кај многу нации, но првиот синдром го опфаќа и вториот со инаква мотивација и резултат).
Овој феномен е видлив од Хрватска до Србија, Босна итн. – но најизразен е во Македонија. Ним како да им е лесно да мразат сѐ што мириса на изворна традиција и „национализам“ (а си носат и бреме од крвави конфликти, што ги тера на соочување со минатото и покајување), но тие не се ставени во сендвич како нас, од сите страни сардисани од божем „Европејци“, кои бараат да се откажеме од себеси за нивен ќеф. Веќе личиме на припадници на верски секти што под мантијата носат камшик, а самокамшикувањето им е чин со кој се самоказнуваат и откажуваат од своето „тело“ во име на нешто повисоко. И ние под модерната облека си ги носиме лузните и не даваме да се залечат, бидејќи треба постојани да нѐ потсетуваат дека не смееме да бидеме она што сме, дека е тоа грев. Дури и гревови треба да си измислиме – геноциди, антисемитизам, шовинизам кон оние што нѐ бришат во устав. Тоа е таа политичка коректност и самоцензура. Прво, пред Албанците мора да докажеш дека она „македонски“ е неважно нешто, само име на една од многуте „заедници“ што ја конституираат државата (како збир на заедници).
АСНОМ нема значење, Охрид е света книга. Нема врска што албански интелектуални перјаници можат пред камера да си кажат дека голема Албанија отсекогаш била и останала највредниот сон на нивната нација и дека од 1990-тите до денес сонот е жив, чека само погодни историски околности. Ти мора да се гризеш за јазик за да не навредиш некого, да не те линчуваат, па почитуваш и странски знамиња, се договараш околу историјата и географијата како на пазар, мижиш и не слушаш дека си дрво без корен – за мир во куќа. Потоа, мора на Грците да им се колнеш дека под Македонец, ти всушност не мислиш на „вистински Македонец“ (како што тоа го сфаќа грчкиот налудничав мит на континуитет од Софокле до Мицотакис и Ципрас), туку така тоа е некоја бенигна локална верзија на атавистичка, фолклорна, малцинска група – која едвај чека да се прероди во европска, а дека она зад границата не се никакви Македонци (тоа Воскопулос ќе го објасни подобро од мене). И тоа не е доволно, зошто сега треба да најдеш начин да не ги навредиш Бугарите кога ќе им кажеш дека не си македонски Бугарин, ниту бугарски Македонец – а тие, златните, вистински Европејци станале во меѓувреме, дел на европската историја и цивилизација пар екселанс, ама Бугарин без романтика (Македонија) не бива. Србите засега не мрчат гласно (си имаат тие други крстосници), ама ќе дојде време и за тоа и на ред ќе бидат и МПЦ и Вардарска бановина, која ќе ти ја тријат на нос, па како тие ти дале/октроирале право на самоопределување како знак на милост.
Но проблемот не е во соседите, па дури ни во Европа (што и да значи таа). Проблемот е во отсуството на самодоверба – убеденост дека си инхерентно еднаков со сите други, дека имаш и корен и стебло и род (не си само пиреј што живурка наспроти сите што го газат), дека имаш и ум и паметење, но и способности и знаење, луѓе што нема да одат на „баци рака“ во Калето… Другиот проблем е во систематското бришење на меморијата дека СМЕ нација и дека од АСНОМ и пред него ништо не е и не смее да биде предмет ни на разговори ни на преговори. Бришачите се оние самомразечките (божем) Македонци, чија задача пред Господарите (финансиерите) е да го внесат семето на сомнеж во себе, семето на потценување на сето она што е создадено и се создава овде (или таму) од наши луѓе со ум, креација, интелигенција и интегритет. А за нив не е доволно да се мразиш себеси и своето „смачкано племе“, туку треба да мразиш сѐ што е на исток (од Бугарија).
Ми сугерираат дека е време да почнам да го „цртам“ патот кон еманципацијата, излезот од оваа небиднина. Покрај дијагнозата и соочувањето со вистината, нужен чекор за тоа (еден од првите) е откривањето на сите манипулации, пропагандни и други трикови со кои нѐ делат и размакедончуваат. Ние немаме зошто себеси да се мразиме и самопонижуваме како недостојни, како неспособни, како луѓе на кои им треба камшикарот, некој што ќе нѐ доведе во ред и сл. Скршен народ, кој не верува во сопствените способности и вредности (создавани во минатото, но и денес), а уште и е убеден дека е крадец и полош од сите други околу него, не е господар на својата судбина и е на пат кон исчезнување. Ова не значи мижење пред неспособните – само затоа што се од нашиот род. Не, никако! Тие што се удираат в гради дека се големи Македонци, а чинат сѐ да зажалиме што сме родени на ова парче земја, се еднакво погубни за онаа Македонија што сакаме да ја имаме и градиме. Позната изрека гласи: секој чесен човек често се срами од својата влада, ама не и од својата земја и народ. Во моментов, имаме два (внатрешни) „фронта“: едниот со оние што чинат сѐ да ни се одмили македонштината како нешто заостанато и помалку вредно од сето она што го постигнале другите нации; другиот фронт е кон Македонците конформисти, со „малкуцка“ свиткан ‘рбет, желни да бидат ем големи патриоти ем посакувани присутни на приемите во амбасадите и европските зданија, макар и како закржлавени и лигави црви собрани околу трошките што им ги потфрлаат. Си имаме огромна домашна работа: да ја рехабилитираме идејата за (република) Македонија, Македонците, национални интереси и самопочит, способност – а најмногу од сѐ, љубовта кон себе и кон својата земја, каква и да е; нејзината преродба зависи од нас, а не од нив.
Преземено од: novamakedonija.com.mk