1.Вовед
Анализирајќи ја општествено-политичката култура на Балканските народи се добива впечатокот дека Француската револуција воопшто не се случила, или дека овие општества воопшто не се допрени од тие вредности кои така силно одекнаа на светската сцена.
Тука ќе си рече човек „ама ете погледнете ги уставите и законите на овие држави сите се секуларни, сите ги гарантираат и инкорпорираат граѓанските права“. Да, тоа до некаде и е точно но сепак, едно е државата во нејзината формално административна рамка да е целосно декларирана како граѓанска и секуларна друго е тие вредности да владеат во општеството, во секоја негова пора-формална и неформална, во односите помеѓу групите и поединците. Имено, само кога ваквите вредности ќе потекнат од општеството кога токму одоздола ќе се рефлектираат кон државата само тогаш ќе има бенифит од декларираноста на државните институции како граѓански и секуларни.
Последиците од Француската револуција беа појавување на граѓанството и буржоазијата како главна економска и политичка сила, но на овие простори тоа се случи некако половично. Буржоаската економска моќ беше увезена и како што тоа доликува на капитализмот, конзервативната политичка влага се искористи и сеуште се искористува за затскривање и покривање на реалноста од економската суровост и сестраната експлоатација па со ова следствено и еколошката деградација.
Ете поради разните историски околности, тековини, стварности и сета таа наталожена колективна свест која е вкоренета во културолошките матрици на различните народи од балканот, тие не успеаа да создадат не само институции туку и општествено-политичка култура која ќе биде културолошки, етнички неутрална кон сите засебни и која во исто време ќе биде, барем делумно, прифатлива и за сите останати. По се изгледа тоа не е можно, а тоа не е само проблем на балканските општества. Двете големи војни, особено Втората Светска Војна, покажаа дека тоа не успева во овој глобален свет ниту во срцето на Француската револуција – Европа. Ова можеби е вака затоа што се заборави основната компонента на Француската револуција, а тоа е економската односно класната. На тие од сталежот на народот не им значеше ништо стилот на облекување или пак стилот на обраќање, како и долгите и многубројните имиња и презимиња карактеристични за човек од аристокартијата, туку нив ги засегаше нивната економска надмоќ која животите им ги направи бедни и сурови. Ова може да се види и од говорите на еден од најгласните револуционери од третиот сталеж Марат, кој воедно стана и маскота на самата револуција.
Тој во секој можен момент ја истакнуваше класната спротивставеност на тогашното општество пишувајки дека ,,револуцијата ја изведоа само нижите општествени класи:работници, занаетчии, ситни трговци, селани – односно, оној нижи слој, онаа сиротиња, која богаташите ја нарекуваат измет (canaille)“.
2.Домашната ситуација
Како и да е, да претпоставиме дека сувереноста и единството на нацијата, сфатена во чисто граѓанска смисла, е предуслов за прогресивноста на општеството во целина. Сепак и ова на овие простори се гледа прилично далеку од реланост. Во Македонија културолошката поделеност е најистакната преку нејзината религиска компонента, муслиманска наспроти христијанско православна. И секоја општествена стварност ја има една од овие бои, ама без исклучок, секој поглед, секоја идеја, секоја социјална акција.
Оттука сакам да се осврнам на муслиманската групна свест во поглед на општествената реалност. Не тврдам дека другата страна е попрогресивна и слично, но муслиманскиот дел од општеството е исклучително конзервативен, дури на моменти и силно регресивен, како во општествена така и во цивилизациска смисла. А овој процес зема замав особено со експонирањето на меѓународен план, како политички така и економски, на демо-муслиманската Р.Турција.
Денешна Турција со нејзината генерална политичка траекторија засладена со исламаско-османлиска филозофија има многу активности, како економски така и политички, на просториите на поранешната османслика империја, а особено во Македонија и Косово. Некои активности на прв поглед изгледаат социјално корисни, ама во суштина нивните последици се а понатаму можат да бидат уште повеќе закана за синхронизација на елементарно потребната заедничка политичка култура(која во околностите на концептот нација-држава е предуслов за стабилно и неконфликтно општество) на културно етнички различните народи, а кои пак се под капата на една административна рамка на државата. Потенцијалната конфликтност на заедницата се зголемува особено ако се има во предвид и тоа дека националниот идентитет на овие држави е екстремно етноцентричен.
На пример турската влада (преку разни невладини организации) финансира стипендии за средношколци и студенти, но тие се крајно дискриминаторски, затоа што се достапни само до заедницата со исламска вероисповест. Потоа исто така се финансираат неколку студентски домови, кои исто така се достапни само за студенти од една етничка група. Во Скопје на пример има два такви дома, едниот е машки а другиот женски кои што просторно еден од друг се оддалечени со километри. Неретко студентите, особено студентките се под притисок од одговорните заради прекршување на исламските конзервативни правила. На пример ќе забележите дека 95% од девојчињата се со бурки, а тие што не се на почетокот, поради социолошкиот притисок и ред други фактори, покасно стануваат подобни на прототипот, а на сите без исклучок им е забранет излез после 22 часот. Приватноста на овие млади е под постојана лупа, стравот од спротиставување на ваквите традиционални правила е голем, особено што економската зависност од семејството на младиот човек кај нас е голема.Има уште еден мошне интересен проект на Турската влада во Македонија, а тоа е финансирањето на сателитски антени за Турците ширум Македонија. Не само што ова е непрактично затоа што децата во нивната полнолетна возраст не знаат македонски јазик ниту 20 %, туку е и доста влијателно во формирање на општите политички контури кои би требало да постојат за еден систем да биде стабилен. На пример јас растев со плебејските вредности на „македонските народни приказни“ а сега тоа е исечено во корен и затоа интеграцијата е се потешка и потешка.
Овие членови на заедницата оформуваат карактер и заземаат ставови во однос на општествените збидувања коегзистирајки во два парарелни светoви. Исто така се шират и гласини дека по тие кругови се предава неформално куранско образование и се’ што во пакет доаѓа со него, се разбира. А да не зборувам за религиските брошури кои им се делат за кои лично сум бил сведок.
Значи слободата на овие млади им е малку повеќе ограничена од нас останатите. Вината за тоа не може да ја лоцираме само кај нив самите, иако се полнолетни индивидуи. Неутраланите општесвено-административни институции и правни институти не можат ништо против ова, затоа што самата ситуација има форма на ропство по своја волја.Кога на овие групи ќе им се обратиш за поддршка или став за некоја општокорисна акција или иницијатива, како на пример проблемот со енергенсите или образовниот квалитет, веднаш го добиваш одговорот во стилот „остај бе тоа, ѓаурите за себе си прават“. Како нив воопшто да не ги засегаат општите социјални проблеми на сите граѓани, се’ е низ призмата на „тие“ и „ние“. Ова е практично како болест на општесвото, болест од политички паразити. Дури и партизанските вредности ги сведуваат на „нивни“ (ѓаурски), општо лудило!!!
3.Историска паралела
Само кога веќе сакаат да судат за тоа кој е наш а кој е ваш и кој какви вредности промовирал и кој е симбол за истите според административните имиња на историските личности, тогаш јас сакам да им го посочам примерот на Ферид Бајрам и неговата сопруга Накие. Имено, Ферид Бајрам бил роден во Скопје во 1881. Во 1903 година бил назначен за учител по турски јазик во Велешката гимназија. Со негово залагање во Скопје се формирал „Демократскиот клуб“ составен од прогресивни Македонци, Турци и Албанци. Овој клуб подоцна се приклучил кон социјалистичкото движење. Во 1920 год. бил избран за кмет на Скопската општина, а кратко време бил и народен пратеник во Собранието во Белград. Подоцна, Ферид Бајрам бил главен уредник на “Социјалистичка Зора” списание што излегувало и на турски јазик во Скопје.
Во 1928 год. била донесена Обзнаната, со која се укинале сите турски училишта и наставата на турски јазик. Со оваа мерка околу 800 турски учители останале без работа, меѓу кои и Бајрам и неговата жена Накија. Поради воведувањето на Обзнаната во 1928 год. Ферид Бајрам отишол во Белград на разговор со тогашниот министер за просвета и успеал да издејствува наставата на турски да се одвива паралелно со наставата на српски. По враќањето од Белград, Ферид Бајрам бил уапсен и затворен три години.
По ослободувањето, тој продолжува да учителствува во Првата машка гимназија и станал вонреден професор во Големата Медреса „Крал Александар“, која имала за цел да ги школува сиромашните деца. Со својот пријател од Големата Медреса, Мухамед Хаџи Бекиќ, организирале отворање на женско работничко училиште. Бидејќи во тој период во градот имало само две работнички училишта, Бајрам отворил ново училиште “Шевкет” кое се делело на две групи, килимарство и везење и шиење. Училиштето работело пет години пред војната. Во ова училиште учеле муслимански девојки, кои освен учењето имале и други активности како забави и посетување на кино-претставите кои биле организирани лично од Ферид Бајрам во договор со кино „Вардар“ и Накие која била заменик управник во училиштето.
Тоа време во Скопје се доселувале многу турци кои доаѓале од Белград, Ниш, Ќуприја, Лесковац, па дури и од Виена, Унгарија. Тие биле посовремени, поеманципирани, поотворени, пообразовани, со еден збор прогресивни, за разлика од турците на левата страна на реката Вардар кои биле патријархални, затворени и не сакале никакви контакти со новодојдените. Староседелците турци, новодојдените ги нарекувале со погрдни имиња – неверници-Ѓаури. Ваквото мислење за новодојдените Турци било последица на нивниот отворен начин на живот, поради што тие сметале дека не веруваат во исламот.
Исто така Ферид Бајрам беше предводник на победата на КПЈ против коалицијата на Радикалната партија и Џемијетот на општинските избори во Скопје одржани на 22 Август 1920 година. Тој ја поздравуваше присутната маса на турски јазик: „Да живее комунизмот! Да живее Црвено Скопје!“
Накие и Бајрам биле од различните групи турци спомнати погоре, но двајцата не обрнувале внимание на спротивставувањата, и тоа бил прв брак со мешање на турците староседалци и дојденци, што во тој период претставувало вистинска храброст.
Децата на Накие и Бајрам учеле во училиштето “Ѓура Јакшиќ”, а Накије работела во турскиот лицеј, а потоа во турското училиште “Краљица Марија”, каде што децата посетувале турска настава.
Накие Бајрам била управник на училиштето и му го дала името “Краљица Марија”, а при една посета на делегација во училиштето заради проверка на неговата работа, тоа име било усвоено со акламација. Училиштето било народно и се наоѓало до Стара-нова бања. Поради дотраеноста на зградата ова училиште било пренесено кај Султан Муратовата џамија.
Накие Бајрам заедно со Роса Плавева е организатор на бунтот на османлиските жени од Скопје против зарот и фереџето во првите години од 20 век. Бунт кој почнува со тајниот состанок на педесетина жени на османлиски офицери што се одржал во јули 1908 година во домот на скопската шивачка Плавева. Средбата е опишана како конспиративен состанок, на кој педесетина турски жени од Скопје со напредни сфаќања за своето време, решиле јавно да се побунат против зарот и фереџето и покрај ризиците што ги носела таквата храбра одлука во тогашното конзервативно општество.
Решаваат да се организираат и да се подготват за јавен протест на кој јавно ќе се одбулат, веејќи знамиња со пораки: „доста ни е од црнила на очите“ или – „и ние сакаме живот како другите жени“. На протестот исто така имало и црвени знамиња на кои пишувало „Турчинките бараат слобода“.
4.Заклучок
Заради сите работи наведени погоре би им препорачал на нашите сограѓани и сограѓанки да го пробудат својот интерес за општеството, а не да ги игнорираат збиднувањата во него. Јас ја сфаќам нивната аверзија кон административниот апарат наречен држава, сфаќам дека вредностите кои ги ги рефлектира преку неговото постење и симболи кои го обележуваат се извлечени и алудираат само на една етничка група од ова мултиетничко општество и при ваква општествена клима во која дури уставот правата ги дели врз етничката припадност, се во спротивност со нивната етно култура. Но тоа не смее да биде перде пред очите за да не можеш да ја видиш користа од залагањето за општото добро на целата заедница. Напротив, твојата етнокултура не смееш да дозволиш да стане политички/јавно третирана, тоа е приватна светост на индивидуата а не агенда во рацете на јавните служеници.
„Yaşasın kızıl Üsküp!!!“
Автор:
Хактан Исмаил
Активист во ДСП – ЛЕНКА