Филозофскиот филмски фестивал со богата програма во Кинотека

Од 2 до 9 јуни во Кинотека на Македонија ќе се одржи 13-тото издание на Филозофскиот филмски фестивал – фестивалот што ја негува и промовира мисловната, филозофско-естетичката димензија на седмата уметност. Годинава ќе бидат прикажани повеќе од 40 филмови, а ќе се одржат и педесетина настани, со гости и учесници на Втората интернационална конференција „Филозофија и филм“.

Годинешното издание на Филозофскиот филмски фестивал се одржува под мотото „Сè е филм, во множина“, што според организаторите е инспирирано од големиот француски филмски великан од новиот бран Жан-Лик Годар, за кого фестивалот подготвува специјален сегмент „Фокус Годар“.

„Во годаровски манир, по малку поигрувајќи си со историјата/историите, или приказната/приказните на филмот, оваа година со омаж на Годар како една неизбежна одредница и лик во светската филмска историја-приказна, со радост ви го најавуваме 13-тото издание на нашиот и ваш Филозофски филмски фестивал во кој централно место ќе има токму ‘Фокусот Годар’, со неколку ретки и исклучително вредни синефилски уживања коишто ги подготвивме за нашата верна публика. Годинешната максима ‘Сè e филм, во множина’, на ниво на синтакса, повторува една Годарова постапка: брзиот и неочекуван монтажен засек. Затоа и запирката, која не е чест гостин во слогани, тука ни се чини и сосема посакуванa“, велат од Филозофскиот филмски фестивал.

Фестивалската програма поделена во ревијален дел, две компетитивни програми, Ретроспектива, придружна програма, едукативна програма и интернационална конференција.

Едукативната програма е поделена на три сегменти – Средношколска видео лектира, работилници за млади и Фил(м)ософија со деца. Оваа програма предвидува настани на повеќе локации во земјава.

Така, Средношколската видео лектира започнува на 4 април во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје, додека од 5 до 11 април проекции ќе има и во други градови.

Во втората половина на април и почетокот на мај, во рамки на фестивалот се одржале и седум работилници за млади на актуелни општествени теми со филмска подлошка, а работилници за младите заинтересирани за естетиката на филмскиот јазик ќе се одржат и во периодот од 20 до 27 мај.

Најмалите, пак, под менторство на Мартин Поповски ќе го гледаат јапонскиот анимиран филм „Мираи“ (Mirai 2018) и ќе дискутираат на избрана тема.

Фестивалот е во организација на Филозофското друштво на Македонија, а повеќе за програмата може да се прочита на овој линк.

Превземено од: https://meta.mk/filozofskiot-filmski-festival-kje-ponudi-bogata-programa-vo-kinoteka/?fbclid=IwAR0Kmcn6nCQZafFY7Vc53kjl3zU3ZZJWFK8vcNJwRlXfXugiUp9BSQxqMBI

Последно