Дали е корисно и ефективно еден ученик да седи 8 часа во училишна клупа? На прсти се бројат наставниците во Македонија кои реализираат ефективни часови каде учениците го учат наставниот материјал на самиот час. Учениците се приморани сами одново да ги учат лекциите знаејќи го само нивниот наслов. Осумчасовно училишно време ќе биде само дополнително трошење на времето кое може да се искористи многу поефикасно.


Со осумчасовен престој се троши многу енергија која им е потребна на учениците да се развиваат надвор од училиштето, во воннаставните активности (спорт, уметност, странски јазици итн.). После осумчасовен престој во училишна клупа ниту еден ученик не е продуктивен да го научи наставниот материјал, да учествува во воннаставни активности и воопошто да се развива на личен план самостојно. Има многу примери на ученици кои самостојно (надвор од училиштето) се трудат да ги постигнат своите цели како научници, писатели, сликари, музичари итн.

Во овој случај, огромен недостиг ќе имаат особено спортистите. Зарем се очекува од еден спортист кој поминал 8 часа на училиште дневно да изработи два ефективни тренинга во текот на денот? Државата треба да се стреми кон тоа секој спортист – ученик физички и психички да биде имплементиран и во спортот, и во образованието со цел да се создаде една здрава и стабилна младина која на овој начин се стекнува со дисциплина и посветеност на полињата на кои дејствува. Навистина има премногу вакви млади кои се успешни и во образованието, и во спортот; а државата за нив не прави ништо. Во иднина токму тие ќе ѝ бидат потребни и токму со нив ќе се воведе еден клучен и ефективен систем на функционирање.

Многумина мора да се трудат самостојно да се развиваат на своите целени области затоа што живееме во општество во кое се форсираат и лажно им се наметнуваат углед и успех на децата на функционерите, властодршците и клептократите.
Учениците не се експериментални глуфчиња и апсолутно не смее да се дозволи да бидат. Ова осумчасовно „неучење“ само ќе ги роботизира и ќе ги натера да гледаат само во една насока. На секоја држава ѝ е потребна продуктивна младина.

Автор: Активист на Ленка