Генералниот секретар на Левица и новоизбран пратеник во Собранието на Република Македонија, Јована Мојсоска, во денешното интервју за „Студио 10“ на ТВ24 изјави дека за партијата е огромен успех што успеала на овие избори да има свој претседателски кандидат, и додаде дека системот е направен за да ги фаворизира кандидатите на СДСМ и ДПМНЕ.
„Нашиот успех беше што Левица прв пат учествуваше со претседателски кандидат. Ние кажавме дека на 8 мај резултатите ќе бидат многу поинакви. За жал, кај нас системот што освен кандидатите на двете најголеми партии, сите останати се недобитни.“
Во продолжение, Мојсоска коментирајќи ги резултатите од парламентарните избори, констатираше дека Левица веќе го надминува статусот на партија која не може да конкурира на политичката елита која го држи „демократскиот монопол“ и најави дека на наредните избори очекува минимумот на Левица да биде позиционирање како втора политичка сила во Македонија.
Ние веќе работиме и резултати покажуваат дека одиме кон тоа да бидеме втора партија. Очекуваме во наредниот парламентарен состав Левица да се постави како автентична левичарска партија и целосно да го заземе просторот на социјал-демократите. СДСМ немаше слух и затоа дојде на ова ниво на коешто дојде. Со 6 пратеници можеме многу реплики повеќе да земеме и спремни сме да се спротивставиме на секое штетно решение.“ – вели за „Студио 10“ Јована Мојсоска, пратеничка.