Пишува: Никола Петров, координатор на сектор земјоделие и член на ЦК на политичката партија Левица

Занимавањето со селанското прашање, односно со општествената и класната положба на селанството, и активното учество на партијата заедно со широките народни маси во борбата против експлоатацијата од буржоазијата е предуслов за отварање на перспективи на работното селанство за подобра иднина, за подобар и поправеден свет.


Без потпирање врз работното селанство и без создавање на сојузништво меѓу работничката класа и селанството, како и другите прогресивни сили на народот, не може да има успешна борба за социјално и национално ослободување.


Нашата политика во земјоделството и во селото треба да е насочена кон развивање на општествените производни сили во земјоделството, кон се поголемо поопштествување на самото земјиште и на трудот на селаните, кон претварање на селанецот во производител што нема да се разликува од работникот и од друг работен човек ни по положбата во општественото производство, ни по распределбата, ни по општите услови за работа и живот.


Промените во нашиот општествен и политички систем треба да отвораат многу пошироки можности за развој на самоуправувањето на село и за учество на селаните во самоуправното одлучување во разни сфери и на различни нивоа на општеството.
Тие можности се врзани со создавањето основни организации на здружен труд на кооперантите – индивидуалните производители во земјоделството, за здружување на индивидуалните земјоделски производители, за основање на месни заедници во селата, како и за тие да испраќаат свои делегации во општинските собранија во кои селаните се јавуваат како носители на интересите и како самоуправувачи.


Селаните треба да добијат законско загарантирано право, како и сите други производители и работни луѓе, да учествуваат во управувањето со доходот што го создаваат во процесите на здружувањето со другите индивидуални и општествени производители. На селаните да им се даде можност да станат субјекти во општественото договарање и самоуправното спогодување на село. Од фундаментална важност е селаните цврсто да се вклучат во самоуправното одлучување и да се изедначат со другите работни луѓе во одговорноста за сопствената перспектива во развојот на нашето социјалистичко самоуправно општество.