„За жал, Струга од град на поезијата е претворен во град на дивоградби и безперспективност“, напиша пратеничката од Струга, Јована Мојсоска.
Мојсоска констатираше дека во заштитеното подрачје од градот се појавуваат секакви објекти без дозвола, додека паралелно со тоа оди узурпирање на државно земјиште.
„Во самата струшка чаршија, во зона на заштитено подрачје, неколку месеци интензивно се гради објект без никакво одобрение за градба и дополнително се узурпира државно земјиште. По мое поднесено Барање за инспекциски надзор, инспектор констатира дека се гради незаконски. Но, залудно, објектот веќе и плоча си стави.“
Пратеничката уште пред два месеци поднесе Кривична пријава, за дивоградба која никнуваше во центарот на Струга, но наместо стопирање на изградбата, објектот продолжи да се гради, дедека одговор од Обвинителството се’ уште нема.
„Пред два месеци поднесов и КРИВИЧНА пријава до ОЈО-Струга за оваа дивоградба во центарот на градот. Одговор уште НЕМА, дивоградбата продолжува да се гради, а институциите како да се целосно немоќни да се справат со еден бесправен објект.“
Државните институции не смеат да тврдат дека не се запознаени со овој случај, но зошто не преземале никаква одговорност, кој профитира од сето ова, постои ли корупција зад реализирањето на дивоградбите, се прашања кои треба да се адресира до партиите на власт, ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ.