Новиот пратеник во македонското Собрание, Реџеп Исмаил – Хактан од Левица, смета дека за победникот на парламентарните избори ВМРО-ДПМНЕ, Преспанскиот договор е готова работа и оваа партија не само што нема намера да го промени или целосно да го отфрли, напротив се обидува да го почитува во целост.
Исмаил го коментираше и чинот на давање заклетва на претседателката Гордана Силјановска – Давкова, која наместо Република Северна Македонија како што пишуваше во официјалниот документ, кажа само Македонија.
– Сето тоа на мене ми изгледа на театар, инаку честитам на онаа првична пркос да не го изговори неуставното име Северна Македонија. Од една страна СДСМ и албанскиве партии се загрижија дека треба да се почитува Уставот итн, но од друга страна која е оправданоста на про-вмро јавноста, они како да тргнаа во оправдување на Преспанскиот договор, односно во негово доследно применување. Значи според Преспанскиот договор може да се каже Македонија, односно за нив е супер Преспанскиот договор – вели Исмаил во утринската програма на Слободен печат.
Тој не е сигурен ниту во искрените намери на новото владејачко мнозинство, стравувајќи дека на земјава би можела да ѝ се повтори, според него, слична ситуација како во времето од владеењето на Никола Груевски.
Исмаил говореше и за релативниот успех на Левица на изборите и освојувањето на шест пратенички места во парламентот.
– Без големи пари, но со кристално чиста идеологија и конзистентност во работата ние успеавме да дојде до поголем број на гласови – посочи тој.