Пишува: Претседателскиот кандидат на политичката партија Левица, Проф. д-р Билјана Ванковска
Веста за тоа дека светот го напуштил еден од великаните, односно таткото на мировните студии, од кои учеле/учевме многу генерации луѓе, ме затече среде политички виор. Со куса објава и многу повеќе таму длабоко во себе се простив со саканиот Јохан Галтунг, човекот што остави траен белег на мене лично и на генерации колеги и студенти низ светот. Во момент на затишје пред бура, оваа колумна ја посветувам на неговата мудрост, неговиот светоглед и огромната интелектуална оставина. Јохан го запознав благодарение на напорите на професорката Олга Мурџева-Шкариќ во тешки времиња на крвопролевања низ Југославија, кога ние се обидувавме да го основаме Балканскиот центар за мир на Филозофскиот факултет. Тој и уште неколкумина ни беа и ментори и спонзори на патот на справувањето со една ужасна колективна траума, за која едвај и сфаќавме како можеше да се случи. Јохан беше еден од „моите“ тројца Викинзи, како што од милост си ги нарекував (тие мене ме нарекуваа Валкирија). Може некому да му зазвучи збунувачки или контрадикторно што луѓе посветени на мирот преку ненасилство ги користеа меѓу себе тие имиња од нордиската митологија. Но, суштината беше дека мирот не значи пасивност и предавање без борба за вистинските вредности. Во „тројката“, покрај Јохан како најстар, се наоѓаа и Хакан Виберг (мојот личен гуру, тогашен директор на Институтот за мировни истражувања во Копенхаген, COPRI) и Јан Оберг, најмладиот од нив, кој е сега единствениот жив активист преку Транснационалната фондација за истражување на мирот и вистината од Лунд. Така, тажната вест ја добив од Јан и ние двајца, заедно со илјадници други, тагувавме и се соочивме со потребата да најдеме начин да го избегнеме клишето на онаа изрека „нека почива во мир“. Во таа смисла, Јан напиша: Мирот не е нешто поврзано со смртта, тишината, неживотот, исчезнувањето. Тој се однесува на дружењето, животната радост, развојот, визиите, креативноста итн. Навистина, такви беа и животот и ликот на Јохан: секогаш насмеан, секогаш креативен, секогаш во обид да најде решение, а не да каже дека нешто е нерешливо и затоа вечно. Беше еден од најпродуктивните професори и интелектуалци што сум ги познавала. Замина на 93 години, но секој од нас што го познаваше знае дека староста за него не значеше ништо, бидејќи умот му беше млад – и борбен.
Јохан „дојде“ во мојот живот во време на регионален очај и страв дека војната може да се прелее и кај нас, а замина во време кога ни е најмногу потребен не само тој туку секој човек со ум и разум затоа што светот тргнал по ѓаволите. Можете да речете дека заложбите и учењето на Јохан, прогандиевскиот поглед на светот и на мирот, биле залудни, дека стварноста го победила сонот/идеалот. Но не е така. Оние што ги убиваат планетата, животот, радоста, идејата за развој и хуманизам се покажаа помоќни затоа што се дел од структурите, од системот.
Неправедниот и воинствен систем може да го победи секој човек, па и најгенијалниот и најдоблестен (впрочем, видете што му прават на Џулијан Асанж), но одговорот на таквиот систем лежи во секого од нас, а најмногу во нашата (не)способност да се организираме против она што Јохан го нарече структурално насилство (на национален и на глобален план).
Тешко е во колумна да раскажете толку богат живот и толку многу знаење и практични искуства. Впрочем, и покрај сè што направи за науката и за заедницата, Јохан не ја избегна онаа трагична судбина некои од најблиските да му зададат удар од грб, нарекувајќи го антисемитист. Па доживеа и да биде исклучен од универзитетот што самиот го основаше (а се разбира, многу лицемери сега проронија и некоја солза и напишаа епитаф, од пуста куртоазија). Но тоа е судбината на големите луѓе. (Сега на ум ми паѓа и еден совет од другарот на Јохан, Хакан Виберг, кој често знаеше да ми каже: „Ако не те затворат или гонат, тогаш и не заслужуваш да бидеш наречена миротворец“. Тој самиот во младоста одлежал шест месеци во затвор поради одбивање да служи воен рок, поради приговор на совеста. Но, какви и да се ударите врз личноста, идејата и мислата не може да се убијат. Еве накусо да ја изложам научната парадигма на Галтунг. Насилството во општеството постои во три форми: директно/физичко насилство (она во кое умираат или се повредуваат луѓе и се врши деструкција), структурално насилство (она што е вградено во неправеден и милитантен систем, кое убива тивко и без куршум, зошто води до очај, сиромаштија, дискриминација, угнетување, социјална неправда) и културно насилство (култура на насилство) – систем на политики, мерки и акции што го глорифицираат насилството како јунаштво, хероизам, глорификација на воени злосторници и нивно претставување како лидери и „мисионери“, заедно со сите симболи, знамиња натопени со крв на невини, воинствен фолклор и пароли што создаваат атмосфера на крвожедност и бараат повеќе (нова) крв. Решението за овој триаголник на насилството, Јохан нè учеше да го гледаме низ призмата на медицината: мора да се тргне од дијагноза (и анамнеза), прогноза и терапија. Во секој случај, појдовната основа во анализата на секој судир/конфликт/војна е еден прост факт: проблемот не е во просто постоење на судири во врска со различни интереси, туку во нивната насилна ескалација. Општества без конфликти нема, и тие не се ништо лошо – сè додека некој не почне да се заканува со вадење чизми и друга воена опрема. Но мудроста е во тоа да се избегне таа фаза на ескалација, без притоа на насилникот да му се аминува сè што ќе побара (бидејќи тоа е веќе друг тип на угнетување во име на „мир во куќата“, кој е само отсуство на насилство, ама не и позитивен мир, кој значи развој, слобода, еманципација). Конфликти нема само во авторитарни и особено тоталитарни општества, во кои сите се ЗА нешто/некого (во стилот „немаме друга алтернатива“, а тој/таа што ќе се осмели да го наруши едноумието е непријател и треба да се замолчи или елиминира). Тогаш кога некој конфликт/војна ескалира и добива крвава форма, значи дека некој го превенирал мирот наместо насилството (тоа се случи пролетта 2022 кога Западот го превенираше започнувањето преговори меѓу Киев и Москва). Нема оружен судир без трауми, жртви, гробови и уништување – па затоа, според Јохан и неговите следбеници, постконфликтното заздравување мора веднаш да започне. Тука се мисли на механизмите на казнена правда (за злосторниците, утврдување индивидуална вина и казна за стореното) или на ресторативна правда (залечување на раните и поделбите меѓу населението). Е, тоа е она што кај нас не се случи, или се случи селективно, па сега некој се чуди што (сега веќе бившата) комесарка за човекови права на Советот на Европа потсети дека воените злосторства и злосторствата против човештвото не застаруваат.
Кај нас, токму тие што требаше или да одговараат или во најмала рака да побараат прошка, сега ја раководат државата. Сега одговорете си на едно реторичко прашање: Има ли мир во Македонија? Каков е тој мир кога најголемиот дел од граѓаните живеат во зависен однос од богатите и моќните (а според Ганди, најстрашен облик на насилство е сиромаштијата)? Каков е тој мир во кој сите деца немаат еднакви можности да се развиваат и образоваат? Каков е тој мир кога нè плашат и рекетираат? Каков е тој мир во кој „сојузниците“ бараат од нашата сиромаштија да ги финансираме нивниот милитаристички поход и воена индустрија? Каков е тој мир кога од секојдневен стрес, гнев и раширено нетрпение, луѓето веќе се гледаат низ нишан? Каква е таа демократска политика која некој ја присвоил за себе, а сите други ги третира како инфантилни или поданици (освен партиските војници, кои ќе добијат некоја трошка како награда)? Една моја помлада и борбена пријателка неретко ми вели дека не се согласува сосема со мене, бидејќи таа е за борба, класна борба! Ако треба, и на клоци да се исфрлат неранимајковците што ја уништија државата. Друга постара колешка, пак, се плаши од радикални чекори и мисли дека со убедување и едукација ќе дојдеме до мирна и просперитетна Македонија. Ако ме прашувате мене лично, јас сум некаде на половина пат од ваквото гледање.
Јохан Галтунг замина во вечноста, можеби и навреме да не го гледа светот што тргнал во самоуништување. Алфа-мажјаци насекаде, жедни за моќ, за крв, за победа по секоја цена – а цената е животот на планетата Земја. Попусто е да освоите власт во една општина или држава, ако не гледате што се случува во светот! Патетично е да зборувате за европски вредности и реформи во свет што „плаче“ за радикална промена на она структурално насилство што толку пуштило корени што веќе се смета за светиња и непроменливо за навек. Ние не сме свесни колку сме поробени, а доволно е само да мрднете во обратна насока од она што го велат моќните за да ве замолчат или стигматизираат. Но некој мора и тоа да го прави. Говорењето на вистината во време на општа измама е суштината и почетокот на револуцијата. Нам не ни требаат реформи, ни треба „длабоко орање“. А тоа не е можно без луѓе посветени на идеалите (кои се остварливи со создавање заедничка кохезија и моќ наспроти оние што мислат дека моќта им е од бога дадена) и луѓе што се подготвени и на саможртва на тој пат. Јохан ќе го чуваме во срцата и во книгите, ама и ќе го применуваме во праксата. Заедно со него, не смееме да го заборавиме и Арон Бушнел, американскиот припадник на вооружените сили што се самозапали во знак на морален протест за она што неговата држава го поддржува и прави во Палестина. Неговите зборови беа: „Нема повеќе да бидам соучесник во геноцид. Ќе преземам екстремен чин на протест, но во споредба со она низ што минуваат луѓето во Палестина од нивните колонизатори, ова не е воопшто екстремно. Ова е она што нашата владејачка класа одлучила да го направи нормално“. Слава им на сите луѓе со совест, ум и разум, на сите оние што на еден или друг начин презеле нешто за мирот и со себе и во себе и меѓу луѓето.
Колумната прв пат објавена на 04 март 2024