Република Венецуела распиша консултативен референдум за заземање став во спорот со Гвајана за територијата Есекибо, спор кој овие две држави го имаат наследено од колонијалните сили, Шпанија во случајот на Венецуела, Велика Британија и Холандија во случајот на Гвајана. Исходот на референдумот е контраверзен, претседателот Николас Мадуро го прогласи за успешен додека дел од опозицијата негодува.
Претседателот на Гвајана Мохамед Ифран Али, по средбата со венецуелскиот претседател Николас Мадуро, истакна дека спорот за регионот Есекибо мора да се реши врз основа на одлуката на Меѓународниот суд на правдата, кој и забранува на Венецуела да презема активности насочени кон промена на ситуацијата во регионот и статус кво на границата.
Ифран Али потенцираше дека лидерите на двете земји се решени да ја решат кризата по мирен пат.