Од сам почеток, капиталистичкиот економски систем создава критичари и поддржувачи. Поточно, оние кои се чувствувале жртвувани и оние кои се чувствувале благословени. Додека жртвите и критичарите развиват анализи, барања и предлози за промени, оние кои се благословени од капитализмот развиват алтернативни дискурси кои го бранат системот.

Одредени видови на аргументи се покажаа како многу ефективни против антикапиталистите и во добивањето масовна поддршка. Тие станаа основни поддржувачки митови на капитализмот. Еден таков мит е дека капитализмот создаде просперитет и ја намали сиромаштијата.

Капиталистите и нивните најголеми поддржувачи долго време тврдеа дека системот е мотор за создавање богатство. Раните промотори на капитализмот, како Адам Смит и Дејвид Рикардо, а исто така и раните критичари на капитализмот, како Карл Маркс, го признаваат тој факт. Капитализмот е систем изграден за раст.

Поради пазарната конкуренција меѓу капиталистичките работодавачи неопходен е „раст на бизнисот“ за да опстане. Капитализмот е систем поттикнат за создавање богатство, но создавањето богатство не е уникатно за капитализмот. Идејата дека само капитализмот создава богатство или дека тоа го прави повеќе од другите системи е мит.

Што друго предизвикува создавање богатство? Постојат многу други придонесувачи за богатство. Никогаш не е само економскиот систем, без разлика дали е капиталистички, феудален, робовски или социјалистички. Создавањето богатство зависи од разни историски околности (како суровини, временски услови или изуми) кои определуваат дали и колку брзо ќе се создаде богатство. Сите тие фактори играат улога заедно со конкретниот економски систем што е на сила.

Кога СССР се распадна во 1989 година, некои тврдеа дека капитализмот го „победи“ својот единствен вистински конкурент — социјализмот — докажувајќи дека капитализмот е најголемиот создавач на богатство. Се тврдеше дека „крајот на историјата“ е постигнат, барем во однос на економските системи. Сега и засекогаш, не можеше да се замисли, а уште помалку да се постигне нешто подобро од капитализмот.

Митот овде е вообичаена грешка и прекумерно користен. Иако богатството беше создадено во значителни количини во последните неколку века додека капитализмот се ширеше глобално, тоа не докажува дека капитализмот беше причината за растот на богатството. Можеби богатството се зголемило и покрај капитализмот. Можеби ќе се зголемеше уште побрзо со некој друг систем. Доказ за таа можност вклучува два важни факта. Прво, најбрзиот економски раст (измерен според БДП) во 20-тиот век го постигна СССР. И второ, најбрзиот раст на богатството во 21-виот век досега е оној на Народна Република Кина. Двете општества го отфрлија капитализмот и гордо се дефинираа како социјалистички.

Друга верзија на овој мит, особено популарна во последниве години, тврди дека капитализмот има заслуга за извлекувањето на милиони луѓе од сиромаштија во последните 200 до 300 години. Во оваа приказна, создавањето богатство од страна на капитализмот на сите им донесе повисок животен стандард со подобра храна, плати, услови за работа, медицина и здравствена заштита, образование и научни достигнувања. Се тврди дека капитализмот наводно им дал огромни подароци на најсиромашните меѓу нас и заслужува аплауз за таквите величествени општествени придонеси.

Проблемот со овој мит е сличен на оној со митот за создавање богатство дискутиран погоре. Само затоа што милиони излегоа од сиромаштија за време на глобалното ширење на капитализмот, не значи дека капитализмот е причината за оваа промена. Алтернативни системи би можеле да овозможат излез од сиромаштијата во истиот период или за повеќе луѓе и побрзо, затоа што на различен начин ја организирале продукцијата и дистрибуцијата.

Фокусот кон профитот на капитализмот често го задржува дистрибуирањето на производите. Со цел за да ги зголеми нивните цени и, со тоа, профитите. Патентите и трговските марки на фирмите кои се стремат кон профит, ефикасно ја забавуваат дистрибуцијата на разни производи. Не можеме да знаеме дали ефектите на стимулирање на капитализмот ги надминуваат неговите забавувачки ефекти. Тврдењата дека, генерално, капитализмот поттикнува, наместо да го забавува прогресот, се чисти идеолошки изјави. Различни економски системи — вклучувајќи го и капитализмот — го поттикнуваат и одложуваат развојот на различни начини со различни брзини во различните делови.

Капиталистите и нивните поддржувачи скоро секогаш се спротивставувале на мерките насочени кон намалување или елиминирање на сиромаштијата. Тие блокираа закони за минимална плата многу години, а кога таквите закони беа донесени, тие го блокираа покачувањето на минималните плати (како што го прават тоа во Соединетите Држави од 2009 година).

Капиталистите слично се спротивставуват на закони кои го забрануваат или ограничуваат: детскиот труд, го намалуваат времетраењето на работниот ден, обезбедуваат компензација за невработеност, воспоставуваат државни пензиски системи како што е социјалното осигурување, обезбедуваат национален здравствен систем, предизвикуваат родова и расна дискриминација против жените и другите малцинства, или обезбедуваат универзален основен приход.

Капиталистите предводеа отпор кон: прогресивни даночни системи, системи за безбедност и здравје на работните места, и бесплатна универзална едукација од предшколска возраст до универзитет. Капиталистите се спротивставуваат на синдикатите во последните 150 години и слично ги ограничуваат колективните преговори за големи класи на работници. Тие се спротивставуваат на социјалистички, комунистички и анархистички организации насочени кон организирање на сиромашните за да бараат олеснување од сиромаштијата.

Вистината е следна: намалувањето на сиромаштијата се случило и покрај спротивставувањето на капиталистите. Да се припише заслугата за намалувањето на глобалната сиромаштија на капиталистите и капитализмот е да се инвертира вистината. Кога капиталистите се обидуваат да ја присвојат заслугата за намалувањето на сиромаштијата што е постигната и покрај нивните напори, тие се надеваат на тоа дека нивната публика не ја знае историјата. Поточно борбата против сиромаштијата во капитализмот.

Последните тврдења дека капитализмот ја надмина сиромаштијата често се базирани на погрешни толкувања на одредени податоци. На пример, Обединетите нации ја дефинираат екстремната сиромаштија како приход под 1,97 долари дневно. Бројот на сиромашни луѓе кои живеат со помалку од 1,97 долари дневно значително се намали во последниот век. Но, една земја, Кина — најголемата во светот по население — доживеа еден од најголемите излези од сиромаштија во светот во последниот век, и затоа има значајно влијание врз сите вкупни бројки. Имајќи го предвид огромното влијание на Кина врз мерките за сиромаштија, може да се тврди дека намалувањето на глобалната сиромаштија во последните децении е резултат на економски систем кој инсистира дека не е капиталистички, туку социјалистички.

Економските системи се оценуваат според тоа колку добро или не им служат на општествата во кои постојат. Начинот на кој секој систем ја организира продукцијата и дистрибуцијата на добра и услуги одредува колку добро ги задоволува основните потреби на своето население. Тоа значи водење сметка за здравје, безбедност, доволно храна, облека, засолниште, транспорт, образование и слободно време со цел да се води пристоен баланс помеѓу работа и живот. Колку добро модерниот капитализам функционира во тој смисол?

Современиот капитализам досега акумулираше околу 100 индивидуи во светот кои заедно поседуваат повеќе богатство од долната половина на светската популација (повеќе од 3,5 милијарди луѓе). Финансиските одлуки на тие сто најбогати луѓе имаат исто толку влијание врз тоа како ќе се користат светските ресурси колку и финансиските одлуки на 3,5 милијарди, најсиромашната половина од светската популација. Затоа сиромашните умираат рано во светот на модерната медицина, страдаат од болести што знаеме како да ги лекуваме, гладуваат кога произведуваме повеќе отколку доволно храна, им недостасува едукација кога имаме доволно наставници, и доживуваат многу повеќе трагедии. Дали ова е тоа што го нарекуваме намалување на сиромаштијата?

Да се припише заслугата на капитализмот за намалувањето на сиромаштијата е уште еден мит. Сиромаштијата беше намалена преку борбата на сиромашните против системот кој систематски ја репродуцира сиромаштијата преку капитализмот и капиталистите. Понатаму, борбите на сиромашните често беа поддржани од борбени организации на работничката класа, вклучувајќи отворено антикапиталистички организации.

Автор
Ричард Д. Волф е почесен професор по економија на Универзитетот во Масачусетс, Амхерст, и вонреден на Програмата за постдипломски студии за меѓународни односи на Универзитетот Њу Скул, во Њујорк. Неделното шоу на Волф, „Економско ажурирање“, е емитувано низ повеќе од 100 радио станици и оди до милиони преку неколку ТВ мрежи и YouTube. Неговата најнова книга, издадена во соработка со издавачката куќа Democracy at work, е Разбирање на капитализмот (2024). Која одговара на барањата на читателите на неговите претходни книги: Разбирање на социјализмот и Разбирање на марксизмот.