Во понеделник, се повторува протестот пред Владата, каде граѓаните ќе го изразат својот гнев и револт против криминалните дејства што се случиле во Клиниката за Онкологија, како и во целиот систем на здравствено и политичко управување на државата. Главната цел на протестот е барањето за социјална правда и одговорност пред законот, поради загубата на човечки животи поради корупцијата.
Протестот ќе започне пред Владата и ќе продолжи пред Министерството за здравство. Граѓаните бараат одговорност за сите лица поврзани со скандалот во Клиниката за Онкологија, како и откривање на информации поврзани со истрагата околу трагедијата во модуларната болница во Тетово. Ова вклучува и лица од Министерството за здравство, вклучувајќи ги поранешните министри кои можеби биле вклучени во заташкување на случувањата.
Граѓаните силно акцентираат дека измените во Кривичниот законик не смее да ги ослабат пресудите за лицата кои се виновни. УЛТИМАТУМот од претходната недела сè уште не е исполнет, вклучувајќи го и барањето за детални информации околу текот на истрагата од ОЈО.
Главните барања и УЛТИМАТУМ од овој протест вклучуваат:
- Истрага за улогата на поранешниот министер за здравство, Венко Филипче, и директорот на Клиниката за Онкологија, Нино Васев.
- Проширување на истрагата на работата на Детска онкологија.
- Целосна ревизија на работата на Клиниката за Онкологија.
- Строги судски пресуди за сите одговорни за злосторството и криминалот во Клиниката за Онкологија.
- Обелоденување на информации од истрагата за трагедијата во модуларната болница во Тетово.
- Одговорност од ЈО (Јавно обвинителство) кој одлучи дека нема кривични дела во случајот со малата Јана од Битола.
Протестот е најавен за секој понеделник во 18 часот, а граѓаните продолжуваат да се борат за своите барања и правда.