Етникум – бомба која тлее

Религијата (како најважен составен дел на еден етникум) и национализмот (како мутиран и политички организиран етникум) како историски феномени беа причина за најголемите разурнувачки судири помеѓу народите наназад во историјата. Симбиозата на овие два историски феномена пак е особено позната за овие балкански простори и токму тоа беше причина за крвавото и многу болно распаѓање на заедницата создадена од различни балкански народи-Југославија. Цената за ова ја платија затекнатите генерации но по се изгледа ова не беше доволно па опасноста прети и на иднината.

Кога политичката заедница се темели на етникумот, кога севкупните односи во општеството ви се детерминрани од етничкиот идентитет на народот кој е организиран во таа политичка заедница и кога свеста за секакво политичко-јавно-општествено дејство е проткаена со таква епистемологија, етно-сентиментот доаѓа до експлозија при мали тензии во јавниот и општествен живот, воедно и тогаш луѓето се најподложни на манипулација.

Така национализмот иманентно, особено во РМ, е етноцентричен односно тоа е етно-национализам. Ова е доктрина со која денешната модерна политичка заедница себеси се легитимира, тоа е модерниот и доминантен концепт на политичка заедница уредена по принципот етникум-нација-држава. Овој дискурс како концепт во политиката е тотално неприменлив во организација на заедницата, особено на етнички поделени општества, бидјќи вака организирана политичка заедница, рефлектирајки ги разликите во единсвената рамка на државата-нација, секогаш за одредени општествени сегменти ќе значи привилегија а за други деспотизам.

Постоењето на ваква (етничка) поделба во општеството не само што е апсолутно нерелевантна за задоволувањето на вистинските потреби на луѓето (што впрочем е примарна задача на политиката), па и нејзиното политичко третирање е апсолутна политичка примитивност и политичка неписменост.

Мирот и прогресот е недостижен во културно-етнички нехомогена политички заедница која е уредена по принципот на државата-нација. Или, политичката заедница ќе биде етнички хомогена, или, пристапната логика на нејзните креатори во врска со критериумите за составување политичка заедница ќе се промени на некоја пореална и по релевантна основа, како на пример класната основа. Но и тогаш, сè додека не се надмине оваа разлика (а тоа би било можно само ако постои свеста за таквата разлика), нема да има благосостојба и мирно, бесконфликтно општесво.

Според ова меѓуетничките односи се секогаш опасни и потенцијално конфликтни, тие во ваква ситуација не ни можат да бидат поинакви. Но и покрај ова се уште упорно се настојува да се промовира тој, во последниов век хегемонски доминантен, дискурс на етничка свест во општествените односи, кој очигледно е неуспешен и погрешен. Особено кај нас, сите проблеми и решенија во политичката сфера го имаат овој дискурс. Така причината за незадоволувањето на определените основни потреби на член од тоа општество се доживува како последица на постоењето на другиот, наспроти него, со различна етничка припадност. Ова е апсолутно нерелевантен критериум за поделба на општеството како политичка сфера, ваквата поделба доведува единствено до регрес на самото општество.

После вжештувањата на меѓуетничките односи во земјава манифестирани во тепачки по градските автобуcи, се слушаа клише анализи како од страна на опозицијата така и од страна на владеачката структура, а исто така и од страна на дел од НВО секторот кој е само продолжена рака на нашите политичко-партиски и економски елити. Сите тие кажаа иста работа само на друг начин и со различна цел. Имено, опозицијата реагираше тврдејки дека ова било сценарио на владеачките партии, дека конфликтот бил целосно режиран и подметнат на граѓаните и тн.

Се прашувам што суштински е битно дали власта ова го испланирала или не, тоа и не е толку загрижувачки и изненадувачки, тоа е онтолошка особина на власта. Загрижувачки е тоа што во општесвото постои потенцијал кој може да се искористи за вакви манипулации. Како да во општеството сè цвета, луѓето меѓусебно и заедно живеат и покрај тоа што се така поделени па сега власта им сценира меѓусебни тепачки и превирања! Реалноста е дека постои поделба која произведува омраза и нетрпеливост од која се раѓа конфликтот, и тоа е директна последица на самиот систем на политичката заедница во која се организирани овие луѓе.

Што се однесува до власта пак, таа повикува на меѓуетнички соживот и толеранција, а притоа со небулозите на аплаудирање на спортско навивање со провокативни песни, со хистеријата на менување на имиња на улици и други слични чекори, таа и тоа како ја продлабочува ваквата спортивставеност на различностите при што делува акцелераторски во нивниот судир.

Во граѓанскиот домен пак, и покрај постоењето на позер активисти, квази интелектуалци и его трипови, постојат и луѓе кои навистина го сакаат мирот во општеството и искрено се ангажираат во тоа. Но проблемот е што тие не знаат како да се дојде до тоа, односно погрешно го третираат проблемот. Под дејство на неолибералната тоталитарност за неидеолошки, безвредносен пристап кон општествените работи, овие луѓе се тотално етички релативни и со нивните филозофии за решавање на општствените проблеми излегува на виделина целата нивна социјална имбцилност, која не е ништо друго освен имбецилноста на неолибералната мисла во однос на општествено-политичките работи. Така имаме оксиморонски појави, како „успешните“ проекти на НВО секторот за мултикултурност, соживот, толеранција, добри меѓуетнички односи и т.н. а во исто време третираните проблеми со овие проекти на НВО-ата земаат сè поголем замав во општеството. Што значи овие проекти се успешни само кога се кажани со комуникацискиот код на НВО-измот кој нема никакви допирни точки со реалноста.

Лекот за ваквото општество е еден вид секуларизација на политиката, односно нејзино ослободување од етничките премиси, ослободување од историскиот багаж кој е така опасно радиоактивен, и кој тлее во темелите на општеството како темпирана атомска бомба која е потенцијално разурнувачка. Тоа е активен вулкан кој на секој мал дисбаланс во општеството (особено во економско-социјалната сфера) еруптира и исфрла лава која е уништувачка за сè околу себе.

Автор: Хактан Исмаил, активист на ДСП Ленка

Извор: http://www.makdenes.org/content/article/24535473.html

Последно