По повод 110 годишнината од раѓањето на Лазар Колишевски, СПМ организираше промоција на книгата „Колишевски и Македонија“, а промотори беа амбасадорот Ристо Никовски и Новица Велјановски. На промоцијата најголемо внимание привлече присуството во првиот ред Христијан Мицкоски, лидерот на ДПМНЕ, партија која цела своја историја се обидува да го демонизира делото на човекот прогласен за народен херој, за време на чие владеење се создадени клучните државни институции.
На промоцијата Амбасадорот Ристо Никовски кажа три вистини за рабoтата на Колишевски и комунистите во создавањето на Македонија за кои многумина не ни сонувава дека јавно и гласно ќе се кажат:
- Треба да сме бескрајно благодарни на српските комунисти кои се откажаа од Вардарскиот дел на Македонија за да има каде да направиме држава.
- Треба да сфатат сите во ВМРО-ДПМНЕ (во лице на Мицкоски) дека комунистите не се непријатели туку дека биле најголемите патриоти и без комунистите ќе немаше македонска нација!
- Заблуда е дека Американците ќе дозволеле одење на Солун и било какво обединување на Македонија, сите кои тогаш тоа го агитирале само ќе го упропастеле создавањето на првата македонска држава.
Во соопштението за јавноста СПМ која е во коалиција со ДПМНЕ соопштија дека дека печатењето и издавањето на оваа книга е нивен долг кон Колишевски. Во прилог ви го пренесуваме нивното соопштение:
„Ние во Социјалистичката партија на Македонија продолжуваме со книгоиздателската мисија со најновото печатено издание “Колишевски и Македонија”. Наш долг и обврска кон другарот Лазар Колишевски како историска личност, општественик, но и како кон претседател на Сојузниот одбор на Социјалистичкиот сојуз на работниот народ на Југославија – ССРНЈ. Потсетување преку избор на негови обраќања, трудови, ставови и размислувања посветени на аспектите на македонското национално прашање.
Денес исклучително актуелна тема која ја засега пошироката јавност, особено македонскиот народ. Со нескриена македонска исполнетост пишани листови за поттик, охрабрување и патоказ за излез и решавање на сложените и горливи прашања со вистинско национално чувство, достоинство, трпелливост и мудрост. Со особено внимание токму во февруари 2024 година, денес на 110 годишнината од раѓањето на Лазар Колишевски го промовираме нашето издание “Колишевски и Македонија”.
Социјалистичката партија на Македонија, како наследник на ССРНМ, го враќа Колишевски во просторот каде што природно и идеолошки припаѓа како составен дел од македонските социјалисти. Социјалистичката партија на Македонија се обраќа со искрен и отворен повик до неговите современици и сите кои веруваат и ги споделуваат нашите програмски определби и кои ја согледуваат потребата за идеолошко пристапување и окрупнување преку националното обединување и градењето единство за заштита на македонската држава и народ, како заеднички и врвен приоритет.“ стои во соопштението објавено од СПМ.