Дедемократизација на граѓанственоста: како неолиберализмот ја користеше пазарната правда за да се помести од социјални кралици до авторитаризам во 25 кратки години – Сумирање на текст од Маргарет Р. Сомерс
Подготвено од: Кристијан Димков
Во овој труд Сомерс пишува за теоријата за граѓанственоста на Томас Маршал (главно за САД) во која говори за развојот на граѓанственоста во Велика Британија, поконкретно за овој труд на Сомерс е третиот елемент на граѓанственоста според Маршал а тоа е социјалната граѓанственост. Според Сомерс социјалниот елемент на граѓанственоста не претставува само еден елемент на граѓанственоста без кој неможе да се уживаат другите два (цивилниот и политичкиот) туку социјалната граѓанственост претставува предуслов за демократијата. Бидејќи социјалната граѓанственост претставува предуслов за да може да се воспостави демократија Сомерс тврди дека неолибералните елити на капиталот во изминативе неколку декади систематски и постојано ја уништуваат социјалната граѓанственост со цел да се дедемократизира општеството и да се лиши работничката класа од своите права да има свој глас не само во водењето на државата туку и во водењето на компанијата каде што работат, што според Сомерс претставува минијатурна форма на влада.
Ова неолибералните сили го прават на неколку начини, првиот и многу важен е преку концептот на пазарна правда. Пазарната правда претпоставува дека живееме во меритократско општество, во laissez faire систем каде што секој има еднаква шанса да успее. И според тоа, тие што се наоѓаат на дното на општествената стратификациона пирамида согласно на тоа не само што се таму според својата заслуга туку и се незаслужни и невредни на владина помош, која доаѓа преку собирање на даноци од „трудољубивите луѓе“. Односно пазарната правда се обидува и во голема мера има успеано да ги убеди луѓето дека лицата кои се сиромашни заслужуваат да бидат сиромашни и дека државата не смее да зема од приходот на трудољубивите луѓе и ги редистрибуира тие средства за помош на т.н Социјални кралици, кои обично се од не бела раса и со користењето на расизмот кој е присутен во Американското општество да „подгрее пламен“ под обичниот американец.
Друг концепт кој е исто така многу важен за овој труд на Сомерс е концептот на слободен пазар и предистрибуција. Односно според Сомерс погрешна е дијагнозата на лево – ориентираните мислители и активисти дека нерегулираниот пазар го има доведено човештвото до волкав степен на нееднаквост и до комплетно владеење на капиталот а не на граѓаните. Напротив предистрибуцијата е причинителот за тоа, односно лобирањето и притисокот од страна на капиталистички елити врз владата да се создаде илузорна слика на слободен пазар, додека однапред го имаат испланирано како пазарот ќе се одвива. Целта на оваа предистрибуција е да се создаде ситуација на монопол и на монопсонија во општеството и преку тоа да се зголеми приходот на капиталистите со цел да се создаде поголема разлика на стратификационата скала преку енормни разлики во приходот помеѓу работниците и работодавачите.
Можеби и најважен концепт во овој труд е тој на дедемократизација. Односно проектот на неолибералните елити преку уништување на социјалната граѓанственост, уништувањето на правото на работниците да се здружуваат – односно синдикализмот, да се отстрани секоја форма на демократија во општеството. Да се отстрани секое право на работникот да има свој глас во тоа како се управува општеството и во тоа во која насока се движи компанијата во која работи. Ова покрај идеологијата односно идејата за пазарната правда елитите го спроведуваат и преку судството. Односно константни пресуди во прилог на капиталот со кои се уништуваат работничките права.
Постојано присутна во овој труд е идејата за тоа дека т.н Њу Дил, што претставува проект на владата на Теодор Рузвелт за поголеми работнички права во САД, е најлошата работа што можела да и се случи на економијата и за идејата за саморегулирачки слободен пазар, и социјалниот елемент на граѓанственост и социјалната држава како институција на социјалната граѓанственост претставува компромис од страна на капиталот да се „смират страстите“ кај работниците и да се угушат синдикалните движења кои настанале во тој период со тоа што ќе им се „фрли коска“ на работниците и моментално ќе се смират. Тоа и се случило, преку социјалната држава се создале механизми со кои ќе им се подобри ситуацијата на работниците преку мерки како бесплатно образование и бесплатни здравствени услуги. Во овој период во САД по втората светска војна до 1970тите години било комплетно возможно еден вработен во семејство од четворица да им обезбеди удобен живот. Од ова капиталистите се уплашиле и започнале офанзива од повеќе страни, идеолошка дека луѓето ги злоупотребуваат даноците на трудољубивите американци и „живеат од системот“, понатаму дека системот на предистрибуција и прогресивен данок е катастрофаен бидејќи „ги казнува тие што се успешни“ во меѓувреме создавање на плутократска влада која преку судството и владините мерки ќе им даде легитимитет на нивнитата цел – воведување на слободен пазар додека тој пазар е се освен слободен. Преку предистрибуцијата, користејќи ја владата како алатка го капиталот го одредува пазарот како што на него му оди во прилог создавајќи монополи додека ги имаат убедено граѓаните дека се работи за меритократско општество и дека тие на дното на стратификационата пирамида се незаслужни и невредни за помош.
Оригинален текст: https://www.tandfonline.com/doi/epdf/10.1080/13621025.2022.2091250?needAccess=true&role=button&