За време на Втората светска војна, дури и во најсуровите услови на фронтот, борците ја славеа Новата година. И со нетрпение очекуваа подароци од заднината. Пратки на фронтот не испраќаа само роднините на борците.

Разгледници и писма

Она по што се препознава Новата година – накитената елка и подароците под неа, како да останаа далеку во заднината. Но, борците се трудеа колку што можеа да создадат новогодишна атмосфера. Доколку немаше новогодишна елка, предвид доаѓаше секое друго дрво кое се украсуваше со рачно изработени играчки од ленти, етикети од конзерви, а наместо ѕвезда на врвот на елката можеше да послужи и бонбона во обвивка со светла боја.

За празникот на фронтот пристигнуваа од заднината голем број разгледници и писма. Така, само во есента 1941 година московскиот издавач „Искуство“ испечати 300 илјади новогодишни честитки, а во текот на зимата околу 15 милиони.

Тие беа илустрирани со фронтовското секојдневие, карикатури на нацистичките војници и, секако, главниот зимски волшебник Дедо Мраз кој го победуваше непријателот.

Пакети од заднината

Оние кои останаа во заднината испраќаа пакети на роднините и пријателите на фронтот за да ги охрабрат. Праќаа она што беше најпотребно – топли чорапи и ракавици, валенки и ватници, тутун, рачно шиени ќесиња за тутун, цигари, бонбони и колачиња. Подароци испраќаа и совхозите, фабриките, учениците и возрасните. Сушеа зеленчук, правеа медени колачиња и бисквити, а преработуваа и месо за салама.

Во градовите и селата се организираше собирање на храна и работи, па само во декември 1941 година од Кујбишев на северозападниот фронт беа испратени 11 тони најразлични колачиња, бонбони, салами и јаболка. „Со голема љубов, рударите од Северно-Уралските рудници за боксит подготвуваат новогодишни подароци за бранителите на татковината. Првата партија од 400 пакети е веќе испратена. Во нив има вино, колачиња, цигари, тутун, бонбони, чоколадо, салама и друго“, пишуваше тие години дневниот весник „Карпински работник“. Заднинците често одеа на фронтот за да им ја честитаат Новата година на војниците и да им ги предадат подароците.

Покрај практични подароци, во пакетите имаше и слатки. Многу кондитерски фабрики беа евакуирани за време на војната и продолжија да работат на нови адреси. Чоколадото, на пример, беше задолжително во оброците на пилотите и морнарите-подморничари, а во пратките за Нова година најчесто се ставаа чоколадите „Гардиска“ и „Кола“ (со екстракт од орев на кола, што се сметаше за сигурно освежувачко средство и претставуваше спас од авитаминоза). Во Ленинград продолжи да работи фабриката за слатки „Крупскаја“, каде во 1943 година започна производството на бонбони „Мишка на север“. За само една година од фабриката беа испорачани три тони од овие бонбони.

Новогодишните подароци беа дури и свечено завиткани. На помалите платнени вреќички беше извезена „Бранител на татковината“.

Новогодишни изненадувања

Се случуваше и празничната трпеза сама да се создаде. Кога советската армија ја зазеде станицата Котелниково кај Сталинград на крајот на декември 1942 година, нејзините припадници пронаоѓаа на шините напуштени германски вагони полни со деликатеси. Командантот на Седмиот тенковски корпус Павел Ротмистров сфати дека сето тоа ќе биде добредојдено за дочекот на Новата година. Веднаш поставија маси полни со храна, ракија и шампањ, а на крајот од прославата на војниците им беше прочитана честитката на Сталин за победата и Новата година.

Понекогаш за празнично расположение беше доволен и обичен компир. Како што подоцна сведочеше еден од борците, пред да замине за Сталинград, на нивниот одред им бил организиран дочек на Новата година. На масите во земјанките имало конзервирани жабји батаци и омлет од јајца од желка, очигледно јадливи воени трофеи. Војниците не биле навикнати на такви деликатеси, па батаците не ги јаделе, бирајќи само гарнир од конзерва, односно ориз.

Преземено од: https://mk.rbth.com/istorija/90452-podaroci-na-frontovite-vtora-svetska-vojna