Пишува: Претседателскиот кандидат на политичката партија Левица, проф. д-р Билјана Ванковска
Национализам и националист станаа најозлогласените зборови во јавниот дискурс, иако секој пристоен речник ќе ви даде инакво објаснување. Но, освен што во научната (постсоцијалистичка) теорија на овој феномен му се приоѓа како на зло и нешто што е назадно (за разлика од очекуваниот постмодерен свет во кој ќе ги снема националните држави, во политичкиот речник оваа теза има посебно значење. Денес кога на интелектуалец ќе му кажеш дека е националист, тоа звучи како пцост. До тоа дојде постепено, речиси неосетно, со постојано ретерирање од љубовта кон татковината, преку (само)преиспитување, па дури и со чувство на грижа на совест дека нешто (и некому) сме му направиле зло затоа што сме (наводно) националисти. Против национализмот е особено пожелно да се зборува на просторите на бивша Југославија, каде владее догмата дека токму тој (или само тој) е виновникот за сите зла, за сите крвопролевања и омраза. Но, не верувам дека оваа теза, која стана и пропаганда алатка, некаде пуштила толку длабоки корени како што е тоа случај во Македонија. Наспроти сите поделби (идеолошки, политички, партиски, етнички), сепак најсилен е премолчениот пакт на молк и договорот околу баучот на македонскиот национализам. Го нагласувам атрибутот „македонски’, бидејќи да се биде албански националист е или доблесна, или барем прифатлива и нормална работа; сите или имаат разбирање за него или не се осмелуваат да го покажат со прст. Македонскиот национализам (кој е на одумирање) е толку озлогласен што некој кој не ја знае историјата на овој народ би помислил дека тој има длабока историја потопена во (зла) крв и злодела сторени во име на „нацијата“/Македонија.
Лично, најблиска ми е мислата на Монтескје: „Кога би знаел дека нешто што би било од полза за мојата нација но би уништило друга, никогаш тоа не би му го предложил на мојот владетел, бидејќи јас сум првенствено човек, а потоа Французин, бидејќи јас сум нужно човек, а само случајно Французин“. Затоа секогаш сум настојувала да укажам дека Македонија не е и не смее да биде над моралот и (меѓународното) право. Затоа сум била секогаш на страната на послабите, покорените, обесправените – оние кои сме ги „усреќувале“ со нашето (армиско или политичко) учество во империјалните походи на САД или на НАТО.
Но, низ годините, мојата Македонија се менуваше: како „месечар“ следеше туѓи агенди и интереси, а се откажуваше од сето она што беше и е негова најголема доблест и богатство. Таа се откажа од својот национален сон и стварност, создадени низ децениски битки. Ја убедија дека во новото време, нема потреба од националистичка вертикала. Ја набедија дека само таа имала националистички устав, иако во него беше вградена формулата „ние, народот/we, the people“ и никаде немаше ни трага од дискриминација или шовинизам. Докажани националисти, и не само балкански туку и светски, нè убедија дека уставот има дефект, дека не е нормално да градиш македонска држава. Државата мораше да се разгради на составните делови, да стане „салата“. Сопственото понижување и капитулацијата пред албанскиот милитантен национализам беа прикажани како миротворство, па и како наводно градење мир. А тој мир беше воспоставен според рецептот; колку помалку Македонци/македонско, толку помирна Босна (т.е. охридска Македонија). Сета метаморфоза изведена од пеперутка кон гасеница беше фалена како прогрес, а не регрес. Патот до Ветената земја (на ЕУ) водеше преку Зајас, Охрид, Кичево, Нивици, Софија – ама и преку Кабул и Багдад. Но, ни уставни амандмани, ни договори, ни внатреполитички и културни акробации, па ни воени контингенти – ништо не беше доволно добро за да се смилостиват господарите на хаосот. Македонија стана паричка за поткусурување во геополитичките транскации водени во регионот.
Под водство на антимакедонски елити, медиуми и интелектуалци, Македонија однатре почна уште поинтензивно да се разнебитува со бизарен елан, па дури и со патолошка радост за да стане „уникатен пример“ на светската сцена. Моментот на т.н. антиквизација (поточен израз употребува Наде Проева – антикоманија) беше кус изблик на фрустрација, но не само што се задржа на надворешни неми манифестации (во вид на споменици), туку и се врати како бумеранг. Ја прогласија за режим, за шизофрена земја, за шизниленд (небаре другиве пукаа од нормалност), и за заробена држава која требаше да се реформира и ребрендира со шарени презервативи (потпомогнати однадвор). Во свет кој почива на најголема митоманија и шарена лажга (како неолибералната демократија и капитализмот придружен со милитаризам) беше шокантно што некоја мала земја си ги разоткрила сопствените митови и легенди. Скендербег беше Ок, но не и Воинот. Знаеме како заврши таа операција: еден режим беше сменет со друг, за да се создаде Натоленд, и една Северна стерилна и анационална територија. Елитите ја жртвуваа не само земјата што ја водеа, туку и ја забранија секоја помисла за љубов кон својот народ, како олицетворение на Злото. Сето тоа сторено за божем повисоко добро – за европска нација, која не само што постои, туку и за светски мир кој е глобална војна.
Неверојатно, па и невозможно е на странец да му ја објасниш оваа своја нација, која се сведе на припадници на племето Мохиканци. Доминантната мантра (која, секако му е туѓа на обичниот човек, но тој е немоќен пион кој никој не го ни прашува) е дека е недостојно да си (само) Македонец/ка, а меѓународниот инженеринг се повикува за да нè моделираа во нешто „brand new“, божем подобро, поблагородно, понапредно… Имаме претседател на држава кој се фали дека ја претставуваа онаа земја што си го сменила личниот опис, а премиер кој за малку што не доби нобелова награда за мир за бришењето на идентитетот на својата и онака мала нација. Под туѓа пропаганда и со активно и радосно соучество на домашните “кафени сахиби“ (прислужници на надворешните господари) почнавме да се откажуваме од себе си, од нас „небањатите“, „некултурните“, „расипаните“…
Отстапките почнуваа да стануваат сè поголеми: од ноктот на малото прсте, лактот, па целата рака – ни стаса (нож) до грло… Од отстапки станаа аждер кој требаше постепено да проголта сè што е македонско, т.е. да го сведе на некаква случајна заедница, без корен и без државна самосвест. Попуштавме заради мир во куќа, заради мир во светот, заради ветена благосостојба, заради тоа да не останеме сираци, за да бидеме некои други – и веќе заборавивме кои сме и зошто сме!
Токму тука, во таа точка на тотална конфузија, почнаа да работат на „финално решение на Македонското прашање“ (она историското кон кое аспирации имаа(т) и регионалните и европските сили). А ние, залулани во сонот за некаква нова Европа и интеграција во која ќе нè прифатат како свои и блиски… Кога велам „ние“ и пишувам во прво лице множина, само ја поедноставувам, ама и појаснувам сликата на оваа наивна, добра или глупава нација, која дозволи неранимајковци, светски хохштаплери, неморални милитаристи, и ситни балканско-венецијански трговци да ја разнебитуваат и распродаваат како да била некаков Франкештајн составен од делови на туѓи тела кои сега воскреснале и си ги бараат деловите назад. Тоа „ние“, се разбира, не е хомогено, ниту едногласно – но е збунето и толку поделено што почнува да се „разјадува“ самото себе, не на демократски начин и низ битка на идеи, туку по хамлетовска основа да се биде или не – Македонец.
Иако будно ги следев сите настани (не толку од интелектуални побуди, колку што на тоа ме тераше и професијата), сепак доаѓа моментот кога длабоко забиената кама, не може да се игнорира во име на каков било академски интегритет или објективност. До балчак е, нема веќе каде понатаму – освен ако не се смета свесното одење кон смрт и небиднина. Очекував (наивно од мене) соборците од странство, истомислениците, хуманистите и луѓето згрозени од сите неправди вршени врз малите народи, сега еднаш да дигнат глас – онака како што јас правев за многу други. Но, маските паднаа. Не само што не се вознемирија, туку и не ја ни видоа неправдата. Но, го видоа мојот национализам и се згрозија што тоа станало од мене. Првите гласови дека сум застранила од патеката на просветлените Европејци, најнапред доаѓаше однатре, од припадниците на „полицијата на мислите“ која бележеше вредно кој не е „нивен“ и затоа мораше да биде ставен на црна листа не само дома, туку и во регионот и пошироко, на сите академски, интелектуални или активистички листи.
Бев екскомуницирана како „националист“ кога застанав меѓу ретките кои отворено ги посочуваа дефектите на Охридска Македонија и особено етничкото цртање и феудално пазарење со општинските граници, со министерските места и судската правда. Враќање назад не беше веќе опција, особено кога подоцна ја разголив шарадата на т.н. Шарена револуција. Тогаш, за мнозина, престанав да бидам и левичар: наводно левата идеја не одела заедно со националната. Ова не го кажувам со чувство на жалење, туку како факт, како бележење на „еволуцијата“ до точката од која нема враќање – не за мене, туку за нацијата на која ѝ припаѓам. Следуваа Договорот за (божемно) пријателство со Бугарија и Преспанската спогодба, за која рекоа дека била вредна за нобелова награда, а кои ме погодија најмногу и ме соочија со фактот дека е ова и мојата последна битка. Во моментов кога ги пишувам овие редови се очекува конечното крешчендо кое ќе ја означи последната капитулација на македонскиот народ.
Ми забележуваат дека не нудам надеж, дека не посочувам излез од овој темен амбис, туку само ја опишувам мрачната сцена на која еден народ (мојот народ) врши самоубиство од небрежност и заради ЕУтаназија. Надежта велат последна умира, но јас не ја гледам никако освен како акција! Македонците мораат да расчистат со себе, а потоа и со оние кои им се божемни пријатели и нежно ги водат кон „крајот на (нивната) историја“.
Прво, се срамиме ли ние од нашето минато, од фактот што сме израснале од еден мал народ, од страдања, од сиромаштија, од неукост, од парче земја кое било јаболка на раздорот токму на овие што сега божем нè европеизираат, а сè уште не се ослободиле од својот национализам? Дали сме ние полоши од другите – или сме станале некакви „вонземјани“ кои веруваат во космополитизам во свет кој тотално забегал? Погледнете наоколу! Дали кај нашите соседи успеал процесот на надминување на национализмот? Не само што не успеал, туку и се повампирува во духот на 19 век! Само тие својот национализам кој е шовинизам и негација на македонството го нарекуваат патриотизам, национална гордост, достоинство и национални интереси… Сите до еден, од Косово, до Грција.
Кој од овие народи дозволил да им се избрише колективната свест со лоботомија, која дозволил друг да им ги пишува историските читанки, кој дозволил уставот да му стане список на желби на соседите? Кој од овие народи размислува(л) за откажување од својот мајчин јазик? Кој од нив гарантира дека нема свое национално малцинство во соседните држави? Кој дозволува да биде преименуван?
И ајде сега да погледнеме подалеку, кон таа Европа (или Запад): дали Французите не се горди на тоа што се Французи (заедно со колонијалното минато) и преферираат да се анационални и Европјани? Дали Белгијанците се каат за злосторствата во Конго врз кои се збогатиле и сега изигруваат цивилизирана нација? Дали Италија, Шведска, Австрија, Холандија и другите некогаш дозволиле друг да им ја средува куќата и да им кажува од кога постојат и дека е националистички да се повикуваш на своите корени и митови? Да не набројувам: Европската унија е сојуз на национални држави, а национализмот е главното лепило кое државите ги држи заедно. Тој национализам е изникнат, меѓу другото, и врз историска амнезија (за злоделата сторени во минатото) и врз апотеоза на сопствените митови, херои, битки, владетели, војсководци – но и митот за мирољубивата и напредна Европа, која зад себе остава пустош и тела на давеници-мигранти… Приказната за „европскиот демос“ е само приказна, обланда зад која корпоративниот капитал ја крие својата суштина и единствениот интерес што го одржува жив – профитот и моќта.
Да бев политички коректна сега ќе ви зборував во шифри: за тоа дека национализмот е лош бидејќи бара од височина да се гледа на другите, но патриотизмот е добар бидејќи значи љубов кон својата татковина (патрија). Не, доста е со такви акробации. Национализмот и патриотизмот не се исклучуваат, тие се синоними и сијамски близнаци кои никој досега не успеал да ги одвои. Во име на љубовта кон татковината, нациите (и тука мислам првенствено на западните) не само што водат војни, туку и поттикнуваат крвопролевања. Се разбира, нивниот национализам (или патриотизам) е насочен и кон пацификација на домашното население, кое само на тој начин со еуфорија ги испраќа во империјални походи, надевајќи се дека ќе добие делче од освоената нафта, вода, минерали или други ресурси. И покрај сè, и јас имам проблем со таквиот национализам/патриотизам, затоа што во духот на изреката на Мотескје, тој е неморален затоа што почива на несреќата на другите, за наше добро. И нека ми каже сега некој дека НАТО и ЕУ не го прават тоа, дека станале „сила на Доброто“ во светот, во овој свет во кој веќе не се дише од орвеловштина во која ропството е слобода, а војната е мир.
Единствениот „грев“ на Македонците е што немаат резервна татковина, и што и освоеното право на самооопределување и слобода да одлучат за политичкото уредување им е одземено. Нам АСНОМ ни го осквернавија, а и 8 Септември, во Уставот. Нам ни е итно потребно да си ги чукнеме главите и да прогледаме дека сме окружени со нации опиени од национализам, романтизам, митови и легенди, дури и ако и самите се колонии на оние помоќните. Еве, Македонците ќе се откажат од својот национализам (откако ќе го пронајдат, бидејќи сега е срозан и уништен, пред одумирање) тогаш кога и сите во комшилукот, по принципот „посилниот прв“ да покаже пример и ќе се откаже од својот. Секој што го релативизира ова, работи според агенда и ова е лакмусовиот тест, иако тој тест го видовме на примерите на договорите со Атина (која бараше гаранции за својата антиквизација) и Софија (која бара Голема Бугарија).
Помоќните биле и останале опиени од желбата за доминација и профит. Зошто тогаш (само) Македонија би се подложила на експеримент во стилот на Худини – со раце и нозе врзани со синџири, заклучена во ковчег, и фрлена во длабочините на морето, да очекува да исплива како победник? За аплауз ако успее да излезе како препородена немакедонска нација (салата, подобро речено) или за некоја лажна солза ако не успее? Македонците живеат и ја делат земјата со нација од која можат да учат и што е национализам и што е патриотизам, и што се митови и што се херои – од Албанците, се разбира!
Ѓаволот ја однесе и шегата и бајката за Европа. Време е да си се вратиме самите на себе – со самопочит (после сета самокритика за будалштините низ кои минавме како пубертетлии) и со подготвеност да се борат за последните остатоци од македонштината.
Ако современата интелигенција потфрли, стана првиот предавник на националната самобитност и наметна кафени наметки за да им служи на западните сахиби, сепак ехото на Мисирков е тука да нè врати на вистинските патеки: самостојното политичко развивање на Македонија е неопходност. Во современи услови, тоа значи отфрлање на јаремот на протекторатот. Едно е да си слаба држава и да си реален околу тоа, но друго е доброволно да стануваш поданик и да прифаќаш надворешно туторство кое оди на твоја штета.
Мисирков ни порачува: „Шчо немало по напред, можит да се сторит по доцкан, стига да се имаат различни историјцки прилики со свои оддељни барајња“. Е па, драги мои, до барањата е, а не до исполнувањето на ултиматумите! Имаме ли ние барања? Имаме ли свест за свој национален интерес? Навистина, и ние денес можеме да ја констатираме и прифатиме блискоста на интересите со другите од регионот или пошироко, но сè треба да биде оценувано од македонско гледиште. Имаме ли ние македонско гледиште? Или и тоа е резултанта на гледиштата на сите кои ни се навртеле да нè месат и обликуваат согласно своите барања? Конечно, време е да престанеме да бидеме посрамени дека некој ќе нè покаже со прст и етикетира како националисти. Напротив! Треба да се срамиме дека тоа не сме или сме забориле дека нашата битка е „за човечки права и за слободен национален живот како рамноправен член во бројот на културните народи“ (Мисирков).
Само на вакви основи, со свест за себе и за светот околу нас, ќе можеме рамноправно да се бориме и за послободен и поправеден свет, наместо да бидеме прислужници на оние кои го уништуваат секојдневно. Првиот чекор е враќање кон изворот, кој е кристално чист, нешовинистички и дискриминаторен – кон АСНОМска Македонија. Потоа, создавање модерна уставна рамка, како за сите современи држави, а не како за протекторати и не како за заедница на заедници. Трето, широка мобилизација на сите оние кои со посветеност, професионализам и љубов ќе почнат одново да ха градат државата, од општините, па нагоре. И четврто, расчистување со сите оние кои свесно извршија културен и симболички етноцид.
Мерките можеби звучат радикално, ама од оваа ситуација друг излез – нема. Или јас не го гледам. Ако немаме сила за ваков настап, тогаш подобро е веднаш да си го напишеме епитафот. Она што на Македонија ѝ треба е повеќе, а не помалку национализам: ѝ треба работа, со љубов и посветеност на колективното добро на политичката заедница и нејзиниот развој, а не отуѓеност и чувство на неприпаѓање или безнадежност.
Преземено од книгата: Македонија е се’ што немаме