Пишува: Кристијан Димков
Денес е 22-ри Април, денот на планетата Земја, или во јавноста по познат како „тој ден кога најголемите загадувачи и уништувачи на планетата Земја се преправаат дека се грижат за планетата“. Кога пишувам за најголеми загадувачи и уништувачи секако подразбирам огромните капиталистички конгломерати потпомогнати од нивните верни слуги: владите на државите – нации.
Според Агенцијата за заштита на животната средина на САД (EPA) најголемите извори на емисии на стакленички гасови (гасови кои ја задржуваат топлината) во САД се: Транспортот со 28% од кои добар дел од тие 28% се за транспорт на стоки. Производство на електрична енергија со 25% од кои добар дел од тоа производство на електрична енергија го користат фабриките, индустријата (фабриките) со 23%, комерцијални и станбени извори со 13% и земјоделството со 10% од емисиите на стакленички гасови.
Односно, според моја математика процентот на извори во кои една просечна индивидуа е директно инволвирана е многу мал од севкупните емисии на стакленички гасови. Инволвираноста на просечниот човек ако се квантификува би била во максимум 25% од севкупната емисија на стакленички гасови (стамбени, мали делови на транспортот и производство на електрична енергија и земјоделството).
Токму тука и лежи мојот проблем со екологијата како научна дисциплина, што целиот фокус го става токму на овие 25%. Преку разни кампањи за „кревање на свест“ на граѓаните, внесување на еколошки дисциплини во образовниот курикулум и слично создава една слика каде што обичниот човек се става на „првите борбени редови“ против еколошките катастрофи со кои се соочува планетата земја.
Ова е евидентно и во фактот што и на веб страната на Обединетите Нации има посебна статија за тоа што треба индивидуата да направи во борбата против климатските промени. Стандардно како и во сите вакви статии што пренесуваат информации за активности што можат да се преземат во борбата против климатските промени се става акцент на работи кои немаат некаков голем ефект од типот на: Јадете помалку месо, возете велосипед, патувајте помалку со авион, рециклирајте и слично.
Единствениот корисен совет кој навистина би можел да направи реална промена во оваа борба е тоа да се биде повеќе политички активен преку „контакт со локалните политички лидери“. Ова би можело да има некаков ефект доколку локалните политичките лидери не се наоѓаат „во ист кревет“ со сопствениците на капиталот и се негови вазали.
Според мене екологијата и сите овие совети кон граѓаните за тоа како да се „спаси планетата“ во најдобар случај се само погрешна дијагноза на проблемот а во најлош случај претставува малициозен обид да се оттргне вниманието на граѓаните од вистинскиот виновник за оваа ужасна ситуација во која се наоѓа планетата Земја: капитализмот.
Се додека живееме во неолиберален глобален капиталистички свет уништувањето на планетата земја ќе продолжи и ќе се засилува. Не јадењето месо на една индивидуа нема во ниту еден случај да надомести за уништување на уште една шума во Амазонија за еден капиталист да отвори нова фабрика, Бидејќи капиталистите се живи ѓаволи и нивните апетити за поголеми профити се не заситни.
Законите за заштита на животната средина не помагаат кај овие корпорации бидејќи компаниите благодарение на глобализацијата од национални станаа мултинационални и во ситуација на т.н. глобален пазар ништо не ги спречува производствените капацитети (и во многу случаи самиот отпад) да го префрлат од држави од каде што законите се спроведуваат како на пример западна и северна Европа во држави од „третиот свет“ каде што законските регулации или не постојат или не се спроведуваат (т.н социјален дампинг).
Најдобар начин да се дејствува против уништување на планетата Земја не е со индивидуални промени во животниот стил на поединците туку во нивно обединување против капитализмот, бидејќи како што вели големиот американски борец за работнички права Јута Филипс „Земјата не умира, таа се убива, а оние што ја убиваат (капиталистите) имаат имиња и адреси“.