Денеска разговараме за актуелните случувања во општина Илинден како и за идеите за економската иднина на Македонија на Левица со Кирил Слезенковски советник во општина Илинден како и координатор на секторот политичка еконономија при политичката партија Левица.
Каква е состојбата во советот на општина Илинден?
К.С: Монотона. Советот на општината брои 15 членови од кои мнозинството го има ДПМНЕ со 8 места. Меѓутоа, останатите политички субјекти (освен Левица) се неми поддржувачи на политиките и потезите водени од челниците на општината. Најголемата опозиција (СДС со 3 советника) не дејствува на никаков начин со цел да се наметне во Советот, напротив ги поддржуваат сите дејствија па затоа најчестиот резултат од гласањето на седниците е со 14 гласови ЗА.
Кои иницијативи во советот до сега сте ги поднеле и дали биле прифатени од страна на владеачкото мнозинство на ДПМНЕ?
К.С: Левица во изминатите две години поднесе голем број на иницијативи и барања директно до Претседателот на Советот и градоначалникот на општината. За жал, засега ниту едно барање или иницијатива е прифатена од страна на раководните органи.
Имавме поднесено неколку одлични иницијативи како: мултифункционален парк, поддршка за бранителите од 2001, реконструкција на улици и мостови, бесплатни градинки, поставување на мерна станица за воздух итн.
Иницијативите и барањата се во склоп на нашата програма која ја изработивме за локалните избори, но имаме и директни барања од страна на жителите, нажалост Советот на општината не даде поддршка за ниту една поднесена иницијатива.
На што ќе се фокусира Левица во економскиот дел од изборната програма?
К.С: Политичката партија Левица и секторот политичка економија на престојните избори во Мај 2024 година ќе излезат со точно утврдени проекти и решенија за економијата во Македонија.
Левица ќе понуди ново и свежо решение каде на прво место ќе биде ставен работникот и обичниот човек. Прогресивното оданочување на големите коорпорации во Македонија ќе биде првиот чекор за внес на нови средства во буџетот на Владата, а со тоа се отвараат големи приливи за круцијалните гранки од нашето општество како: национални инвестиции, образование, здравство и правосудството.
Левица ќе има за задача да ја подобри економската состојба на секое семејство во Македонија. Наскоро ќе ја објавиме програмата во која ќе може да се забележат сите точки на кои Партијата работеше изминатите две години со цел да се подобри целовкупната економска слика преку превземање на конкретни мерки и чекори за разлика од популистичките чекори на досегашната власт.
Каква е Вашата визија за економската иднина на Македонија со Левица на власт?
К.С: Модерен социјализам каде најважните сектори од економијата на Македонија ќе бидат контролирани од страна на државни претпријатија.
Доста време им беше дадено на олигарсите да пустошат низ Републиката, редно време е државата да воспостави ред врз важните сектори, а со тоа и да се подобри состојбата на граѓаните.
Кои се твоите очекувања за престојните Парламентарни избори во Мај 2024 и дали Левица ги утврди кандидатските листи?
К.С: Рејтингот на Левица оди во нагорна линија, особено по лошото раководење на Владата изминатиот период. Приливот на нови членови и активисти е двојно зголемен за разлика од пред локалните избори. Па затоа двоцифрена бројка на пратеници не би требало да не изненади како краен резултат од Парламентарните избори.
Во врска со кандидатските листи, Презедиумот и Централниот комитет на Партијата активно работат на создавање на квалитетни листи за пратеници со луѓе кои се веќе политички активни и има што да понудат, а тоа е: чесност, знаење, решителност и достоинство.
Интервјуто го спроведе: Кристијан Димков