Невидениот раст на температурите на копното и на океаните, вклучувајќи ги и рекордните топлотни бранови и загревањето на северот на Атлантикот, се занемаруваат среде другите глобални грижи и покрај итните повици на научниците политичарите да се позанимаваат со ескалирачката климатска криза.
Европа и Америка се соочуваат со сериозна топлотна криза, но фокусот на трансатланските политичари останува некаде на друго место додека научниците со месеци изразуваат загриженост поради невидениот раст на температурите на копното и во океаните.
На почетокот на јули беше забележана најтоплата недела на планетата откако постојат мерења, а минатиот месец беше најтоплиот јуни во историјата. Доаѓањето на јакиот Ел Нињо веројатно уште повеќе ќе ги крене температурите, па ќе има екстремни временски услови во целиот свет. Во меѓувреме, морињата се загреваат и температурите во Северен Атлантик се надвор од сите граници, како што велат европските научници.
Сепак, политичките лидери и законодавци од двете страни на Атлантикот главно се преокупирани со војната во Украина и економските последици од неа.
Додека катастрофални поплави ги погаѓаат Вермонт и Турција, а интензивните топлотни бранови ги погаѓаат Јужна Европа и неколку американски држави, политичкото внимание периодов беше насочено кон самитот на НАТО. Иако челниците на Асоцијацијата признаа дека климатските промени се значителен предизвик со длабоки импликации за сигурноста, заедничкото соопштение повеќе внимание посвети на сајбер-безбедноста и вселената.
Земјата веќе е 1,2 степени потопла во споредба со прединдустриската ера, а се очекува временскиот феномен Ел Нињо, кој природно се случува во Пацификот, да го влоши овој тренд на загревање предизвикан од човекот.
Од Светската метеоролошка организација (СМО) предупредија дека овој Ел Нињо – кој доаѓа откако планетата помина три години под влијанието на Ла Ниња, фазата на ладење – ќе ги турне глобалните температури над границите. Но, Ел Нињо не е одговорен за температурните аномалии во Атлантикот.
– Имаме високи температури во Северен Атлантик и покрај тоа што Ел Нињо уште не почнал – истакна Мајкл Спароу од СМО.
Додека затоплувањето е особено нагласено во североисточниот дел од Атлантикот, глобалните температури на морските површини се на рекордно високо ниво во изминатите три месеци. Експертите велат дека микс од трендови на глобално затоплување и невообичаени атмосферски циркулации ги предизвикува морските аномалии. Намалувањето на загадувањето од бродскиот сообраќај од 2020 година, поради што имаше пад на емисиите на сулфур диоксид, кој има ефект на ладење, заедно со недостигот на сахарска прашина над Атлантикот, која ги одбива сончевите затоплувачки зраци, исто така игра улога.
Океаните апсорбираат значителен дел од топлината создадена од човековите активности, но нештата не запираат тука. Кога океаните се топли, тие значително ја загреваат атмосферата.
Најтоплата недела во историјата на Земјата беше од 3 до 9 јули. Просечната дневна температура во светот достигна рекордни 17,2 Целзиусови степени. Промените на шемата на поларната млазна струја и подморската вулканска ерупција во Тонга лани придонесоа за екстремните временски појави и растот на температурата.
Последиците од растот на глобалните температури се далекосежни. Топлотните бранови стануваат сѐ поинтензивни и сѐ почести, што претставува опасност за човечкото здравје и екосистемите.
Минатото лето повеќе од 60 илјади Европејци починале поради причини поврзани со жештините. Ненормално топлите води ги изложуваат коралите во Флорида на невиден ризик од избелување, што е закана за гребените. Морските топлотни бранови го загрозуваат и рибарството и влијаат врз сигурноста на обезбедувањето храна. Ел Нињо се поврзува и со гладувањето до смрт на стотици птици во Мексико бидејќи повисоките температури ги принудуваат рибите да одат во подлабоките и постудени води, надвор од досегот на птиците.
Повисоките температури на океаните и копното придонесуваат и за губење на поларниот лед, забрзувајќи го глобалното загревање. Рекордно ниското ниво на антарктичкиот морски лед годинава е особено загрижувачко. Топлите води во северниот дел од Атлантикот се клучен двигател на екстремните временски услови во Европа и на другата страна од океанот, предупредуваат експертите. Јаките урагани и обилните дождови може да се засилат од овие топли води.
Со сите достапни научни податоци, општеството и политичарите мора активно да ги користат тие информации. Експертите ја нагласуваат важноста на користењето на климатските податоци за носење информирани одлуки, истакнувајќи дека не би било мудро да се има знаење за иднината, а да не се користи.
Превземено од: Fakulteti.mk