Пишува: Претседателскиот кандидат на Левица, Проф. Д-р Билјана Ванковска
Лесно е да се претпостави дека оваа колумна нема да предизвика голем интерес, а и на тие што ќе ја прочитаат нема многу да им се допадне. Веројатно уште при читањето на насловот се наметнува прашањето – чуму сеќавање на Југославија. Причините за ваквиот однос се едноставни: во време кога секој миг е набиен со неподнослива доза апсурд, тензија и страв од деконструкцијата, на малкумина им е грижа за јубилеите поврзани со покојната Југославија. Дури се смета за ерес воопшто и да се рефлектира за тоа минато (и, не дај боже, југословенството): Македонија, еднаш позната како најјугоносталгичната бивша република, сега го живее последниот чин на својата драма, а своите корени ги наоѓа во некои времиња што немаат непосредна поврзаност со создавањето на прва Југославија. Се оди дотаму што малкумина и ќе признаат дека без втората Југославија веројатно ќе ја немаше ни Република Македонија, и дека македонскиот народ е меѓу оние што најмногу добија во национална смисла во тој период (иако изгубија во демократска смисла, како и сите други).
Сепак, се одлучив за непопуларна тема, не само затоа што ја сметам за значајна, па дури и актуелна низ една посебна призма, туку и затоа што нема да бидам жива за некои идни јубилеи поврзани со Југославија. Ако одбележавме стогодишнини од Балкански војни, почетокот и крајот на Прва светска војна, тогаш некој збор заслужуваат и 100-те години од создавањето на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците (подоцна Кралство Југославија) и 75 години од Второто заседание на АВНОЈ на кое беа поставени темелите на новата федерација во настојување (а без кои немаше ни да се случи АСНОМ). По игра на случајот, двата јубилеја ги дочекав во Белград, на меѓународна конференција („Левицата е мртва, да живее левицата! Промените и предизвиците на левицата во современа Европа“). Накратко, од презентациите на колегите од ЕУ можеше да се заклучи дека на европската левица (поточно, социјалдемократите, бидејќи спомнувањето на радикалната левица не беше популарно) црно ѝ се пишува, и на националните и на европските избори. Маршот на десницата (и поместувањето на конзервативните партии сѐ подесно, за да придобијат повеќе гласови) е видлив. На панелите посветени на земјите од бивша Југославија не беше ништо повесело: состојбата е депресивна, дури и погледната од Љубљана или од Загреб т.е. од земјите што одамна се „спасија“ од Балканот.
Пустината на постсоцијалистичката транзиција е евидентна, особено ако се очитува по параметрите по кои се детектира или мери присуството на леви (или прогресивни) политики. Идеологијата е фактички мртва, разликите меѓу партиите се како меѓу „кока-кола“ и „пепси“, социјалните разлики огромни, квалитетот на животот понизок од оној во бившата заедничка држава, работничките права се мислена именка, а дури и просторот за партиципација, јавна критика и промена одоздола нагоре е крајно лимитиран. Не, на конференцијата немаше ни трошка југоносталгија (иако на паузите комунициравме на „нашки“ и се разбиравме и со малку зборови), но зборувавме за нужноста од соработка и солидарност. Позицијата на земјите што произлегоа од бившата Југославија е таа на (семи)периферија на европскиот или светскиот капитализам: принципот е ист, сето друго е нијанса. Кризата го тресе и центарот (што деновиве се гледа и од случувањата во Париз, на пример), па и решенијата треба да се бараат таму. Но, дури и колегите од најразвиените западни општества немаат ни одговори ни „лек“ за алармантните состојби.
Спомнувањето на антикапитализмот (или алтернатива за капитализмот) е речиси табу, а главната тема е како да се ревитализираат социјалдемократските и либерално демократските партии – но во рамките на истиот глобален систем. Заклучокот е дека сите сме заложници на една иста глобална системска криза што почива на принципот ТИНА (There Is No Alternative, нема друга алтернатива), а денешната периферија (за разлика од пред 100 години) нема капацитет да биде местото од кое ќе тргне радикалната промена.
Да се вратам на Југославија, колку и да е таа само историски (за младите, апстрактен) поим. Земјата беше создадена и умре двапати – првпат како кралство во 1941 година, а вториот пат како социјалистичка федерација (1991). Во двата случаја шансите за нејзиниот опстанок беа многу мали поради нејзините инхерентни карактеристики: составена од остатоци од две спротивставени империи, Австроунгарската и Отоманската, па буквално прекуноќ се спојуваат и народи, кои колку што се блиски, толку се и различни, па дури и кои биле на непријателски позиции. Првата Југославија, нуспродукт на распадот на империите по Првата светска војна, почива на мешавина на романтизам (за југословенство и заедништво) и на реалполитика, но и на фундаментални недоразбирања околу идејата на „југословенство“, како и на нејзините уставни основи и очекувањата на оригиналните конституенти. Словенците и Хрватите набргу стануваат сѐ понезадоволни од статусот што е полош од автономијата што ја уживале во претходното царство, сите други (освен Србите) се предмет на хегемонија и насилна асимилација. Политичкото насилство и диктатурата, заедно со сиромаштијата, неразвиеноста и неписменоста се нејзините главни одлики.
Кралството е во суштина мултинационално, мултиконфесионално, мултијазичко, и со силни социјални противречности. Уште пред официјалниот распад во 1941 година, како кула од карти, ембрионот на идната (втора Југославија) израснува низ дејствувањето на работничкото и комунистичкото движење во исклучително тешки услови и по висока цена. Југословенската идеја за заедница на братски народи е онаа што на партизаните им дава легитимитет и невозможното го прави можно, дури и среде братоубиствена војна. Факт е дека зад настанокот и смртта на двете Југославии (од 1918 и 1945 г.) стојат и интересите на големите сили. И во двата историски контексти им се чинело дека држава на Јужните Словени ќе биде најзгодно решение за таа чудна етничка мешавина и за раскараните балкански народи, а дека вештачки споената држава ќе послужи и како основа за некакво политичко помирување, па и како тампон-зона помеѓу Истокот и Западот.
Шведскиот истражувач на мирот и конфликтите, Хакан Виберг знаеше да каже дека Југославија отсекогаш била како пеперутка со карактеристики што реално ѝ оневозможувале да лета, но пеперутката тоа не го знаела – и летала. Барем педесетина години – додека стана непотребна тампон-зона по падот на Берлинскиот ѕид и додека крилјата не ѝ натежнаа од сопствените противречности. За првата Југославија никој не жали, и се споменува само како увертира за втората, иако меѓу двете постои меѓународноправен континуитет. Трагедијата на втората Југославија е во тоа што, и покрај огромниот напредок и исправањето на многуте историски неправди наследени од првата, сепак не успеа да изгради демократско општество, односно југословенски демос. Така, Југославија беше можна само како недемократска творба, чие лепило беше во мешавината на идеологијата (која се разликуваше од советската), партизанството, наративот за братството и единството, култот на личноста, за уникатноста во светски рамки, неверојатните спортски и други успеси итн. И се разбира, потребата да постои меѓу двата блока во Студената војна.
И четврт век по конечниот распад на СФРЈ, мнозина го поставуваат прашањето зошто мораше да се распадне во море од крв и страдања. Дали и како можеше да се избегне тоа? Уште потрауматично (и неодговорено) е прашањето зошто тогаш живеевме подобро од денес. Ако СФРЈ беше изворот на сите зла, зошто сега не е подобро. Зарем денешната дебтократија, клептократија и олихаргија се подобра замена за „занданата на народите“? Како може западноевропските народи да ни станат поблиски (со политички декрет) од соседите, кои по дефиниција треба да ги мразиме? Апсурдно, но иако ние молчиме за сѐ што е поврзано за јубилеите, Македонија е единствената што во (наметната) меѓународна референца го носи атрибутот „југословенска“. Уште поапсурдно е што и денес минува низ нова фаза на меѓународен (државен и национален) инженеринг, зашеќерен со лажни ветувања за (европска) интеграција, за ново „братство и единство“, за нова политичка заедница во која ќе течат мед и млеко, но и во насока на федерализација.
ЕУ е повторно во длабока (предконфликтна) криза – некои велат дека го живее моментот од 30-тите години на 20 век, а креирањето и декомпонирањето народи и држави е дисциплина во која имаат искуство, и жртвувањето на оние што се третираат како отпадоци или вишок за нив не е голема трагедија. Зафатена од внатрешниот немир и надворешниот виор на „стејтбилдинг“, Македонија не успева дури ни да рефлектира на искуството на двете Југославии, барем за да се соочи со фактот дека државите (па и народите) се креираат и умираат, без солза да се пушти за нив. Безнадежноста што владее од Триглав до Гевгелија, но и подалеку од Пловдив и Патра, покажува дека Југославија никогаш не била вистинскиот извор на проблемите, туку само лош експеримент за нивно забошотување. Изворот на кризата од која не сме ни излегле е глобалниот систем, во кој безбедноста на капиталот е позначајна од безбедноста на луѓето, народите и државите. Приказната за ЕУ е новата утопија, која треба да ја замени потрошената приказна за братството и единството. Но ЕУ го живее својот „југословенски момент“. Затоа, спасот не е таму, дури ни за новокомпонираната Северна Македонија.
Колумната првично објавена за весникот Нова Македонија: https://novamakedonija.com.mk/mislenja/kolumni/%d1%98%d1%83%d0%b3%d0%be%d1%81%d0%bb%d0%b0%d0%b2%d0%b8%d1%98%d0%b0-%d0%b7%d0%b5%d0%bc%d1%98%d0%b0%d1%82%d0%b0-%d1%88%d1%82%d0%be-%d1%98%d0%b0-%d0%bd%d0%b5%d0%bc%d0%b0/