„Бест веј инвестмент“, фирма во сопственост на Јордан Мијалков, е новиот сопственик на трите стана и гаража на Водно, а кои беа конфискувани од неговиот татко, Сашо Мијалков, со случајот „Империја“, пишува Призма.
Во ноември овој имот беше продаден на јавно наддавање преку Агенцијата за управување со одземен имот, каде беше свикана и прес-конференција на која тие тврдеа дека биле заплашувани од сопствениците на имотот при самите обиди за продажба.
Станува збор за два елитни стана на улицата Славејко Арсов од 73 квадрати кои се продадени по 102.000 евра, оној од 78 квадрати за 107.000 евра, додека за гаражата од триесетина квадрати, фирмата на Мијалкови платила 20.000 евра.
Синот на Мијалков сега стана газда на овој имот, иако на јавното наддавање е забрането учество на осуденото лице од кого е конфискувана недвижноста.
Сопственик на „Бест веј инвестмент“ е Јордан Мијалков, а фирмата е формирана во есента 2015 година.
На 21 година неговиот син Јордан станува сопственик на оваа компанија.
Тој оперира со две бензински пумпи во месноста Смоквица, близу Гевгелија, и уште една во скопска Пинтија.
Преку оваа компанија, Јордан Мијалков има удел и во луксузниот хотел „Мериот“, сместен на самиот скопски плоштад.
Во случајот „Империја“, Јавното Обвинителство од Мијалков конфискуваше имот со проценета вредност од околу 15 милиони евра. Мијалков тогаш призна вина, а доби и три години затвор за предметот во кој беше обвинет за перење пари.
Презмено од: 24info.mk