ПОСЛЕДНИОТ ГОВОР НА „БАСКИСКИОТ СОКРАТ“ – ДОН МИГЕЛ ДЕ УНАМУНО

Мигел де Унамуно

Говоров е одржан во екот на Франковиот фашистички режим во Шпанија, на 12 октомври 1936 година, на Универзитетот во Саламанка – по што Унамуно (Miguel de Unamuno y Jugo / 1864–1936), како долгогодишен професор по грчка и шпанска литература и тогашен доживотен Ректор на Универзитетот, е ставен во куќен притвор за таму и да почине по нецели два месеца (во декември 1936). На свеченоста во Амфитеатарот, на која присуствуваат голем број поканети гости – меѓу кои и бискупот, гувернерот, госпоѓата Франко и генералот Милан Астрај – последниов, по вообичаениот церемонијал, станува и во својот политички говор ги напаѓа Каталонија и баскиските провинции, кои за него се „рак рана за телото на нацијата“. Во преполниот амфитеатар некој од восхитената толпа ја извикува прочуената генералова девиза: Viva la muerte! („Да живее смртта“!). По ова, неколкумина фалангисти во сини кошули веднаш трескавично салутираат кон закачениот портрет на Франко. Тогаш стариот професор и ректор станува бавно и спокојно и ги изрекува следниве незаборавни зборови:

Вие сите очекувате што јас сега ќе речам. Ме познавате и знаете дека не можам да молчам. Оти молчењето може да биде протолкувано како согласување. Би сакал да придодадам нешто на говорот – ако со тоа име може да се нарече ова – на генералот Астрај… Да не зборуваме за личната навреда што ми ја нанесе неговата силна атака врз Баскијците и Каталонците. Јас сум Баскиец, роден во Билбао. Бискупот [покажувајќи со прстот кон преплашениот црковен великодостојник] било тоа за него да е мило и ли не, е Каталонец од Барселона.

[Молкот што тогаш настанува е стравотен. Таков говор, на јавно место, дотогаш не е одржан во фашистичка Шпанија. Потем Унамуно продолжува:]

Тука слушнав еден морбиден восклик, без каква и да е смисла: ‘Да живее смртта’!? И јас, кој сиот свој живот го минав во создавање парадокси што предизвикуваа гнев кај оние кои не ги разбираа, јас… во својство на стручњак за тие нешта морам да кажам дека овој варварски парадокс мене ми е одвратен! Генералот Милан Астрај е сакат! Да го кажеме тоа без некоја нечовечка задна намера. Тој е воен инвалид. Сервантес, исто така, беше воен инвалид. За жал, денес во Шпанија има премногу сакати. И ќе ги има наскоро уште повеќе, ако Бог не ни помогне. Патам од помислата дека генералот Милан Астрај би можел да постави основи за една нова психологија на топлата. Еден сакат, кој ја нема духовната величина на Сервантес, обично за себеси бара олеснување во сакатењата на коишто ги изложува другите околу себе.

[Генералот кој седи во публиката веќе не може да ги поднесе овие, како чекан силни, зборови па гласно извикува: Abajo la inteligencia! Viva la muerte! („Долу интелигенцијата! Да живее смртта!“). Се создава силен џагор во знак на поддршка од страна на фалангистите, но стариот и авторитетен Унамуно успева да го приврши говорот…]

Овој Универзитет е храм на интелигенцијата! А јас сум неговиот врховен свештеник! Вие ги осквернавивте неговите свети ѕидини! Вие ќе победите оти имате повеќе брутална сила. Но, никого нема да убедите… За тоа би требало да го имате она што ви недостасува: разумот и правото да се на ваша страна…!

Извор: Иван Џепароски, Отаде системот, Скопје, Култура (Библиотека „Идеи“), 2000, 77–79.
Адаптација и техничка обработка: Димитар Апасиев.

Последно