Економија на подароци (Георги Бончев)

Економија на подароци е вид економски систем при кој материјалните добра (и услуги) се произведуваат и обезбедуваат од еден човек или група луѓе на друг човек или група, без да се очекува некаква отплата сега или во иднина. Решението кога, на кого, во колкаво количество и што точно да се подари зависи само од подарувачот. Овој вид на економија, самостојно или во комбинација со други стопански практики (како „Бартер“ економијата односно економија на размена), е прифатена од многу анархисти како основно средство за остварување на стопанскиот живот во едно слободно општество.

Економијата на подароци има некои суштински разлики со другите стопански системи.

Во планираната економија стоките и услугите се произведуваат и дистрибуираат по нечиј распоред. Обично крајниот корисник плаќа за она што го добил. Планско стопанство имавме во земјите од социјалистичкиот блок. Овој економски систем сè уште е застапен во земји како Куба и Северна Кореја. Сè додека во планираната економија крајниот корисник ги добива благата бесплатно, тоа не е економија на подароци (барем  не во чиста форма), затоа што стоките се делат по распоред (купонски  систем). Така работите се даваат по некакво задолжение, не од желба.

При пазарната економија крајниот корисник ја добива стоката/услугата само ако може да плати за неа со некакво универзално платежно средство (пари). Пазарната економија е стопански систем искористен во капиталистичките држави.

Во економијата на размена, за разлика од економијата на подароци, еден човек или група обезбедува нешто на друг или други само доколку се добие нешто за возврат. Таму важи максимата „Услуга за услуга“. Многу пати разменетите материјални блага или услуги не се еднакви по вредност, но тоа не им е битно на разменувачите.  Најважно е да се добие нешто за возврат. Меѓу луѓето е раширена оваа практика „ќе ти помогнам да си ја изораш нивата, ако ти ми помогнеш во реновирањето на куќата“ и не е важно која од двете активности е потешка. Имено, поради оваа особина на економијата на размена, некои анархисти ја оценуваат како битен дел од стопанскиот живот на слободното општество.

Економијата на подарување и економијата на размена не се водечки во современиот свет, за разлика од пазарната и планската економија. За сметка на тоа, тие се присутни во секојдневниот живот на многу луѓе низ светот, па дури и помагаат да се надмине дел од штетата нанесена од „официјално признатите“ економски системи. Благодарение на дадената меѓусебна помош, многу луѓе низ светот буквално успеваат да преживеат во современиот предаторски свет. Некои теоретичари ја оценуваат економијата на подарувањето како толку многу позитивна што дури тврдат дека ако дојде до нејзино пошироко распространување (тие ги користат зборовите „култура на подарување“), ќе биде уништена светската сиромаштија.  Можеби се во право, но едвај позитивниот ефект од економијата на подарување може да заврши без да се отстрани негативниот ефект од концентрацијата на богатството во рацете на неколкумина, карактеристична последица од пазарната економија.

Неколку примери од денешниот свет, кои во практика претставуваат економија на подароци:

  • Издршката на децата од страна на родителите во едно семејство (често пати продолжува и после полнолетство).
  • Пишувањето и распространувањето на софтвер со отворен код.
  • Електронското распространување на весници и секаква друга информација (добар пример е Википедија).
  • Неповратното крводарителство.
  • Бесплатните курсеви и семинари.

Во подалечното минато, за разлика од денес, токму економијата на подароци ја имала водечката улога. Таа го придружувала општеството уште од зората на создавање на човештвото. Племето од камено доба можеби ловело и собирало плодови како една голема група, помали групи, или индивидуално, но се хранеле заедно. Така некој ако немал среќа да улови нешто тој ден, не останувал гладен. Во книгата „Меѓусебната помош како фактор на еволуцијата“ од Кропоткин се опишани традициите на многу племиња од Африка, Азија и Океанија, кои во голема мера се базирани на економијата и подароците. Книгата е напишана пред повеќе од еден век, но според едно современо истражување, овие традиции сè уште постојат на некои острови во Тихиот океан. Дури се верува дека кај Бугарите и други „одамна цивилизирани“ народи сè уште постои споменот за некогаш применуваната економија на подароци. Не е прифатливо нешто кое ни е подарено – да го продадеме. Можеме повторно да го подариме на некој друг, но не е во ред да го вратиме назад во пазарната економија за да земеме пари за него.

Се разбира, економијата на подароци има свои недостатоци. Критиките упатени кон неа ги има многу. Некои од нив се точни, други се само досаѓање од страна на апологетите на „официјалните“ економски системи.

Милтон Фридман тврдел дека таквата форма на економска организација ќе доведе до се понамалена иницијатива и желба за производство, откако човек очекува сè што му е потребно да го добие како подарок од некој друг. Но некои примери од реалниот живот го покажуваат токму спротивното, на пример Википедија. Колку повеќе информација се натрупува во оваа слободна енциклопедија, толку повеќе луѓе се вклучуваат во подобрувањето и нејзиното проширување. Односно со натрупувањето на информација, корисниците не ја губат иницијативата и не се задоволуваат само со нејзиното користење.

Други критичари го истакнуваат фактот дека луѓето се склони да се разделат првенствено со непотребните нешта! Веројатно е така, но сигурно е подобро да го подариш непотребниот предмет отколку  да го оставиш да гние во подрумот.

Го имаме лошиот пример на големите супермаркети во таканаречениот развиен свет. Тие секојдневно фрлаат тони храна во ѓубре, затоа што не успеале да го продадат, наместо да организираат некаква мрежа за распределување на вишокот храна меѓу оние кои имаат потреба, а светот е полн со такви. Иницијативите како „Храна, а не оружје“ се обидуваат колку што можат да го поправат ова трошење.

Некои луѓе сепак се согласуваат дека во минатото економијата на подароци играла битна улога, која се повеќе се намалувала низ вековите. Дури тврдат дека брзиот прогрес на човештвото се должи на развојот на пазарните принципи и ако ја вратиме економијата на подароци, тоа ќе биде чекор назад. Но историјата покажува дека два концепта од минатото повторно наоѓаат примена во сегашноста. Да се присетиме дека демократијата и републиката се познати во античка Елада и Рим многу години пред широкото распространување на монархиите од средниот век. Овие две форми на управување исчезнуваат целосно за подолг временски период. Некој средновековен мислител би можел да каже дека нивното враќање ќе биде чекор назад. И нормално дека би погрешил, затоа што во современиот свет најшироко распространета форма на управување е демократијата (иако во голема мера е сè уште далеку од најдобрата форма – директната, непосредна демократија).

Како заклучок може повторно да се каже дека економијата на подароци може да биде (повторно) широко распространета, не за сметка на прогресот, туку благодарение на него. Повеќе детали можат да бидат најдени во статиите и книгите на Георги Константинов, посветени на роботската  револуција. Современото ниво на науката и технологијата дозволува машините да произведуваат повеќе, поквалитетно и побрзо, со сè помалку човечки труд. Според капиталистичкиот принцип, ако хиперпродукцијата не можеме да ја продадеме, подобро да ја заклучиме во складовите, ако треба и засекогаш. Но зошто треба да го правиме тоа, не можеме ли да ја… подариме?

–  Георги Бончев

Извор: http://www.lifeaftercapitalism.info/economicvisions/34-gift-economy/51-gift-economy

Последно