Пишува: Кристијан Димков – студент на Филозофски факултет и Генерален Секретар на Црвена Младина
Рекордниот пораз од 7-0 на македонската фудбалска репрезентација против репрезентацијата на Англија претставуваше еден од најголемите обединувачки настани во изминатава година. Срамот на македонските фудбалери ги поттикна Македонските граѓани, независно од политичките убедувана, верските определби па и етничката припадност, да се обединат и да кажат: „брука човече“.
Овие бурни реакции на македонската јавност ме поттикнаа да размислувам малку повеќе за општествената функција на спортот во поширок контекст, односно неговата комерцијализација и функција како составен дел од надградбата.
Историја на спортот
Документираната историја на спортот датира најмалку 3.000 години. Во почетокот, спортот бил од практична примена и често вклучувал подготовка за војна или обука како ловец, што објаснува зошто толку многу рани игри вклучувале фрлање копја, колци и камења, и спаринг еден на еден со противниците.
Со првите Олимписки игри во 776 п.н.е. – кои (според различни извори) вклучуваале различни настани како што се човечки и коли, борење, скокање и фрлање диск и копје. Во современиот свет ситуацијата е доста променета, односно и самата дефиниција на тоа што подразбираме под спорт е променета. Сега постојат автомобилски спортови, електронски спортови од наредните летни олимписки игри ќе се воведе и „брејк данцинг“ како спортска дисциплина.
Поради овие причини во секојдневниот дискурс многу често можеме да слушнеме изрази кои орбитираат околу „нема веќе спорт“, „парите го уништија спортот“ и сл., со кои се искажува незадоволство од ситуацијата во која се наоѓа спортот како целина односно од неговата прекумерна комерцијализација.
Теорија на безделничката класа
Оваа тематика исто така претставувала тема од интерес на голем број општествени теоретичари. Во своето најпознато дело „Теорија на безделничката класа“, напишана при крајот на 19 век, американскиот економист, социолог и еден од најголемите критичари на капитализмот, Торстен Веблен, пишува за тоа како современата политичка економија не е базирана на заслуги или компетенции туку е базирана на социјалната стратификација на архаичните и феудалните општества.
Односно според Веблен, безделничката класа постои од појавата на приватната сопственост првично на мажи и жени – каде што физичко силните мажи со грабежлив темперамент кој биле најдобри ловци воспоставуваат сопственост над жените. Односно токму овој грабежлив темперамент/агресивност водело до идната безделничка класа – класа која не е дел од производствениот процес и не прави никаков корисен придонес кон општествениот живот, туку живее од грбот на мирољубивата, инфериорна класа која се занимава со сите производствени работи додека безделничката класа живее во раскош.
Овој грабежлив темперамент според Веблен претставува главна причина за развој на спортот, односно да цитирам:
„Спортовите – лов, риболов, атлетски игри и слично – овозможуваат практикување вештина, натпреварувачка жестокост и лукавство карактеристични за грабежливиот живот“
Значи преку спортовите индивидуите ги докажуваат своите варваски особини, лукавоста и мамењето – затоа и се потребни судии на спортските натпревари. Исто така, нешто што е забележливо до ден денес, се гледа како подвиг или „добар тактички потег“ (од страна на неговиот клан – како што вели Веблен) ако некој играч ги прекрши правилата со цел да донесе победа на својот тим. Сите изрази на јунаштвото на варварот се манифестира во два главни правца – сила и измама. Обете се присутни во спортот.
Комерцијализацијата
Од формализацијата на спортот па до ден денес тој е комерцијализиран, односно вештините на спортистите се користат од некого за да заработи пари. Ова било вистинито уште во времето на антички Рим каде што постоеле две главни локации за организирање на спортски настани. Циркус Максимус каде што се изведувале трките на кочии. Најдобрите тркачи се стекнувале со огромно богатство, како на пример Гајус Аполеиус Диоклес кој е најплатениот спортист на сите времиња. Во неговата кариера победил 1462 пати и тоа му донело богатство во вредност на 2600 килограми злато. Уште попопуларни настани се случувале во Римскиот Колосеум. Во колосеумот кој имал капацитет од 50 000 посетители се организирале многу настани и речиси сите инволвирале смрт. Најпознати биле гладијаторските битки најчесто до смрт иако ако некој се борел добро и загубил можел да биде поштеден од страна на императорот ако бил присутен. Гладијаторите можеле да бидат робови, воени затвореници, слободни луѓе и професионалци. На посебни случаи имало и жени гладијатори. Некои гладијатори биле херои и си имале свои фан клубови.
Целата поента на оваа мала дигресија е да се покажам дека комерцијализацијата не е грешка туку е составен дел на спортот, како и фактот дека „циркузијадата на спортот“ воведена во современото општество од страна на САД постоела и во минатото и е само адаптирана на современите услови.
Тоа што во моментов забележуваме во однос на комерцијализацијата на спортот е продукт на глобализацијата и (по)јавната достапност на податоци за тоа колку всушност материјални средства се трошат во име на спортот и повеќе милионски трансакции стануваат секојдневие. Голем број на луѓе (вклучувајќи ме и мене) сметаат дека тоа се премногу пари за „некој што шутира со топка“. Но една работа тука се заборава а тоа е дека сопственикот на клубот очекува и сигурно остварува профит врз грбот на спортистот кој во случајов претставува пролетеријат, експлоатиран од страна на својот сопственик – капиталистот. Ова не го пишувам со цел да се „ронат солзи“ за луѓе кои во една година заработуваат повеќе пари отколку јас ќе заработам во цел мој живот туку да ја ставам ситуацијата во поширок контекст.
Накратко спортот претставува важна алатка во раците на владеачката класа, и игра голем број на важни улоги, спортот се користи од нивна страна за прво и најосновно профит, второ пренесување на вредностите на грабежливата односно капиталистичката класа и трето како дистракција од поширокиот контекст на општествените случувања, односно со други зборови, да беа македонците исто сплотени за средување на државава колку што се за тоа дека Благоја Милевски треба да си даде оставка, ќе живеевме во многу понормална држава.