Пишува: Претседателскиот кандидат на политичката партија Левица, Проф. д-р Билјана Ванковска
Ми забележуваат дека како што минува времето така колумните ми станувале сѐ помрачни и потешки, не поради тоа што јас така ги прикажувам нештата, туку затоа што сум давала одраз на реалните состојби. Навистина, како што наближува времето за следната колумна, кај мене сѐ погласен е внатрешниот глас кој прашува: зошто пишуваш? Во ред, дијагнозата е секогаш важна работа, дури и тогаш кога станува збор за фатална болест и исходот извесен. Колумнист од регионот одбра наслов „Се бара добра вест“, укажувајќи дека ширењето на безнадежност и фрустрации кај „писмените“ отсекогаш било индикатор за темни периоди на тоталитаризам во најразлични форми. Но, вестите кои доаѓаат не се никако добри, каде и да погледнете – глобално, регионално, во сопствениот двор…
Во вакво расположение, предизвикано меѓу другото и од жалните вести за заминување на неколкумина неверојатно храбри, умни и ангажирани интелектуалци, наидов на текст на Бертолд Брехт напишан во времето на нацизамот, а првпат објавен во 1935 година. Пишува тој за потребата од трагањето и обелоденувањето на вистината: „Оној кој денес има намера да им се спротивстави на лагите и незнаењето, мора да совлада најмалку пет тешкотии. Мора да има храброст за да ја пишува вистината, иако таа насекаде се потиснува; да има памет да ја препознае иако таа насекаде се прикрива; да има умешност да ја направи употреблива како оружје; да располага со умешност да ги избере оние во чии раце таа ќе стане делотворна, како и итрина да ја прошири меѓу нив. За оние кои пишуваат под фашистички режим, овие тешкотии се огромни, но тие постојат и за сите оние кои се прогонети или бегалци, па дури и за оние кои пишуваат во земјите каде постојат граѓански слободи.“
И така, читајќи го Брехт сфаќаме дека не е само што се бесмртни неговите мисли, туку исто толку се жилави и проблемите кои и денес ги препознаваме. Сѐ помалку се осмелуваме да зборуваме за вистината, и како давеници за сламка, се фаќаме за фактите – небаре тие сами по себе ќе ја покажат суштината на времето во кое живееме. Ќе го анализираме растечкиот јаз меѓу богатите и сиромашните, ама од страв да не нѐ наречат комуњари, тоа порадо ќе го претставиме низ статистички бројки и тенденции, без посочување на коренот на експлоатацијата и механизмите кои ја легитимираат неправдата.
Дури и ако остана малку храброст и разум вистината да се обелодени и разгласи, тешко е од неа да направиш оружје, да откриеш соборци кои ќе ја направат делотворна и да откриеш начини за нејзино проширување. Најдобрите заминуваат – некои од светот на живите, а другите од општеството за чија вистина се бориме. Оние првите до последен здив зборуваа и деконструираа лаги, едуцираа и се надеваа – и што од тоа? Следува комеморативна седница на која ќе се соберат последните „диносауруси“, оние „писмените“ и храбрите; ќе му одадат почит за оној кој ги напуштил, а длабоко во душата ќе знаат дека стануваат сѐ помалубројни.
Пред да замине, Миљенко Дерета (прашање е колкумина кај нас и знаат или се сеќаваат на него, откако се урнаа мостовите кои го поврзуваа овој регион, и во кој храбрите и умните можеа да дејствуваат заедно) укажуваше дека нема никаква шанса да дојде до демократизација на општеството без промена на базата, односно дека нема промена без (едуцирани) граѓани кои го разбираат демократскиот процес и себе се доживуваат како активни учесници во тој процес. А тоа е невозможно без коренита промена на целокупниот образовен систем…“ Тој тоа го знаеше, го знаат и мнозина други, но сите сме на заминување – и што е најстрашно, си заминуваме свесни дека или сме потфрлиле или сме немоќни да оставиме зад нас нешто подобро од она во што сме го минале најголемиот дел од животот.
Да се вратам на Брехт… Тој вели дека е потребна огромна храброст да се каже вистината за самиот себе, за себе како за победен. Можеби е ова мое субјективно чувство, но борците за вистината одамна знаат/знаеме дека сме победени, ама тоа ретко го кажуваме јавно. Не затоа што немаме храброст, туку затоа што мислиме дека на таков начин ќе ги обесхрабриме оние на кои им се обраќаме. Само кога сме заедно, во една чудна интелектуална интима се разголуваме, си ги покажуваме раните без трошка срам, ја признаваме немоќта, но си ветуваме дека таму надвор ќе продолжиме да ги подметнуваме ногата или рамото за да не дозволиме „вратата“ на балканската крчма сосема да се затвори.
Тука е клучниот проблем: дали да си се обраќаме себе си во еден тесен круг и дали остана некој кому му треба вистината како оружје против лагите? Орвел ќе речеше дека во време на сеопшта лага и превара, кажувањето на вистината е револуционерен чин. Пријателка, новинарка, штом ѝ кажам дека веќе сум уморна, ми вели: „мораш да продолжиш, ќе остане за идните генерации. Да знаат какви времиња биле овие и кој на која страна бил!“ И додека сè уште пишувам, од навика или од очај, ама без многу надеж, знам дека не сакам ниту комеморации кога ќе ми дојде времето, ниту посмртни почести. Многу поважно е да можеш да ги препознаеш оние кои се подготвени да ја прегрнат вистината, да се „вооружат“ со неа, да ја пренесат како факел понатаму, сѐ до некаква вистинска промена.
Додека се простувам со оние од мојата генерација кои постепено заминуваат, ги гледам и најдобрите млади луѓе кои на пат, подалеку од оваа балканска проклетија… Пораката на Брехт ќе ги следи, бидејќи вистината станува ретка „роба“ и таму каде што само навидум има повеќе граѓански слободи. Не знам дали ќе останат со отворен ум за бретховските пораки кои се таму погласни или ќе се задоволат со подобро образование за избраната професија, со работно место и лична благосостојба. За протестите на Плоштадот на сонцето во Мадрид (далечната 2011 година) Дерета напиша: „Ова е спонтано демократско движење против постоечката политика и сите политички елити, без оглед дали станува збор за т.н. десница или т.н. левица, а кои некритички упорно спроведуваат ист општествено-економски модел. Резултатот на таа окаменета политика е растечката нееднаквост, во која едни безобзирно и бескрајно се богатат, а другите тонат во беда и сиромаштија.“ Многу порано Брехт праша: „Како може сега некој да ја кажува вистината за фашизмот против кој настапува, а да не каже ништо за капитализмот од кој фашизмот произлегува? Како тогаш неговата вистина може да биде делотворна? Оние кои се против фашизмот, а не се против капитализмот, кои лелекаат поради варварството кое и потекнува од варварство, наликуваат на луѓе кои го сакаат своето парче телешко, но не сакаат телето да биде заклано.“
Колумната прв пат објавена на 10 октомври 2014