Почетоците на Патот на свилата, како трансверзала, којашто ги поврзувала Источна Азија со Медитеранот лежат во првите две столетија од нашата ера. Тоа е епохата на кинеската династија Ха̀н (205 п.н.е – 220 н.е.), која токму во овој период, како последица на нејзиниот судир со Хуните, доаѓа во засилен допир со Централна Азија и подалечните предели на Запад, за што најзаслужни се експедициите на Чжа̄нг ‘Чје̄н (†114 п.н.е.) и Ка̄н Јӣнг (преод на I и II век н.е.), чија, пак, дипломатска мисија го води се до Месопотамија на прагот на Римската Империја. Со ваквите контакти отворен е Патот на свилата што ќе ги сврзе дотогаш регионалните патни и трговски мрежи во еден глобален систем, во чиј склоп „меѓународни“ стоки, како свилата, ќе влијаат врз економската рамнотежа на просторите од Кина до Рим. Воедно и знаењата на разните цивилизации едни за други ќе нараснат, што ќе го видиме од една страна во делата на Страбон, Плиниј и Птоломеј, а од друга, во тогашните кинески историографски сочиненија како Историските записи на Сӣ’ма̌ ‘Чје̄н (145-90 п.н.е.) и Книгата на Подоцнежниот Ха̀н. Патот на свилата овозможува и меѓусебни културни оплодувања олицетворени во такви феномени како „хеленистичкиот будизам“ од северозападот на Индискиот потконтинент и Средна Азија, но и пластичната уметност од Гандара, која во своевиден триаголник ќе ги спои хеленистичките естетски идеали со оние на Индија и Кина. Историски куриозитет претставуваат извештаите за трансконтинентални патувања, како она на Маес Титијан, кој, опишан од Птоломеј како „маж Македонец“, е првата забележана личност од Медитеранскиот свет, којашто има отпатувано сѐ до Кина.
Влезот е бесплатен
За предавачот:
Игор Радев е филолог, лингвист, синолог и преведувач. Дипломирал класични студии на Философскиот факултет во Скопје, магистрирал лингвистика и применета лингвистика, а докторирал кинеска филологија на Пекиншкиот Нормален Универзитетот, Н. Р. Кина.
Д-р Игор Радев е со богат опус на преведени и препеани дела од старокинески и кинески на македонски јазик, вклучително: Книга на Патот и неговата Крепост од Лао Це (2012), Изреченијата со Големото учење и Учењето за средишноста од Конфуциј (2013), Антологија на класичната кинеска поезија (2014), Книга на записите (2016), Књига песама: Конфуцијански поетски канон (2019), Менциј (2019), Собрани Песни од Ли̌ ‘Чӣнг Чжа̀о (2019), Трословната книга (2020), Избрани песни од Сӯ Шѝ’ (2021). 2013-2016 учествува во преводот на Антологии на македонската литература на кинески. Автор е и на бројни теоретски статии во земјата и во странство од областа на синологијата и лингвистиката, делумно собрани во Кинеска клучалка: Збирка синолошки есеји (2017), а и на книги од областа на граматологијата, каква што е Типологија на писмото (2022).
Член е на Светскиот совет на синолозите, на Книжевната асоцијација на земјите од Појасот и патот, како и на Светската асоцијација за кинески студии при Кинеската академија за општествени науки.
Во 2021 г. добитник е на „Кинеската награда за особен придонес во литературата“ , која претставува највисокото признание во Н. Р. Кина на книжевно-културно поле што може да биде доделено на странски државјанин. Претходно, во 2012 г. добитник е на наградата „Григор Прличев“ доделувана од Сојузот на литературните преведувачи на Македонија за преводот од древнокинески на македонски на Книгата на Патот и неговата Крепост од Лао Це, а во 2022 г. и на наградата на Град Скопје „13 Ноември“
За повеќе информации: https://www.facebook.com/events/792486559572964/?ref=newsfeed