Пишува: Претседателскиот кандидат на политичката партија Левица, Проф. д-р Билјана Ванковска
Колумнава ја пишувам во пресрет на малото финале на Европскиот кошаркарски шампионат. Веќе се сложивме: Македонија е победник, со бронзана медаља или без неа, сеедно! Не само што се покажавме достојни противници во врвната европска кошарка, туку нашите кошаркари ни навестија бајка во која сите се втурнавме. Ништо не успева како успехот, вели една стара изрека. Изминатите седмици, а особено последниве денови, стварноста како да престана да постои: се почувствувавме како јунаци во сопствената приказна, па сѐ друго избледе од хоризонтот. Кошарката стана нашата најважна, но не и споредна, работа на светот. Признавам, доброволно се препуштив на заводливото и преубаво победничко (национално) чувство. Само со едно око следев што се случува на домашен план, немирите на Косово едвај и да имаа некакво значење, па дури и почетокот на академската година падна во сенка.
Но, сега е време за рефлексија: смирена, одмерена ама и искрена! Се надевам дека чувството на опиеност и на победа не создадоа од нас полоши луѓе, нетрпеливи и нетолерантни. Како што се искачувавме кон тронот, растеше егзалтацијата, ама и се воведуваа нови критериуми за патриотизам и македонство. Секој обид да се осуди неспортско однесување или националистичка треска која од европски шампиони нè прави примитивни Балканци беше дочекуван на нож: те не било време, те непристојно било, па расправата забега во некаква метафизика и објаснувања дека негативните бранови некако ќе стасале до нашите момци во Литванија па ќе сме им попречеле во битката, па затоа сме требале сите да испраќаме позитивни вибрации.
Другиот екстрем беше потценувачкиот однос кон настаните, високоинтелектуалното и високоевропејското глумење незаинтересираност и туркање на главата во песок, само и само да не се покаже возбуда пред големата и заслужена национална победа. Самопрогласената македонска „Политковскаја“ (известувачката од Брисел) порачуваше дека сме глупави што се радуваме и што ги прогласивме кошаркарите за наши најдобри амбасадори ширум светот. (Патем, токму денес ми покажаа насловна страна на дневен весник од Дубаи, на кој пишува за нашата Македонија). Според госпоѓицава фините Европејци поим немаат дека се одвивало Европско првенство во кошарка и никој не слушнал за Перо, Војдан или Бо. Пораката е: во ЕУ се влегува со реформи (и продадено име), а не со спортски победи. Ќе останам без коментар, воздржувајќи се да не кажам нешто непристојно!
Кошаркарите за само неколку недели направија повеќе за афирмацијата на Македонија отколку политичарите во изминатите 20 години. Тука најмалку ме восхити победата над Грција – напротив, момците не беа во осветничка мисија и во лична пресметка, туку во борба за врвот на европската кошарка! Момците играат кошарка, и тоа врвна! Најубавиот виц деновиве тече вака: Од каде си? Од Македонија! А каде е таа Македонија? Во полуфинале! (За малку се понадевав дека ќе правиме ревизија на последниот дел од вицот, но и вака е добро – бевме во малото финале). Вицот веднаш го препратив до сите пријатели во странство, а колегата Пуховски го раскажал среде панел дискусија на Белградскиот безбедносен форум!
На еден или друг начин, сите се потрудивме, во позитивниот налет на кошаркарите да „поентираме“, да „забиеме“ некој кош! А ако некој не ја почувствува таа убер-хемија, тоа е негов проблем. Нека си остане со уверувањето дека е ова сосема неважна работа, а дека навивањето за сопствената земја е недозволиво според Копенханшките критериуми за влез во ЕУ и можеби ќе влезе како минус во наредниот извештај на Европската комисија. Впрочем, слободата во демократијата е да можеш и да не навиваш за кошаркарите, па и да им се потсмеваш на оние кои паѓаат во транс, а при тоа да не те распнат на крст.
Во петокот попладне, откако ја напуштив научната конференција посветена на дваесетгодишниот јубилеј на државата, за да стасам дома морав да минам од едниот крај на градот до другиот. Можев да ја почувствувам онаа неверојатна атмосфера која го беше зафатила градот (а верувам и целата земја): армија млади и не толку млади кои се упатуваа кон плоштадот, кој со знаменце, кој со свирче, кој со црвено-жолто шалче. По балконите висеа знамиња, по автомобилите соодветни налепници… Овој климакс ме потсети на еден друг ден од пред неколку години. Се сетив на ден от кога на тој ист плоштад големи групи излегуваа да му одадат последна почит на Тоше. Тогаш не напишав колумна, но сега можам да кажам како ја доживеав таа национална болка. Ми се чинеше дека колку што се оплакуваше прераната смрт на младиот и толку сакан пејач, толку се лееја и солзи од национално самосожалување. Мнозина шепотеа со очај: па, мораше ли ова да му се случи токму на Тоше, на најуспешниот и најталентираниот од Македонија?! Баш немаме среќа – ќе се роди вакво момче, и судбината клета ќе ни го одземе! Имаше претерувања во смисла дека тој бил нашата насјветла точка, попопуларен од било кој политичар и поуспешен од кој било Македонец, споредуван и со светец. Покрај искрената тага за загубениот живот, почувствував уште поголема тага за мојот очаен народ за кој пример за успех е токму момче од естрадата на само 26 години. Сега ова беше обратна ситуација!
Победата, или поточно серијата победи на спортски план одеднаш вивна сѐ во плам: за 20 години измислени успеси (на економски, социјален, политички план) сега се случува бајка, а спортска победа станува сатисфакција, мелем на рана за сите други национални фрустрации. Тоа дека политичарите профитираат од спортски успеси е позната работа: на секој значаен меч ќе се „нацртаат“ на трибини! Но, нашиве се надминаа себе си: претседателот Иванов побрза да додели медали уште пред да се пласираме во полуфинале, покажувајќи недоверба во крајните дострели на оваа генерација кошаркари! Владеачката партија, пак, испрати „избрана армада“ навивачи (критериумите за избор беа евидентни, па нема да ги објаснувам), кои мислеа дека се испратени во некаква имагинарна интернет-битка за да го бранат џиновското знаме. Хиперреалност во која малата Македонија се бори со целиот свет и за името, и за знамето (не државното, туку наводно националното), и за некаква држава која сигурно не се вика Република Македонија. Најинтересен беше начинот на кој публиката во Македонија го доживеа инцидентот: можеше да настрадате со живот ако кажевте дека во Литванија се играше кошарка и дека најдобар начин за морална, национална и спортска победа е надигрувањето со баскетот! Можеби во аналите на спортската историја со светли букви ќе остане запишана оваа најголема спортска победа, но нашето општеството останува поделено. Немам срце да употребам збор кој Најчевска редовно го употребува за нашиот народ, но дека сме збунети тоа е повеќе од очигледно. Нација која пее „едно име имаме, во душата го носиме“, додека нејзините најдобри спортиски играат со името на Витаминка на градите, тоа е болната реалност (вината е кај оние кои ни го приредуваат тоа понижување). Пријателка ми вели: овој победнички дух ни е потребен како на пустината дожд! Да, дождот дојде, оној освежувачки, летен, прекрасен, можеби некој прекрасен кактус ќе процвета, ама водата ќе испари, ако не сфатиме каде и како се бијат битките. Секој на свој план, секој со она што најдобро го знае, самопрегорно и за себе и за својата земја. Но без замена на лончињата. „Гоцевата раса“ може да биде тоа што сака само ако ја парафразира познатата Гоцева теза за светот како поле за културен (и спортски) натпревар на народите.
Колумната прв пат објавена на 19 септември 2011