Денеска ја имаме можност да поразговараме за проблемите на младите во Македонија, како и за актуелните политички случувања во градот на конзулите со младиот советник во општина Битола од редовите на политичката партија Левица – Гаврил Трајковски

Што Ве мотивираше активно да се вклучите во политичкиот живот и според Вас што е причината поради која огромен број на млади во Македонија се аполитични?

Г.Т: Пред се сакам да се заблагодарам на Вас што ми дадовте шанса да се обратам на вашите читатели и поддржувачи. А сега ќе се насочам на прашањето. 

Секогаш сум бил активист за промени и борец за правда. Уште во средношколските денови не трпев неправда. Тогаш започна и мојот активизам, со уште неколку мои другари започнавме да се грижиме за ридот во населбата во која живеам. Правевме еко акции, пошумувавме, го уредувавме просторот и се грижевме за населбата. Во тоа време јас не бев политички активен, бев аполитичен и имав одбивност кон политичкиот активизам. Не се пронаоѓав во клиентелистичката политика на тогашните опции и често знаев да критикувам како политичкиот активизам е сведен на нова шанса за вработување или некаков личен бенефит. 

Но за среќа на крајот на средношколските денови и почетокот на студентските денови од мојот живот наидов на Левица. Во Левица се пронајдов себе, жарот за борба и праведност. Ме привлече политички да се активирам, иако до тие моменти сум критикувал политички активисти. Во Левица пронајдов нешто уникатно и единствено, искрата во мракот, светлата страна на политиката во Македонија. 

Денес младите имаат опција, ги охрабрувам да се активираат политички затоа што политиката одлучува за нивната иднина и системот во кој живеат. Единствено од позиција на власт можи да се промени системот и институциите, па оттука не гледам причина да бидат аполитични посебно НЕ во овој историски момент кога сé зависи од политичкото делување на секој поединец. 

Гледаме ситуацијата во советот на општина Битола е многу турбулентна и со континуирани превирања помеѓу советничкките групи, според Левица, што е главната причина за ова и како се снаоѓате во овој политички хаос:

Г.Т: Распределбата на силите во советот доведе до тоа да независните советници кокетираат со СДС и ДПМНЕ за на крај да извлечат нешто плус за личен интерес. Во Битола евидентна е широката коалиција СДС-ДПМНЕ со помош на Поинаку како нивни привезок. Кога станува збор за делење на колачот на крај заедно сложно гласаат, а кога станува збор за наши конструктивни предлози мудро ги кочат. Но народот го препознава тоа, ставовите на Левица се конзистентни и концизни, се повеќе граѓани како решение за Битола ја гледаат Левица. 

Ние организиравме неколку протести во Битола кои беа успешни. Па така со тие протести им помогнавме на пазарџиите и го затворивме фашистичкиот клуб “Ванчо Михајлов”. 

Кои ви се „омилени“ иницијативи кои до сега сте ги поднеле и дали биле прифатени од страна на останатите советници?

Г.Т: Ги има многу но јас ќе издвојам неколку. 

Иницијативата за бесплатен превоз за средношколци и студенти. Која беше одбиена од страна на ДПМНЕ и Поинаку. 

Иницијатива за доделување на субвенции за првачината за време на покачувањето на цените за школски прибор. Прифатена и реализирана. 

Иницијатива за бесплатни градинки. Делумно остварена затоа што истата траеше само неколку месеци. Но борбата за бесплатни градинки продолжува. 

И за крај ќе го спомнам проектот за рекреативна зона “Кркардаш”. За жал овој проект не е започнат но е дел од Програмата за локален економски развој. Истиот е многу значаен за Битола и битолчани. 

Според Вас, кои се најголемите проблеми со што се соочуват младите во „внатрешноста“ на Македонија и како да се надминат?

Г.Т: Младите во Македонија се соочуваат со недостиг на спортски објекти, функционални младински центри, бенефиции и поволности за млади, центри за едукација и надоградување. 

Овие проблеми би ги надминале со градење на спортски комплекси, спортски терени, базени од затворен тип, вложување во сите спортови, а не само во актуелните(фудбал, кошарка, ракомет). 

Отварање на нови младински културни центри, подобрување на програмата која ја нудат веќе постоечките. 

Отварање на библиотеки и читални ширум Републиката, промовирање и актуелизација на читачки клубови. Поттикнување на младите да се едуцираат и читаат книги преку кампањи и организирање настани. 

Отварање на кина, театри и збогатување на репертоарот на веќе постоечките. Посебни бенефиции за млади кои сакаат да посетат кино и театар. 

Бенефиции за градски и меѓуградски превоз, зајакнување на линиите за градски и меѓуградски превоз. 

Субвенционирање на курсеви во разни области за млади.

Интервјуто го спроведе: Кристијан Димков