Таксим можеби не е Тахрир, но се движи во таа насока

Свеста од типот „Таксим не е Тахрир“ или “Ердоган не бил Мубарак”, “Турците не се Арапи” и слично, пред се имплицира на еден тотално незаинтересиран и аполитичен став кон општествените/јавни работи за кои имаме, или би требало да имаме интерес, затоа што нели пред сè и над сè за тоа сме стапиле во заедница со други од нашиот вид. Турција можеби сè уште не станала конзервативна од типот на Арапските држави но потенцијалот кој во општеството е присутен за такво нешто е огромен, исламот е арапска култура. Токму тука влегуваат во игра општествените институции, кои би требало да бидат етнички, културно и релгиски крајно неутрални, како свесно, планирано и координирано би го насочувале општеството кон прогрес, просперитет и кон еден универзален цивилизациски напредок. Но, по којзнае кој пат се навраќаме на општествените небулози од неолибералистичкава ера, а ако не би се навратиле не би можеле да го објасниме феноменов на недемократичностна системите базирани на претставничката демократија уште и особено ако тоа се во конзервативни општества со уште поконзервативна политичка култура, какво што впрочем е и Турското.

А пак што се однесува до ставот дека друго општество не нè засега и дека тоа е таму некаде далеку од нас, нема што да се каже освен дека тоа е проста малограѓанштина. Од причина што светот е толку интегриран и смален на некој начин, а според тоа и меѓузависен, што значи дека не смееме да ги игнорираме глобалните проблеми кои стануваат се поважи и поприсутни. Освен тоа и целата ситуација околу Таксим отпорот против репресивната власт на конзервативците е заземање став во однос на епистемолошките вредности на една идеја за организирање на општество.

Тоа што се случи во Таксим беше реакција на демократски свесната фела која почна да стравува од ескалација на конзервативизмот, особено неговото инкорпорирање на државно тоест институционално ниво.

Односно оваа група на луѓе, иако не мнозинска, се најде незаштитена пред институциите кои попримија висока доза на карактеристики кои така силно ги зрачи општеството, а без сомнение Турција не е модерните квартови од Истанбул, Анкара, Измир и Анталија, туку ова е само 20% од Р.Турција. Претставничката демократија стимулирајки го популизмот, ја одзема образувачката улога која би требало да ја имаат демокртаските институции во нивната интеракција со општеството и различните групи во него. Така Р.Турција на чело со демо-муслиманската партија на Ердоган, почна да игра улога на заштитник на исламската религија од белосветскиот заговор кон неа, капа на исламската популација ширум светот и еден вид предводник на конечната исламска победа над христијанството и слични средновековни медитации на неисполнети духовњаци. Затоа судејки за улогата на војската во оваа земја, особено за претходните направени државни удари, треба да се биде претпазлив и објективен, војската претходно беше доведена во ситуација формално да ја укине демократијата за суштински колку толку да ја задржи истата.

Движењето кое дава отпор во Таксим е исклучително хетерогено, иако Ердоган тврди дека тоа се шака екстремисти. Тука се наоѓаат групи со црвени социјалистички и комунистички знамиња и анархистички групации, навивачки групи од трите големи истанбулски спортски клубови, луѓе од шоу бизнисот, разни хипи и политички недефинирани фаци и припадници на алеви-бекташиските заедници. Се разбира тука се и опозиционерите од парламентот предводени од републиканската народна партија, кои си го гледаат својот бенифит во сето ова. Овие различни групи делуваа така дифузно што немаше никакви изгледи да оди ова понатаму и од сето ова да се издефинира некој нов сериозен политички субјект кој ке може  поведе политичка борба до крај. Тука се виде и неорганизираноста и меѓусебната несоработка на социјалистичките движења, кои не порекнувам дека беа движечка сила на сето ова, заедно со алеви-бекташиската заедницата, но не успеаа да направат нешто повеќе и да ги соочат и насочат вжештените маси кон покрупни политички акции и да превземаат политичка одговорност. Вака ова остана како една критика на едната буржоаска партија во корист на другата буржоаска партија. Сè на сè, системот остана недопрен!

Улогата на религијата како магично стапче во рацете на конзервативците повторно се искористи макимално во пропагандни цели, дотаму што верските лидери изјавуваа дека е харам (грев) да се протестира во Таксим и против Ердоган, некои пуштаа и клетви кон тие што даваат отпор. Освен ова Ердоган ги искористи и уметниците на тој начин што некои од нив ги прогласи за преговарачи во име на протестантите и се сретна со нив, што се разбира после тоа тие се спротивставуваа на отпорот и даваа изјави во таа насока. Тука беше и „надворешниот непријател“ како стара добра финта, односно полицијата уапси тројца странски агенти (мислам дека станува збор за иранчанец, германец и сириец) и обелодени дека ова било масло на надворешните непријатели и ете тука е се во ред само тројца шпиони собраа илјадници луѓе, така да сите што се на Таксим се или излажани или предавници и платени шпиуни. Ова ти се вика логика курца.  

И на крај, не може а да не ги спомнеме лудориите што се направија кај нас на чело со ТДП (Турска демократска партија) и нејзината продолжена рака (додуша може да се смета во одреден контекст и како мајка).

МАТУСИТЕП (Асоцијација на турски невладини во МК) за која најсоодветен назив би бил „Асоцијација на невладини организации на АКП во Р.М“, која излезе со прес и се прогласи за глас на сите Турци од Македонија и изрази поддршка за полициската бруталност на Ердогановата полиција, изрази поддршка кон репресивниот режим. Па се организира протест во Скопје и Гостивар, се разбира со автобуси и сендвичи обезбедени од нигде никаде, во стилот на ВМРО-ДПМНЕ и се разбира како што му е редот, протестот почна после ПЕТОЧНАТА МОЛИТВА (џума намазот). Неизненадувачки, но сепак жално и безнадежно за мене, на овие собири имаше голем број луѓе, додека пак само пред неколку дена во општина Чаир се измасакрираа делови со преубави дрвја кое, се разбира помина незабележително. Да не зборувам колку од овие луѓе не можат да врзат крај со крај во месецот, а во зимно време штедат дури и на најосновните потреби. На овие собири за поддршка на Ердоган имаше уште еден детал кој ја отсликува свеста и нивото на интелект кај масите, а и популизмот на организаторите. Имено, тој ден беше популарната битката на Чанакалекако вредност и симбол на борбата и победата против окупаторите, а и масите најмногусе запалуваа на песните за Чанакале кои се пееа тој ден. А знаеме во таа битка происламистите на чело со последниот османлиски паша Вахдетин беа на другата страна која беше поразена од страна на војската на Ататурк, победа која истовремено значеше и крај за Османлиската империја.

Автор: Хактан Исмаил

Последно