Вработените во Фондот за здравство со протест и свирежи го поздравија Управниот одбор кој денеска на седница ќе расправа дали ќе им ги намали платите за 21%. Најавија штрајк ако се донесе таква одлука. Ќе работи само еден човек на шалтер и ќе запрат сите услуги.
„Доколку има штрајк, апсолутно прекинуваат сите неесенцијални функции на ФЗО. Освен по едно лице кое ќе прима документи, останатите вработени воопшто ништо нема да работат. Тоа во превод значи нема никаква исплата за ништо, ниту за капитација за матични лекари, ниту за лекови во аптеки, ниту за плати во јавно здравство итн“ – Бранко Аџигогов, претседател на синдикат на ФЗО
За да се донесе одлуката на Управниот одбор потребно е мнозинство од четири члена. Oд нив зависи судбината на над 830 вработени во Фондот. Синдикатот вели просечната бруто плата по вработен е пониска од сите сродни институции, министерства и администрацијата во здравството.
„25% од вработените паѓаат под минимална плата и уште 25% доаѓаат на минимална плата“ – Бранко Аџигогов, претседател на синдикат на ФЗО
Од УПОЗ, пак, велат дека Владата препорачала да се намалат платите, иако нема ингеренеции да се меша во работата на Фондот оти тој е самостојна институција. Деановски потсетува дека по 8 месечни преговори успеале да издејствуваат едвај 15% покачување, а сега се бара уште поголемо намалување.
„Имаме доктори, инспектори, фармацевти кои земаат плата од 25 до 27 илјади денари. Тоа е под секое човечко достоинство. Да бидам гласен и јасен, ова барање е од министерот за финансии, Фатмир Бесими. Тој побара, Владата го поддржа да се намалат платите за 21%. Не знам кај ќе му оди душата на тој човек“ – Трпе Деановски, претседател на УПОЗ
Буџетот на ФЗО е над 46 милијарда денари. Од него за плати на вработените се издвојува околу 1%.
Преземено од: Sitel.mk