Пишува Марио Јанески
Во последниве неколку години, особено на социјалните мрежи, на македонската јавна сцена се појави нов тип на „патриотски“ фигури – Инстаграм инфлуенсери. Овие млади луѓе, најчесто се маскирани или сокриени зад псевдоними и се претставуваат како радикални борци за македонската кауза. Палат знамиња, објавуваат бурни пораки за националната гордост и создаваат слика на безкомпромисен отпор кон „надворешниот непријател”. Нивната популарност расте, особено кај младата генерација, која често ја идеализира нивната наводна храброст и одлучност.
Оваа појава, колку и да изгледа нова, всушност е очекувана. Македонецот, како народ со децениски угнетуван идентитет, природно реагира на неправдите што му се нанесуваат. Потиснатата фрустрација и разочарување од институциите создаваат плодна почва за појава на овие „радикални“ појави. Тие нудат лесен и емоционален излез – патриотизам во својата најпоедноставена форма, без длабочина и одговорност.
Но што всушност се крие зад оваа маска на патриотизмот? Ќе се обидеме да погледнеме под површината и да ја откриеме вистината за овој нов „патриотски“ феномен.
Што значи да се биде радикален патриот?
Радикалниот патриотизам, во својата најосновна дефиниција, претставува безкомпромисна љубов и посветеност кон татковината. Тој подразбира цврста одбрана на националните интереси, без отстапки или компромиси, дури и во ситуации кога реалноста бара попрагматичен пристап. Радикалниот патриот одбива да прифати какви било договори што се доживуваат како штетни за нацијата, без разлика дали тие доаѓаат од надворешни сили или од внатрешни институции.
Кога ќе ја анализираме нивната така наречена радикалност, веднаш се наидува на сериозни двојни стандарди и празнини. На површината, нивниот пристап изгледа бескомпромисен и цврст, но штом ќе се погледне подетално, станува очигледно дека нивната „радикалност“ е селективна. Тие не ги напаѓаат сите кои ја нарушуваат националната кауза, туку вешто избегнуваат критики за оние структури и фигури кои им се политички или идеолошки блиски. Одбиваат да признаат дека нивните „соиграчи“ одредиле курс кој тие го прифаќаат без критика, истовремено барајќи од другите да одговараат за истите тие постапки. Ова го отвора прашањето: дали навистина станува збор за радикалност, или за празна реторика обвиена во национални симболи?
Северната реалност
Сведоци бевме како во предизборието овие Инстаграм патриоти жестоко ја критикуваа владата СДС и ДУИ, фокусирајќи ја својата критика кон лошите и сервилни национални политики на тогашната власт. Нивните објави беа исполнети со гнев, барајќи промена која ќе донесе „вистински патриоти“ на власт. Но сите тие беа свесни дека следните кои ќе ја преземат власта се ДПМНЕ, партијата која се самопрогласува за бранител на националните интереси.
Интересно е што токму тие Инстаграм патриоти себеси се нарекуваат „критичари на секоја власт“ и тврдат дека не се политички обоени иако на нивните патриотски балови честопати врие од членови на ДПМНЕ. Беше сосема очекувано дека овие патриоти ќе продолжат со својата „жестока“ критика и кон ДПМНЕ, исто како што тоа го правеа кон СДСМ.
Сепак, откако дојде до промена, истите тие „радикални“ патриоти вешто го премолчија прифаќањето на името „Северна Македонија“ од страна на „патриотската“ ДПМНЕ. Ова не е мал детал, туку суштинско прашање – нешто што тие самите го поставуваа на врвот на своите приоритети. Дали името на државата не е најсветото за секој вистински патриот? Како е возможно радикалниот патриотизам, кој наводно не толерира компромиси, сега да молчи за едно од најголемите национални прашања?
Двојни стандарди
Радикалните Инстаграм патриоти, кои себеси се претставуваат како бранители на македонските национални интереси, во изминативе три години ниту еднаш не го отворија прашањето за внесувањето на Бугарите во Уставот. Некои од нив дури и отворено го оправдуваат овој чекор, презентирајќи го како неизбежен за „напредокот кон ЕУ“. Другите, пак, удобно молчат, како прашањето да не постои. Ова е парадокс за оние што се нарекуваат „радикални“ и кои тврдат дека не прават компромиси за ништо.
Истовремено, нивната критичка енергија често е насочена кон Србија, но преку изолирани случаи, игнорирајќи го моменталното официјално расположение на Белград. Од друга страна, за бугарската политика немаат ни збор. Дури одат до таму што промовираат ставови дека „Бугарите ни се големи пријатели“, покажувајќи јасна тенденција на изместени приоритети.
Исто така, нивните активности често вклучуваат средби со македонските егејци, кои заслужуваат целосна поддршка, но речиси никогаш нема ангажман за Македонците од Пиринска Македонија. Молкот за правата на македонското малцинство во Бугарија е уште еден доказ за двојните стандарди и селективноста на нивниот „патриотизам“.
Тие често го величаат Тодор Александров и Ванчо Михајлов како симболи на македонската борба. Но, нивната историја е полна со контроверзии кои не можат да се игнорираат. Александров и Михајлов се личности чија дејност е длабоко поврзана со бугарската политика на Балканот, што е во директна спротивност со македонските национални интереси. Осбено треба да се има предвид дека додека учесниците во НОБ тежнееле кон создавање на македонска држава, Ванчо Михајлов несомнено соработувал со нацистичка Германија и работел како контратежа на партизаните. Нели е повеќе од иронично за македонски патриот? Уште дополнително на ова, се служат со измислени приказни за средба на Ченто и Михајлов и за некаква заедничка соработка. Каква подлост! Наместо критичко преиспитување, овие фигури се користат како алатка за романтизација на историјата, без внимание за последиците врз младите генерации и се прави класична замена на тези.
Токму овие наративи, кои суптилно ја релативизираат бугарската улога во македонската историја, ја откриваат уште една линија на размислување – онаа на латентно бугарофилство. Со толерирање на внесувањето на Бугарите во Уставот и селективното интерпретирање на историјата, овие псевдопатриоти, намерно или не, го поставуваат младиот Македонец на патека која ја слабее неговата национална самодоверба.
Овие прашања не се само политички, туку и суштински за националниот идентитет. Можеме ли навистина да зборуваме за радикален патриотизам кога компромисите се направени на сметка на идентитетот, историјата и реалните национални интереси?
Криењето позади псевдоними и маски: Иронијата на „слободарските“ вредности
Една од најголемите контрадикции во делувањето на овие самопрогласени радикални патриоти е нивното постојано криење позади псевдоними и маски. Тие се претставуваат како десничари, проповедници на слободарски вредности и индивидуална одговорност, но нивниот начин на делување ја издава суштината на нивните вистински мотиви. Како може некој што се залага за „слобода“ и „вистина“ да го избегнува сопствениот идентитет и да одбива да преземе лична одговорност за своите ставови?
Криењето зад маски и псевдоними не е ништо друго освен бегство од одговорност и одбивање да се соочат со последиците на својата борба. Бескомпромисната борба што тие ја проповедаат треба да биде отворена и транспарентна, без страв од одговорност. Но нивната пракса покажува спротивно – тие избегнуваат соочување со јавноста, претпочитаат да останат во сенка и со тоа да ја минимизираат можноста за критика.
Ова не е само контрадикторно, туку и суштински спротивно на принципите на нивното десничарството, кое во својата основа ја слави индивидуалната одговорност и храброста да се застане зад сопствените убедувања. Ако „радикалните“ патриоти се навистина толку цврсти во своите уверувања, зошто се плашат да ги застапуваат со сопствено име и лик?
Зарем десничарите, кои се горди на својата индивидуалност и принципи, треба да се плашат да ги застапуваат јавно?
Криењето на својот идентитет е само уште еден доказ дека нивната „борба“ не е искрена, туку повеќе стратегија за избегнување одговорност. Тоа е бегање од вистинска храброст и одбивање да се соочат со последиците од своите зборови и дела. Ова, истовремено, ги прави нивните радикални ставови ништо повеќе од празни зборови.
Лев патриотизам
Долго размислував дали е сега вистинскиот момент да се критикуваат овие млади луѓе, особено во период на национални превирања. Но, има ли подобро време од сега за соочување со вистината? Ако не се соочиме со двојните стандарди и лицемерието што го нудат како модел на „радикален патриотизам“, ризикуваме уште поголема штета врз националната свест. Ова не е само критика на нивниот стил на делување, туку и обид да се укаже на долгорочните последици од нивните активности врз оние млади луѓе кои ги следат.
Историјата покажува дека Македонија ги зацврстила својот идентитет и државност токму преку за време на социјализмот и левичарите, кои воделе борби за слобода и еднаквост. Народноослободителната борба е најдобриот пример за тоа – таа била водена со прогресивни идеи, солидарност и визија за иднината. Наспроти тоа, периодот на десничарска доминација бил обележан со поделби, компромиси и губење на националните позиции.
Левиот патриотизам е оној кој секогаш бил двигателот на македонската борба и напредок. Тој не се заснова на празна реторика, туку на одговорност, храброст, посветеност, а најмногу на социјалната правда. Ваквото десничарење, со своите двојни стандарди, историски манипулации и криење позади маски, само ја ослабува нацијата. Ако сакаме иднина за Македонија, потребен ни е лев патриотизам кој гради, обединува и поставува основа на ширкои колективни интереси, како единство би можело државата да се движи во прогрес – патриотизам што ја отфрла лагата и ја слави вистината. Време е за вистински патриотизам. Време е за лев патриотизам.
Марио Јанески, член на централниот комитет на Левица