Трагедијата на женската еманципацијa – Ема Голдман

Ема Голдман

1906.

Почнувам со признание: без оглед на сите политички и економски теории, кои се занимаваат со основните разлики меѓу различните групи на човековиот род, без оглед на класната и расната разлика, без оглед на сите вештачки граници помеѓу женските и машките права, сметам дека тие разликувања би можеле да се сретнат во една точка и да прераснат во една совршена целина.
Под тоа не подразбирам предложување на мировен договор. Општиот општествен антагонизам кој денес го зафати целиот  јавен живот, создаден од силата на спротивставените и противречни интереси, ќе се распарча на делчиња кога преустројувањето на нашиот општествен живот, заснован на принципите на економска правда, ќе стане реалност.

Мирот и хармонијата меѓу половите и поединците на зависи нужно од површното изедначување на човечките суштества; ниту повикува на укинување на индивидуалните црти и особености. Проблемот со кој денес се соочуваме, а кој блиската иднина треба да го реши, е како да се биде свој а истовремено да се биде едно со другите, длабоко сочувствување со другите човечки суштества, а притоа да се задржат сопствените карактеристични особини. Тоа ми изгледа како основа на која масите и поединецот, вистински демократ и вистинска индивидуалност, маж и жена, можат да се соочат со антагонизмот и спротивностите. Мотото не би требало да биде: да заборавиме едни на други; попрво би требало да гласи: да се разбереме  едни со други. Често цитирана реченица на Мадам де Стал (Madame de Staël), “да се разбере се, значи да се заборави се`”, никогаш посебно не ми се допаѓала; мириса на исповедување; заборавањето на својот ближен искажува замисла на лицемерна надмоќ. Разбирањето на својот ближен – задоволува. Моето признание делумно го претставува основниот аспект на моето согледување за еманципацијата на жената и нејзиното влијание на целиот пол.
Еманципацијата би требало да и` овозможи на жената да биде хумана во вистинска смисла. Се` што копнее за потврда и дејствување во неа, би требало да доживее свој најцелосен израз; би требало сите вештачки пречки да паднат и би требало патот кон поголема слобода да се исчисти од секоја трага на вековно покорување и робување.
Тоа беше изворната цел на движењето за женско ослободување. Но резултатите кои досега се отстварени, ја изолираа жената и ја отргнаа од водопадот на таа среќа која толку и` е важна. Обичното надворешно ослободување направи од современата жена вештачко суштество, кое човекот го потсетува на плодовите на француската хортикултура со нејзините арабескни дрвја и грмушки, пирамиди, тркала и цветни венци; се`, само не облици кои би ги отстварила со искажување на сопствените внатрешни особини. Така вештачки одгледаните билки на женскиот пол можат да се најдат во голем број, особено во така наречената интелектуална сфера на нашиот живот.
Слобода и еднаквост за жените! Кои надежи и кои желби тие зборови ги разбудиле кога прв пат  се изговориле од некои од најпаметните и најхрабрите духови на денешницата. Јасно сонцето ќе засјае и славата ќе се пронесе во новиот свет; на овој свет жената треба да се ослободи да би управувала со својата судбина – што е цел достојна за голем занес, храброст, упорност и непрестан напор на мошне многу пионери, мажи и жени, кои се ставиле на коцка во борбата против светот на предрасудите и незнаењето.
И моите надежи се движат кон таа цел, но сметам дека женското ослободување, како денес се толкува и практично применува, не успеало да ја оствари таа цел. Сега жената е соочена со нужност да се ослободи од ослободувањето, доколку навистина сака да биде слободна. Тоа можеби звучи противречно, но сепак е вистинито.

Што се оствари со еманципацијата? Еднакво право на глас во некои држави. Дали тоа го прочисти нашиот политички живот, како што тоа го предвидуваа многу добронамерни приврзаници. Сосема сигурно дека не. Следува дека е навистина време личности со јасно, здраво расудување да престанат да зборуваат за корупција во политиката со интернатски тон. Политичката корупција нема врска со моралот, или попустливоста на моралот, распуштеност на разни политички личности. Нејзината причина е од материјална природа. Политиката е одраз на управувањето со работата и индустрискиот свет, чие мото гласи: “Поголем благослов е да се земе отколку да се даде”; “Купи ефтино и продај скапо”; ”Раката рака ја мие”. Не постои надеж за жената, дури и со своето право на глас, некогаш да успее да ја прочисти политиката.

Еманципацијата и донесе на жената економска еднаквост со мажот: т.е. таа самата може да си го бира своето занимање и работа; но како што нејзиното минато и моменталната физичка состојба не ја опремиле со нужната моќ да се бори со мажот, често е принудена целосно да си ја исцрпи својата енергија, да ја потроши својата виталност и да го напрегне секој свој дел за да би постигнала вредност на пазарот. Само неколку успеаа во тоа, факт е дека жените, учителките, докторките, архитектките и инжинерки ниту наидуваат на подеднаква доверба како нивните машки колеги, ниту примаат еднаква плата за иста работа. А оние кои ќе ја остварат таа примамлива еднаквост, општо земено во тоа успеваат по цена на своето телесно и ментално здравје. А што се однесува до големите маси работници, колку независност тие оствариле доколку ограниченоста и недостатокот од слобода дома ја заменуваат за ограниченост и недостаток од слобода во фабриката, продавницата или во канцеларијата? Тука товарот е наметнат и над жените да трагаат по “доме, сладок доме”-ладен, тмурен, несреден, непривлачен – после целодневна тешка работа. Славна независност! Затоа и не чуди што стотици девојки така желно ќе ја прифатат првата брачна понуда, болни и уморни од својата “независност” од зад шанкот, зад машината за шиење или зад машината за пишување. Спремни се да се омажат баш како и девојките од средната класа, кои пак плачат да побегнат од јарем на родителската власт. Таканаречената независност која води кон чисто одржување во животот не е толку примамлива, не е толку идеална за да може да се очекува од жената да се жртвува за неа. Нашата исклучително фалена независност е, после се`, само успорен процес на затапување и гушење на женската природа, нејзиниот инстинкт за љубов и нејзиниот мајчински инстинкт.

Сепак положбата на работничката е многу поприродна и човечка од положбата на нејзината наводно посреќна сестра со покултурно звање – учителка, лекарка, адвокатка, инжинерка и слично, кои мораат да имаат достоинствен, соодветен надворешен изглед, додека од внатре животот им е празен и мртов.
Ограниченоста на постоечкото поимање за женската независност и женското ослободување, стравот да се заљуби во маж кој не е на иста општествена положба, стравот дека љубовта ќе и ја одзеде слободата и независноста, ужасот дека љубовта или мајчинските задоволства ќе и пречат  во целосната посветеност на работата – сето тоа заедно од еманципирана модерна жена прави присилна весталка, покрај која, животот, со своите големи прочистувачи таги и длабоки восхитувачки радости, тече, дури без да ја допре или да и ја обземе нејзината душа.
Еманципацијата, онака како што ја разбира мнозинството од нејзините поддржувачки и застапнички, е со претерано ограничен распон да би дозволила безгранична љубов и занес што во себе носи длабоки чувства кон слободата на вистинската жена, љубовница, мајка.

Трагедијата на самостојната или економски слободната жена не е во премногу, туку во премалку искуства. Во ред, таа ги надминува своите сестри од претходните генерации во знаењето за светот и за човечката природа; па баш поради тоа чувствува длабоко во себе недостатокот на суштина во животот, која единствено може да ја обогати човечката душа, а без која многу жени се претворија, станаа, чисто професионални автомати.
Дека ќе се  дојде до таква состојба, предвидуваа оние кои сфатија дека остана, во областа на етиката, многу гровнати рушевини од времето на неспорната машка надмоќност, остатоци кои сеуште се сметаат за корисни. И што е уште поважно, голем број на еманципирани жени не можеа без нив.  Секој момент кој цели кон деструкција на постоечките институции и нивно заменување со нешто понапредно, посовршено, има следбеници кои теоретски застапуваат радикални идеи, но кои во својата секојдневна пракса се како просечен филистер, со преправена чест и гласно бара поволно мислење од своите противници. Има, на пример, социјалисти, па дури и анархисти, кои ја застапуваат идејата дека сопственоста е кражба, но би се разгневиле доколку некој им должи нешто во противредност од половина дузина клинци.
Истиот филистер може да се најде и во движењето за женско ослободување. Новинарите од жолтиот печат и писатели од типот “лук и вода” насликаа слика за еманципираната жена, слика која предизвикува гнев во “добриот” граѓанин и неговата глупа придружничка. Секоја членка на движењето за женските права е прикажана како Џорџ Санд (George Sand) која целосно го омаловажува моралот. На неа ништо не и било свето. Немала респект кон идеалниот однос на мажот и жената. Накратко, еманципацијата всушност и значеше водење лекомислен, бесползен живот на стрст и грев; без оглед на општеството, верата и моралот. Поборничките за женски права биле ограничени поради таквите погрешни приказни, а бидејќи не биле продуховени, целата своја сила ја потришиле на докажување дека воопшто не се толку лоши како што се прикажувани, туку баш спротивно. Секако, се додека жената била роб на мажот, не можела да биде добра ниту чиста, но сега кога е слободна и независна, ќе докаже колку добра може да биде и следствено со нејзиното влијание ќе ги прочисти сите институции во општеството. Точно е дека движењето за женски права скрши многу стари спреги, но создаде и нови. Големото движење за вистинска еманципација не се поклопи со големиот род жени кои можат слободата да ја гледаат в лице. Со нивната ограниченост, пуританското гледања го протераа мажот, како вознемирувач со сомнителен карактер, од нивниот емоционален живот. Мажот не смее да се толерира под никаква цена, освен можеби како татко на детето, бидејќи детето неможе да дојде на светот без таткото. За среќа, и најригидните пуританки никогаш нема да бидат доволно моќни да го убијат вродениот копнеж за мајчинство. Но, женската слобода е тесно поврзана со машката слобода, и многу од моите т.н. ослободени сестри, изгледа, го предвидоа фактот дека на детето родено во слобода му треба љубов и посветеност на секое човечко суштество околу него, и  маж и жена. За жал, баш тоа ограничено поимање на човековите односи ја предизвика трагедијата во животот на модерниот маж и модерната жена.

Пред некои петнаесет години се појави дело од перото на сјајната Норвежанка Лаура Мархолм (Laurа Marholm), насловено “Жената, студија на карактерот”. Таа е една од првите која привлече внимание  за суетноста и ограниченоста на постојното поимање на женската еманципација и нејзиното трагично влијание за внатрешниот живот на жената.  Лаура Мархолм во своето дело зборува за судбината на неколку надарени жени со светска слава: за генијалната Елеонора Дусе (Eleonora Duse); за големата математичарка и писателка Соња (Софија) Ковалевска (Sofia (Sonya) Kowalevski); за артистката и поетеса Марија Башкирцева (Marie Bashkirtseff) која млада починува. Секој од прикажаните животи на тие жени, со таков извонреден дух, носи нагласена трага на неисполнет копнеж по полн, заокружен, впотполнет и убав живот, исто и трага на немир и осаменост кои се исто резултат на неостварување на таквиот живот. Не можеме да си помогнеме, но тие мајсторски психолошки скици ни покажуваат дека колку што е повисок општествениот развој на жената, толку помалку е можно да си сретне сроден маж кој во неа нема само да го види нејзиниот пол, туку и човечкото суштество, пријателот, другарот и јаката индивидуалност, која не може и не смее да изгуби ни најмал дел од своето значење.
На просечниот маж, кој е самодоволен и кој смешно и од високо се однесува кон женскиот пол, не му е можен изборот на жена каква што е прикажана во книгата на Лаурија Мархолм. Подеднакво не и’ е можен избор на маж кој во неа ги гледа единствено духовните способности и нејзиниот дух, но во неа не успева да ја разбуди нејзината женска природа.
Богат интелект и префинет дух обично се сметаат за нужни особини на длабока и убава личност. Во случајот на модерната жена, тие особини служат како препрека за целосната потврда на нејзиното суштество. Стотици години старата форма на брак, заснована на Библијата, “додека смртта не’ не раздели”, е разобличена како институција која застапува сувереност на мажот над жената, како институција на нејзината целосна потчинетост кон хировите и заповедите на мажот, и целосна зависност од  неговото име и од неговата поддршка. Многупати уверливо е докажано дека стариот брачен однос ја ограничувал жената на тоа да стане слуга на мажот и да му раѓа деца. Но сепак наоѓам многу еманципирани жени кои се наклонети повеќе кон бракот, со сите негови недостатоци, одошто ограниченоста на вонбрачниот живот, ограниченост и неиздржливост поради моралните ланци и општествените предрасуди кои ја попречуваат и сопираат нејзината природа.
Објаснувањето за таквата недоследност на многу напредни жени е во фактот дека никогаш вистински не го разбрале значењето на ослободувањето. Мислеле дека им треба единствено независност од надворешните тирании; внатрешните тирании се далеку поштетни по животот и развојот – во етичка и општествена конвенција – препуштени сами за себе да се грижат; и се згрижија. Се чини дека добро се снајдоа во срце и душа повеќето активни поборнички на женското ослободување, исто како во срце и во душа на нивните баби.

Тие внатрешни тирани, се појавуваат во форма на јавно мнение или она што ќе каже мајката, или братот, или таткото, вујкото, ма кој и да било роднина; што ќе каже госпоќа Грунди, господин Комсток, работодавец, одбор за наобразба? Целата таа заблуда, морални детективи, темничари (заробувачи) на човечкиот дух, што ќе кажат тие? Се додека жената не научи да им се спротивстави на сите, цврсто да застане на свои нозе и да истрае на сопствената неограничена слобода, да го слуша гласот на сопствената природа, барајќи го она најголемо природно богатство, љубовта кон мажот, или нејзината најславна привилегија, право да роди дете,  таа себе не може да се нарече ослободена. Колку еманципирани жени се доволно храбри да признаат дека гласот на љубовта ги повикува, дека диво чука во нивните гради, бара од нив да го чујат, задоволат.
Најголема мана на денешната еманципација е нејзината вештачка крутост и ограничена обѕирност, кои произведуваат празнина во женската душа што пак нема да и даде да пие на изборот на животот. Еднаш напишав како ми се чини дека бил подлабок односот помеѓу старомодната мајка, домаќинка, која е  секогаш на штрек за деца да и бидат среќни и да ги утеши оние кои ги сака, и вистински новата жена, туку помеѓу навистина таа нова жена и нејзината просечно еманципирана сестра. Ученичките  на еманципацијата ме прогласија за погана, единствено достојна за клада. Нивната слепа страст не им дозволува да сфатат дека мојата споредба на старото и новото повеќе треба да покаже дека повеќето од нашите баби имале повеќе крв во своите вени, повеќе дух у продуховеност, а секако и повеќе природност, добродушност и едноставност, во спореда со повеќето наши еманципирани стручњакињи кои ги полнат факултетите, училниците и канцелариите. Тоа не значи дека сакам да се  вратам во минатото, ниту тоа ја осудува жената во нејзината стара сфера, кујната и детската соба.

Спасот е со силен марш во посветла и појасна иднина. Ни треба непречен развој без влијание на старите традиции и старите обичаи. Движењето за ослободување на жената го направи само првиот чекор во таа насока. Треба да се надеваме дека ќе собере сила и за втор чекор. Право на глас или еднакви граѓански права можат да бидат добри барања, но вистинската еманципација не започнува на гласачкото место, ниту во судницата. Таа започнува во женската душа. Историјата не учи дека секоја угнетена класа вистински се ослободила од своите господари единствено со сопствен напор. Нужно е жената да ја научи таа лекција, да сфати дела нејзината слобода ќе досегне дотолку далеку колку што нејзина сила е подготвена да достигне. Затоа е многу поважно да почне со своја внатрешна регенерација, да се ослободи од товарот на предрасудите, традицијата и обичаите. Барањето за еднакви права во секој животен сегмент е праведен и примерен; но, после се`, највитално е правото да се сака и да се биде сакан. Навистина,  да би делумно еманципираната станала целосно и вистински еманципирана жена, ќе мора да расчисти со смешното поимање на да се биде сакан, да се биде љубовница и мајка, е истозначно да се биде робинка или подредена. Мора да расчисти со апсурдниот поим на двојност на полот, или дека мажот и жената претставуваат два спротивставени света.

Ситничарењето разделува; широкоградоста обединува. Да бидеме широки и големи. Да не ги превидиме виталните нешта поради мноштво ситни нешта со кои се соочуваме. Правилно поимање на односот меѓу половите нема да дозволи да има победници и поразени; тоа знае единствено за едно големо нешто; да се даде безграничост, како би бил побогат, длабокоумен, подобар. Само тоа може да ја исполни празнината и трагедијата на женската еманципација ја претвори во веселба, безгранична веселба.

Последно