Ви пренесуваме белешка од дневникот на Георги Димитров од 22 февруари 1945 година во врска со Македонија и други прашања во односите со Југославија.
… Во врска со претстојниот пленум на ЦК на бугарската партија во Софија ја испратив следнава шифрирана порака:
“По проектот за политичка резолуција на пленумот ги имам следниве забелешки:
Во првата точка треба да се посочи и исклучително важната улога на партизанското движење организирано и раководено од нашата партија.Во единаесетата точка да се каже дека зближувањето, соработката и сојузот меѓу словенските држави е најважното (не единствено!) средство за одбрана од можна нова агресија на Германија и за обезбедување на нивната слобода, независност и процвет.
Што се однесува до Македонија, неопходно е да се поздравува добивањето на рамноправност на Македонците во рамките на нова федеративна Југославија. Ние не треба да се плашиме да изјавиме дека нашата партија е решително за признавањето на Македонците како посебен народ и за национално самоопределување на македонскиот народ
Следува да се организира пункт за партиската просвета и за марксистичко-ленинистичко воспитување, за зголемувањето на идејно-политичкото ниво на членовите на партијата, за сериозната и забрзана подготовка на партиските кадри, за врската меѓу старите и новите партиски кадри, за работата на идеолошкиот и културниот фронт, кој од гледна точка на блиската иднина не отстапува по важноста на воениот и стопанскиот фронт.
Следува да се оформи пункт за најстрога будност против проникнувањето на скриените агенти на непријателот и на провокатори во партијата и во целиот Отечествен фронт, а, исто така, е неопходна решителна борба против ваквите кадри на декаденција меѓу партиските, општествените и државните кадри, против кариеризмот, искористувањето на власта за лични цели, отуѓувањето од масите, надменоста и простачкиот бирократизам. Сето тоа е најдобрата вратичка фашистичкиот непријател да ја нагризува партијата и да ја дискредитира во очите на народот.
Многу молам, последното прашање да се разгледа на пленумот многу сериозно, со користење конкретни постојни факти, за да можат сите наши луѓе, без оглед на минатите заслуги или на функциите кои ги заземаат, навреме да се тргнат, здраво да се стегнат и на некаков начин да не се поведат по привилегиите, кои неизбежно постојат при учеството на партијата во управувањето на земјата”.
Георги Димитров, “Дневник”
22 фебруари 1945 година, Москва.