Пишува: Претседателскиот кандидат на политичката партија Левица, Проф. д-р Билјана Ванковска
Признавам, насловот е од една колумна објавена пред неколку години, но содржината е нова. Или не е? А зошто тогаш се навраќам на ова прашање, кога сум уморна а има толку други работи за кои вреди да се пишува? Оваа тема е онаа која не нѐ остава на мир, која ни ја црпи општествената енергија, создава тензии и поделби. Сега како вештачки да се создава и впечаток дека созреал историскиот миг за затворање на некои прашања, кои го кочат прогресот. Ако можеа да нѐ убедат дека конфликтното минато треба да се заборави за да се оди напред, веќе предвидов дека на ред ќе дојде и „името“. Откако деновиве се изјаснија мнозина, и јас ќе потсетам на мојата црвена линија.
Прво, во јавноста повторно се пуштаат пробни балони. Можеби мислат дека ќе минат повесело во претпразничната атмосфера? Односите и состојбите во Македонија и Грција не созреале и покрај високите температури. Затоа „прогресот“ може да биде или привиден или резултат на надворешен притисок. Она со „Централно-балканска“ му доаѓа како „Централно-африканска“, ама приспособено на наши услови. Ако на Грција ѝ беше неприфатлив наш влез во НАТО под бизарната референца, зошто би биле среќни со уште побизарно име?! Освен, ако не ги задоволува нашиот мазохизам!
Второ, компромис за вакво прашање е можен колку што е можно дрвено железо (или обратно ако милувате). Госпоѓата министерка Теута Арифи, во дипломатско-беневолентен стил ни откри дека одговорноста за ниту еден спор не можела да се бара само кај едната страна! Освен, кога страна на спорот (конфликтот) се Албанците; тогаш сите други носат и одговорност и вина! Жално е вицепремиерка да не знае дека ние немаме спор со сопственото име, па оттука „одговорни“ сме колку и јагнето кое му ја матело водата на волкот. Спорот е невозможно да се „реши“, бидејќи компромис во идентитетски спор е друго име за пораз на едната страна. Нека не ве лажат: другата страна нема што да загуби, таа игра на сигурно. Нашата „одговорност“ е што немаме друго резервно име за самоидентификација, како што Албанците нѐ убедија дека немаат друго резервно знаме. Спорот е асиметричен и затоа што на една страна сме ние (слаба и поделена држава, која е заложник на тој мрачен/светол предмет на желбата), а на другата е речиси банкротирана држава во која е вложен коцкарски (пардон, банкарски) влог од ЕУ. Европејците ја бараат послабата карика и си играат со оган – затоа што не ја научија лекцијата од балканските идентитетски конфликти и нивните последици. А Грција е премногу важна не само за иднината на еврозоната, туку и за цивилизациската матрица која ЕУ ја влече од антиката. Значи, за идентитетите се работи!
Трето, ниту власта ниту опозицијата имаат јасна претстава за тоа како треба да изгледа прифатливото решение. Си прават „сметка без крчмар“, а мудруваат токму во стилот на дрвеното железо: разумен компромис кој немал да задира во идентитетот. За Шеќеринска црвена линија бил влезот во НАТО/ЕУ, без да се загрозеле идентитетот и јазикот (небаре јазикот не е дел на идентитетот)! И пак не кажа ништо! Името е дел на идентитетот и на меѓународноправниот субјективитет, во најмала рака на политичката заедница која граѓаните ја конституирале слободно. Има ли субјект без име? Па ни извод од книга на родени не можете да добиете без име, а за лична карта и да не зборувам! Исто е и со државите во меѓународната комуникација! Функцијата на името како дел на идентитетот е токму маркирањето, одбележувањето дека А = А, и дека не може да биде нешто друго, односно дека А ≠ Б. Оние кои се за разумен компромис (и од опозицијата?!) се „вадат“ дека не ја кажуваат тајната на соломонското решение за да не му наштетеле на дипломатскиот процес. Види мајката! Тајно ја запржуваат чорбата, а народот треба потоа да одлучи на референдум.
Референдум за вакво прашање е рамен на национално самоубиство и понижување. Прво, според Уставот никој (па ни народот) не може на референдум да одлучува за вакво прашање. Ако од разбирливи причини граѓаните не можат да одлучуваат на референдум за прашања, како оние од националната безбедност или за даноците, по која логика би биле повикани да се изјаснуваат за дипломатски пакет со кој се решава меѓудржавен спор? Ако властите се подготвени за „разумен компромис“ (а го имаат Претседателот Иванов кој ќе го препознае лесно), нека донесат политичка одлука. Не е случајно што од нас се бара сами да си ставиме јамка околу вратот, за да биде „доброволна и историска“ одлуката. Но ако некој е подготвен да попушти пред притисоците, нека се жртвува себе си, а не нас, граѓаните, кои ќе треба довека да го носиме крстот на плеќи. Референдумот е облик на непосредна демократија, а ако ние мислиме дека промена на името е обично политичко/демократско прашање – тогаш, тоа е друга приказна! Како и секој друг народ, имаме природно право на самоопределување загарантирано со меѓународното право. Тука спаѓа и правото на промена на името, ама само и само ако тоа е плод на внатрешна желба (како што некои народи правеле со отфрлање на име наметнато од колонизатори и враќање на древното). Обратно, овде се бара да се одречеме од историското име за да прифатиме новокомпонирано. Вистинска глупост е тезата дека требало да се фокусираме на промена на референцата која била срамна. Да, таа е срамна, ама за оние кои ја наметнаа и ја прекршија Повелбата на ОН и е далеку помала трагедија од прифаќање на име под притисок и со морална и материјална корупција (ветување на светла иднина).
На референдум се изјаснува по кусо и јасно прашање, со „да“ и „не“. Жалам ама морам да го пишувам дури и она што сите го знаат. Како ќе се формулира референдумско прашање кога зад евентуалниот договор стои т.н. „сет на идеи “ (како што љуби да каже посредникот Метју Нимиц), за опсегот на употребата на името и на придавките (вклучувајќи ги и кратенките за валутата, за интернет доменот и сл.). Дали ако „пакетот“ вклучува 10 точки, ќе ни дадат поединечно да се изјаснуваме за секоја од нив? Ќе ни ја дадат ли на увид англиската верзија (како единствено автентична, иако напишана со Езопов јазик)? Кој ќе ја разбере? Или од граѓаните ќе се бара да гласаат и без да сфатат за што се одлучува? Спорот не е спор за името на државата! Грција не ја интересира државата, туку конститутивниот народ кој има и малцинство во нејзините граници. Тоа почесто го кажуваат грчките, отколку нашите интелектуалци! Овие, со тактиката на нојот, одбиваат да го видат тоа.
Конечно, референдумот би ја довршил поделбата во општеството. Ни кажаа дека Албанците веќе типувале на некое име (на невидено). Тоа ќе биде пребројување и по меѓуетничка и по интра-етничка основа, што е не само мазохизам туку и рецепт за иден конфликт! Што ако е вистина она што го рече Груевски, дека одлуката ќе ја донесе мнозинството од оние кои ќе излезат на референдум? Каква кампања ќе се води за вистинската опција? Ако има прашање кое не заслужува воопшто и да не прашаат – тоа е ова за името. Има уште многу отворени прашања, но јас знам дека на референдум не излегувам, а бојата на мојата линија е онаа на Везилката.
Колумната прв пат објавена на 29 август 2011